Александар од Радовиш е етномузиколог во Виена: „Македонско девојче е светски хит – ја знаат од Хаваи до Монголија“

„Оркестарот Александар е производ на моите музички предавања работилници и часови, и е отворен за сите кои сакаат да изучуваат македонски народни инструменти ора и песни. Членови на оркестарот се претежно Австријци, но има и Македонци, Бугари, Срби“ – раскажува за CRNOBELO.com Александар Арабаџиев, етномузиколог, кој во Виена основал оркестар за традиционални македонски музички инструменти.

aleksandar-od-radovish-e-etnomuzikolog-vo-viena-makedonsko-devojche-e-svetski-hit-ja-znaat-od-havai-do-mongolija-01.jpg

Александар Арабаџиев (38) е наш етномузиколог, кој веќе неколку години живее и работи во Виена, Австрија, каде што ја пренесува нашата музичка традиција и фолклор.

Тој е момчето со тамбурата опфатено во редовната поставка во музејот Ethos Mozzart во Виена, а со години наназад дава часови по традиционални македонски музички инструменти и веќе има формирано свој оркестар со кој настапува низ цел свет и ја шири приказната за Македонија, преку нашата изворна музика.

aleksandar-od-radovish-e-etnomuzikolog-vo-viena-makedonsko-devojche-e-svetski-hit-ja-znaat-od-havai-do-mongolija-02.jpg

Александар, во Австрија го надоградува образованието започнато во Македонија, а со него разговаравме на повеќе теми, поврзани за неговиот живот и творештво таму.

Тој е по потекло од Радовиш и гордо вели дека има корени од егејските краишта, а во интервју за CRNOBELO.com, ни раскажа детално за неговите почетоци со фолклорната музика, за тоа како успеал да формира свој оркестар во Виена и како денес ја има честа да работи и да гостува како предавач и етномузиколог во голем број европски земји.

Следува целото интервју со Александар:

Од каде љубовта кон изворните инструменти и изворната македонска музика? Се сеќаваш ли кој беше првиот инструмент на кој свиреше и колку години имаше тогаш?

Интересна приказна е тоа. Како мал растејќи во музичка фамилија бев опкружен со многу инструменти, пред сѐ гитара и тапани на кои свиреше татко ми.

Меѓутоа јас си бев игроорец и не сакав да се занимавам многу со свирење.

Ми изгледаше многу напорно сериозно да се занимавам со тоа, затоа што гледав школски другари кои немаа никаков музички талент, а одеа во основно музичко училиште и мораа да вежбаат со часови.

Мене тоа ми изгледаше многу досадно, јас сакав само да свирам и да играм и да ја уживам музиката.

Имав талент, кога и да фатев инструмент во рака, свирев, но, никогаш не изразив желба да се занимавам професионално со тоа, сѐ додека не тргнав во средно музичко училиште каде ми го открија талентот и почнаа професорите да ме форсираат да свирам некој локален инструмент.

Се сеќавам, брат ми имаше професионален дудук (сворче), како подарок од татко ми, како замена за кларинет, кој многу го посакуваше, а не можеше да го свири зошто беше многу мал.

Така по првите успеси и настапи на сворчето на 14 години, со локални ора како „Маца вода лила“, „Кукуригу петле“, „Осмица“ итн., инспириран и заљубен во традицијата до уши, отидов во шопската маала во Радовиш, кај локалниот мајстор Лазо Трајков по потекло од шопските предели (Шипковица) и нарачав гајда и двојанка. И така почна сѐ.

aleksandar-od-radovish-e-etnomuzikolog-vo-viena-makedonsko-devojche-e-svetski-hit-ja-znaat-od-havai-do-mongolija-05.jpg

На колку инструменти свириш и кој ти е омилен... Зошто?

Тоа прашање ми го поставуваа од самиот почеток на мојата музичка кариера.

Интересно е што во нашата музичка традиција оркестрацијата е релативно ново и модерно нешто.

Така кога Пеце Атанасовски, со Живко Фирфов го создале Народниот оркестар во рамките на Радио Скопје, му оставил на секој инструмент посебно место да се истакне со неколку фрази за да ја истакне неговата посебност.

Тие инструменти се собрани од различни краеви на Македонија кои порано никогаш не свиреле заедно.

Направен е еден прекрасен музички амалгам, оркестар кој ќе биде стожер на македонскиот музички идентитет после Втората светска војна.

Затоа секоја фраза нормално е специфична за еден музички инструмент.

Тоа значи дека секоја фраза во принцип сакам да ја свирам со различен инструмент за да биде тоа-тоа.

Секако може да се свират скоро сите фрази со сите инструменти, но јас сум многу навлезен во проблематиката и мене ушите ме болат и не дозволуваат многу излегувања од концептот, секако во тој традиционален изворен контекст...

aleksandar-od-radovish-e-etnomuzikolog-vo-viena-makedonsko-devojche-e-svetski-hit-ja-znaat-od-havai-do-mongolija-09.jpg

На свадби и на свирки изведуваме сѐ и сешто за да ја задоволиме публиката.

Да се вратам на прашањето, долго време немав одговор сѐ додека пред околу 20 години не слушнав како глумец прашан слично прашање, рече дека љубовта кога се дели се умножува и како мајка што не може да каже кое дете најмногу го сака, и секое ново исто го сака како останатите и не и се намалува љубовта кон другите деца со секое ново родено, така е и во мојот случај со инструментите.

Тоа е една посебна врска на душата на уметникот со инструментот и за тоа во иднина ќе пишувам здравје Боже, многу.

Додека бев во Македонија, мислев дека свирам многу инструменти. Кај нас не е реткост да се сретнат мулти-инструменталисти, посебно во изворниот сектор.

Причина за тоа е неразвиената гранка на музичката пракса во однос на народните музички инструменти. А тоа кажува многу во каква држава живееме.

Можеби е добро а можеби не, не судам.

Штом луѓето немаат потреба од развој, значи сѐ е супер, но по кратко време, музичарите ги совладуваат основите на инструментот и посегнуваат по друг, па по трет и така секој мисли дека свири многу инструменти.

Во тој случај, ако броев ќе речев дека свирам на 20-30 инструменти.

За голема среќа моја, кога дојдов во Виена и кога се соочив со конкуренција и страшни таленти и  уметници од цел свет, сфатив дека не свирам ни еден, и едвај можев да се издвојам и бидам забележан со неколку и тоа затоа што бев единствен и посебен во тоа што го работам.

Со тек на време, со многу работа и труд, вежбање, книги и истражување можам да кажам дека професионално свирам 3-4 инструменти. Другите 40 ми се за ефекти во студио.

Секако, кавалот ми е на прво место, за галење на душата, гајдата за на оро, тамбурата за седенки...

aleksandar-od-radovish-e-etnomuzikolog-vo-viena-makedonsko-devojche-e-svetski-hit-ja-znaat-od-havai-do-mongolija-16.jpg

Заврши факултет за етнологија во Македонија, па потоа се пресели во Австрија... Што е она што те натера да си заминеш од родната земја и колку време живееш во Австрија?

Да бидам искрен? Политичарите. Јас го поминав најлесниот факултет во Македонија во читална, затоа што бев неизмерно вљубен во материјата. И пак не стигнав просек 9, и доживеав многу интересни случки, но не се бунев никогаш.

Бев дете и мислев дека професорите имаат одговорност да делат како мислат, а квалитетот ќе се види на крај.

Сепак покрај навремено дипломирање (втор во генерација), изморен од Скопје посакав да се вратам во Радовиш и да работам за мојот град и регион.

Се отвори за моја среќа работно место во Дом на култура - Радовиш и коцките беа поклопени.

aleksandar-od-radovish-e-etnomuzikolog-vo-viena-makedonsko-devojche-e-svetski-hit-ja-znaat-od-havai-do-mongolija-04.jpg

За моја несреќа, а подоцна сфатив дека било среќа, во последен момент наместија личност со 6-ка просек што завршила по стара програма (етнологија како гранка на географија), која студирала долги години и завршена со партиски врски.

Но, најголемото разочарување не беше тоа, туку пораката која стигна со информацијата дека не сум примен на работа, во пакет со изговор дека девојката што ја вработиле варела 10 години кафе во штаб…

Тоа ме заболе до срж и јас сфатив дека таа земја не е моја, моите предци-херои имале сосема други идеали за кои гинеле, а овие нѐ бркаат за кафекуварки. И дека јас не сакам да оставам една капка пот во тој брод кој тоне, кој е една тажна политичка бајка.

Во Виена завршив за 2 години магистерски студии (пак втор во генерација), но овојпат со просек 1 (што е рамно на македонска оцена 10).

После неколкугодишна академска пауза заради работа и некои музички проекти, пред година и пол ги почнав докторските студии по етномузикологија кај еден од најдобрите етномузиколози Урсула Хеметек со која работиме на тема „Мигранти и дупли мигранти од денешна С. Македонија во Виена“, истражувајќи го орото како идентитетско обележје, која е тема од урбана етномузикологија.

Имам уште 4 предмета да завршам и секако моментално сум со просек 1.

aleksandar-od-radovish-e-etnomuzikolog-vo-viena-makedonsko-devojche-e-svetski-hit-ja-znaat-od-havai-do-mongolija-03.jpg

Таму работиш на промоција на македонската култура и фолклор? Може ли да ни раскажеш за некои настани и концерти што сте ги организирале?

Тоа што го работам моментално во применетата етномузикологија се вика општествена работа, односно работа во две насоки.

Од една страна е мојата позиција и понуда како уметник, а од друга страна е публиката и побарувачката, она што го бара виенската публика од мене.

Тоа што го знам најдобро и со кое сум единствен на пазарот во Виена е македонското оро и македонската музика.

Тоа значи дека работам на проекти со „Оркестарот Александар“, кој е производ на моите музички предавања работилници и часови, и кој е отворен за сите кои сакаат да изучуваат македонски народни инструменти ора и песни.

Со гордост можам да кажам дека успешно пловиме низ годините и конечно пред 5 години официјално започнавме да настапуваме како „Оркестар Александар“.

Со Оркестарот настапуваме во цела Европа на многу фестивали и настани каде претставуваме македонска изворна музика од цела географска Македонија (Вардар, Егеј, Пирин), а членови на оркестарот се претежно Австријци, но има и Македонци, Бугари, Срби, Хрвати, Роми, Канаѓани, Персијци итн.

Како солист работам на многу различни проекти, бендови и организации со кои низ годините, од српски балови, разноразни фестивали, работилници, школи, за разни фолклорни ансамбли од сите балкански земји (но, најмногу за српските друштва, особено за „Бамби“, кое го сметам за матично друштво), до проекти како Mythos Mozzart, каде бев одбран за еден од  30-те уметници на традиционални инструменти од цел свет да ја свириме Eine kleine Nachtmusik на Моцарт.

Изложбата е отворена во центарот на Виена - Кертнерштрасе и јас со македонска тамбура сум дел  од постојаната поставка на изложбата која годишно е посетена од милиони туристи.

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Д-р Александар Каревски, ортопедски хирург: „Најчести повреди се скршеници на колк, рачен зглоб, бут... „Ликот на пациент кој не верувал дека ќе застане без болка, на млад човек кој ми...
Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Саша Матиќ за CRNOBELO: „Кога сопругата не е дома, со ќерките секогаш правиме ‘фешта’“ „Сите овие години балансирам меѓу семејството и музиката. Се навикнаа и тие и ја...
Милица Павловиќ за CRNOBELO: „Немам емотивен партнер, можеби Македонец ми е судбина“ „Да не беа моите баба и дедо, немаше да сум толку решителна. Нивните крилја ми б...
Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги ... „На 6 години добив брат, а многу сакав сестра. Родителите ми велеа дека ќе имам ...
Марија Шерифовиќ за CRNOBELO: „Сите мајки за своите деца велат дека се најмили, ама мојот син е љубо... „Откако станав мајка веќе немам време да се релаксирам, сфатив дека ова е хаос и...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg