Д-р Александар Каревски, ортопедски хирург: „Најчести повреди се скршеници на колк, рачен зглоб, бутна коска и потколеница“
Со брзиот напредок во технологијата, особено во роботиката и 3Д печатењето, како и дали овие иновации ја обликуваат иднината на хирургијата?
Првиот драстичен скок беше интернетот - целото знаење на светот го имаме во нашиот џеб и за секоја процедура можеме да бидеме информирани инстантно наместо да очекуваме некоја конференција или конгрес за да ја дознаеме.
Технологијата, после едно плато во развојот, во последните години доживува експоненцијален раст при имплементацијата во медицината, а особено во хирургијата.
Со развојот на 3Д печатењето се отвора една врата за индивидуализирани решенија за секој пациент, можноста за дизајнирање на нов инструментариум не е веќе привилегија само на огромните компании, туку му е достапна буквално на секој доктор.
Роботиката дозволува прецизност која била незамислива претходно, па за некои операции ви дозволува да оперирате пациент кој е на илјадници километри од вас.
Како главен проблем за имплементацијата на сѐ што е ново е апсолутната потреба докторите да бидат во тек со истата и да ја разберат, но можеби и најтешкото е болниците и нивните менаџменти да бидат поддржувачи на иновацијата, а не да ја задушуваат поради финансии или нечие его.
Кога би можеле да извршите операција на која било локација во светот, каде би била таа и зошто?
Секако тоа би била некоја од водечките ортопедски установи во светот затоа што ако сте поканети таму, значи дека сте некој кој е единствен или барем еден од ретките кој може да изведе некој зафат во вашата област, што е сон на секој доктор.
Секако, не би било лошо да се види и како изгледа кога имате идеални услови за работа.
Доколку ортопедската хирургија не постоеше како област, со која професија би се занимавале?
Мојата втора професионална љубов се информатичките технологии и електрониката со кои се занимавам во слободното време и беа дел од моите размислувања за градење кариера, но сепак решив дека е подобро да бидам самоук информатичар отколку самоук лекар.
Каков совет би му дале на некој што размислува за кариера во ортопедска хирургија? Дали има иднина за оваа професија во нашата земја?
Тешко е да се советува некој за иднината на медицината во нашата земја. Нашиот здравствен систем во моментов е далеку од добар како за пациентите, така и за лекарите.
Не знам каква иднина очекуваме кога сме вложиле 0 денари за истражувања во последните 10 години, кога со месечните примања лекар не може да си ја дозволи светската литература, учествата на конгреси се на милост на приватни компании, најуспешните со сила ги бркаме во други држави затоа што не се партиски активисти, кога здравството е централизирано во еден град, а пациентите или немаат пристап, или долго чекаат за потребната здравствена услуга.
Надежта последна умира, но не сум сигурен дека може да го преживее сегашниов наш здравствен систем.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е.П. | Црнобело