Д-р Стефан Арсенков направи прва операција со очила со виртуелна реалност: „Со гестикулација со раката го местев просторот за да гледам каде да оперирам“

„Лапароскопијата се изведува со една камера која се внесува во телото на пациентот за се добие слика за тоа што се оперира. Со очилата со виртуелна реалност, хирургот со гестикулација со раката може да си намести каде ќе гледа и што треба да оперира“, вели д-р Стефан Арсенков за CRNOBELO.com, откако ја направи првата операција кај нас со помош на оваа технологија.

d-r-stefan-arsenkov-napravi-prva-operacija-so-ochila-so-virtuelna-realnost-so-gestikulacija-so-rakata-go-mestev-prostorot-za-da-gledam-kaj-da-operiram-01.jpg

Д-р Стефан Арсенков (35) од Скопје е специјалист по абдоменална хирургија, но и ко-основач на 3DLoom, компанија која изработува 3Д модели на органи, а со чија помош нашите хирурзи и нивните пациенти полесно се подготвуваат за операциите.

Преку оваа компанија неодамна беше изработен и прв 3Д модел на срце на 2-месечно бебенце, по што лекарите направија успешна операција за да го спасат животот на девојчето.

Д-р Арсенков неодамна директно беше вклучен во уште една револуционерна операција кај нас, каде на пациент му беше отстрането жолчно ќесе, а притоа беше користена технологија со виртуелна реалност.

d-r-stefan-arsenkov-napravi-prva-operacija-so-ochila-so-virtuelna-realnost-so-gestikulacija-so-rakata-go-mestev-prostorot-za-da-gledam-kaj-da-operiram-09.JPG

За оваа операција но и за иднината на хирургијата со 3Д модели, д-р Арсенков раскажа во разговорот за CRNOBELO.com:

Вие неодамна ја направивте првата операција за отстранување жолчно ќесе со помош на виртуелна технологија... Кои се придобивките користењето на ВР (виртуелна реалност) очилата во оваа операција, но и за идните операции?

Целта на употребата на оваа технологија е да се подобри ергономијата на хирургот за време на операцијата.

Лапароскопијата како метода е таква што операцијата се изведува со помош на една камера која се внесува во телото на пациентот и така се добива слика за тоа што се оперира.

Оваа слика обично се гледа на монитор, кој не секогаш може да се постави на оптималното место за гледање, односно местото кое најмногу му одговара на хирургот.

Затоа, особено при подолготрајни операции, се случува кај хирурзите да се јават болки во грбот, вратот, рамената...

Кога се користи оваа метода, т.е очилата со виртуелна реалност, хирургот има опција со гестикулација со раката да го намести просторот каде што се гледа сликата, и тоа да биде на место каде што најмногу му одговара.

Тоа значи дека дури и при подолготрајни операции, нема да мора да се држи телото во неприродна положба, и хирургот нема да има болки во мускулите, што го прави поефикасен во работата.

А нормално, од ефикасен хирург најмногу корист има пациентот кој се оперира.

Сè ова се прави со краен резултат - подобрување на грижата која пациентот ја прима.

d-r-stefan-arsenkov-napravi-prva-operacija-so-ochila-so-virtuelna-realnost-so-gestikulacija-so-rakata-go-mestev-prostorot-za-da-gledam-kaj-da-operiram-08.jpeg

Како беа овие очила „поврзани“ со самиот пациент, односно како се вршеше „преносот“ за вие да можете да видите што се случува во организмот и на местата кај што оперирате?

Ни беа потребни повеќе обиди за да го најдеме идеалниот начин за добивање на сликата, за да се осигуриме дека нема да има каснење или намалување на квалитетот на сликата што ја гледаме.

Техничкиот дел од работата за тоа како стигнавме до адекватно поврзување без никакви реперкусии по сликата е дело на Огнен Плавевски, исто така ко-основач и директор на технологија и икт во 3DLoom.

Дали операцијата на овој начин е 100% безбедна и дали е сликата реална или може да се направи погрешна проценка, некакво „изместување“ што би предизвикало компликации?

Би отишол до таму што би рекол дека е дури и побезбедна, затоа што се обезбедува уште еден начин на гледање на сликата, додатен на стандардниот.

Дури и да се случи некаква дисфункција во еден од начините на добивање на сликата - го имаме вториот.

А, во случај да има каков било проблем со очилата за ВР, на хирургот му се потребни буквално 2-3 секунди да ги отстрани и да продолжи по стандарден пат.

Нам ни беа потребни повеќе обиди и неколку месеци за да сме целосно сигурни дека нема да има никакви промени на сликата, за да бидеме сигурни дека ни во најмал процент не би го загрозиле пациентот.

d-r-stefan-arsenkov-napravi-prva-operacija-so-ochila-so-virtuelna-realnost-so-gestikulacija-so-rakata-go-mestev-prostorot-za-da-gledam-kaj-da-operiram-07.jpg

Дали по првата веќе направивте и втора ваква операција и има ли иницијатива ова да се претвори во постојана пракса?

Втора операција сè уште не сме направиле, но почнав иницијатива да се направи една серија на вакви случаи, со што би можеле да изработиме научно истражување, па и со бројки и адекватен научен метод да докажеме дека оваа технологија е безбедна и добра за користење.

Вие сте поборник за користење и на 3Д технологијата во предоперативниот процес... Што сè може да овозможат овие 3Д модели на органите на пациентите и колку е тоа од помош за лекарите?

Сите луѓе се различни, како на лик - така и внатре.

Анатомијата на секој човек си е уникатна и варијабилна, а за тоа не е возможно секогаш да се добие адекватна претстава додека се гледаат рутинските снимки како КТ или МР.

Затоа, кога хирургот ќе се припреми со идеална реплика на органите на пациентот, не само што ќе може операцијата да се заврши за пократко време, туку тоа е и побезбедно и подобро за пациентот - има помалку постоперативна болка, побрзо се враќа во нормална функција.

d-r-stefan-arsenkov-napravi-prva-operacija-so-ochila-so-virtuelna-realnost-so-gestikulacija-so-rakata-go-mestev-prostorot-za-da-gledam-kaj-da-operiram-03.JPG

Во Скопје неодамна беше извршена операција на срце на бебе за која се користеше 3Д модел од срценцето... Дали бевте и вие дел од тимот кој оперираше или само го изработивте 3Д моделот на срцето?

Да, имаше и на вашиот сајт убава сторија околу тоа.

Ние, како 3DLoom го изработивме моделот, за кој што сум среќен да кажам дека, според кажување на хирурзите, беше од огромна помош, па дури и позитивно влијаеше на изборот за оперативна стратегија.

Со оглед на тоа што мојата специјалност е абдоменална хирургија, не учествував директно во самата операција, затоа што таа ја извршуваат специјалисти по кардиохирургија.

Но, би сакал да напоменам дека пред неколку дена се случи и операција на срце кај возрасен човек, на Клиниката за државна кардиохирургија, водена од д-р Васил Папестиев.

Тој оперираше исклучително ретка и тешка операција, за која исто така изработивме 3Д модел, кој беше од огромна помош.

d-r-stefan-arsenkov-napravi-prva-operacija-so-ochila-so-virtuelna-realnost-so-gestikulacija-so-rakata-go-mestev-prostorot-za-da-gledam-kaj-da-operiram-04.JPG

Ако велите дека наместо рендгенски снимки пациентите во иднина би можеле да одат на лекар со 3Д приказ на органот на кој треба да се интервенира, колку би чинело да се направи 3Д модел, т.е дали секој ќе може да си дозволи такво нешто? Колку време е потребно за изработка на еден орган во 3Д техника?

Иако 3Д моделите се следниот чекор во визуелизација на анатомијата на пациентите, времето и цената на изработка нè спречуваат тоа да го правиме за секој пациент.

Во случаите каде интервенцијата е поедноставна, нема потреба за креирање на 3Д модел.

Но постојат покомплексни случаи, кои се поретки, каде што традиционалните методи за визуелизација на проблемот потфрлаат во поглед на овозможување на едноставно планирање на операцијата.

Со помош на овие 3Д печатени органи, хирурзите добиваат многу подобра подготовка за операцијата, со што помошта и бенефитот е огромен.

Користењето на моделот ја прави операцијата побезбедна и се избегнуваат одредени компликации со што цената е несомнено помала од цената што би ја платил пациентот на кој му се случила компликација.

Така што цената на користењето на 3Д печатениот орган е комплетно заменета со намалувањето на компликации, како и намалувањето на времето за оперирање, што и дополнително ослободува ресурси за оперирање, како операциони сали, и лекари.

3Д печатењето е технологија којашто сама по себе ја враќа инвестицијата која е дадена во неа.

Во поглед на цената, таа варира во зависност од тоа што треба да се испечати, комплексноста на органите, времето на печатење, видот на материјали кои се користат и технологијата која се користи за нивно печатење.

Секој што е заинтересиран, лекар или пациент, може да нè контактира за дополнителни информации на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. или преку формата на нашиот сајт 3dloom.mk.

Во однос на времето за изработка, ние можеме за 72 часа (а, често и помалку) од добивањето на снимката од КТ, да изработиме 3Д печатен модел во рака, а тоа, пак, значи дека третманот на пациентот никогаш не би трпел заради изработка на 3Д модел.

Исто така, со зголемување на волуменот на печатење, гледаме и ова време да го намалиме.

d-r-stefan-arsenkov-napravi-prva-operacija-so-ochila-so-virtuelna-realnost-so-gestikulacija-so-rakata-go-mestev-prostorot-za-da-gledam-kaj-da-operiram-02.jpg

Дали се пациентите скептични во однос на новата технологија или ја прифаќаат со раширени раце со надеж дека операцијата ќе помине полесно и со помала можност за компликации?

Постојат научни студии кои докажуваат дека сите пациенти ги преферираат 3Д печатените модели како метод за комуникација.

Односно, кога лекарот треба да им објасни што е проблемот и како би се извршило лекувањето, пациентите се најентузијастички расположени да го видат истото на реплика од своите органи.

Тоа резултира со подобрена комуникација, доверба и соработка, а тие три фактори се оние кои се клучни за успехот на секое лекување и операција.

d-r-stefan-arsenkov-napravi-prva-operacija-so-ochila-so-virtuelna-realnost-so-gestikulacija-so-rakata-go-mestev-prostorot-za-da-gledam-kaj-da-operiram-06.JPG

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

А. Ј. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Прљаво казалиште“ за CRNOBELO: „Во Прилеп скршив рака, тоа е ‘спомен’ од Македонија што ќе го памта... „Песната Marina е наша 'лична карта' последниве години. Уште пред концерт н...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Каменка од Богданци има пилатес студио во Лондон: „Тука лесно се отвора мал бизнис, потоа давачките ... „За време на факултетските години почнав да барам функционален начин на вежбање ...
Полина Тасева: „Во битолското кабаре се пронајдов себеси, секое излегување на сцената е нов предизви... „На еден настап во кабарето снема струја и ние останавме во темница на сцената.&...
Миа од Скопје игра во серијата „Балканска приказна“: „Сама го научив јазикот, имав само половина час... „На снимањето имаше околу 50 луѓе коишто работат зад камерата, се бара највисоко...
Д-р Иво Паункоски: „Опериравме срце на 2-месечно бебе, првпат користевме 3Д модел да се подготвиме з... „Бебето е првиот пациент со комплексна вродена срцева мана во Македонија, з...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg