Елена од Скопје живее на Азурниот брег во Франција: „За живот мора да го знаете јазикот, Французите обожаваат да им правам зелник и ајвар“
- Детали
- недела, 27 ноември 2022
„Порано никогаш не посакував да живеам надвор од Македонија, за живот во Франција дефинитивно треба да се познава јазикот, Французите си го сакаат своето темпо на живот и не сакаат некои нагли промени, а високите цени дефинитивно се предизвик“ – открива во интервју за CRNOBELO.com, Елена Каракашов, скопјанка која по неколку години живот во Париз, денес живее на југот на Франција.
Југот на Франција е област која мами воздишки со своите природни убавини, брегот на Средоземното Море и песочните плажи.
Голем број познати личности токму таму одат на одмор, а скопјанката Елена Каракашов заедно со семејството има прилика денес да живее таму.
Елена Каракашов (34) години, по потекло e од Скопје, а веќе 6 години со сопругот и ќерката живее на југот од Франција.
Таа е дипломиран педагог и магистер по човекови ресурси, а на нејзиниот профил на Инстаграм редовно споделува фотографии како од нејзините кулинарски ремек дела, така и од природните убавини на Франција.
Во интервју за CRNOBELO.com Елена споделува како изгледа животот на местото што е познато како омилен предел за одмор на познатите и на славните, открива повеќе детали за тоа како дошла до идеја да го започне својот блог за рецепти, но и што е она што на Французите им се допаѓа најмногу од традиционалната македонска кујна...
Зошто токму Франција? Од каде оваа идеја и каде живееш поточно?
Идејата не беше моја, порано никогаш не посакував да живеам надвор од Македонија.
Мојот сопруг после магистерските студии во Франција, имаше предлог да продолжи на докторски студии во Епинал, а тоа автоматски значеше дека ќе биде надвор од Македонија уште најмалку 3 години.
За да го поддржам во неговиот избор, решивме овојпат да заминеме заедно и да креираме наша нова приказна.
Во Епинал склучивме граѓански брак, а подоцна се роди и нашата најголема среќа Емма. По Епинал, 3 години живеевме во секогаш инспиративниот Париз, поточно во една преубава општина Ле Плеси Робансон (Le Plessis-Robinson), од каде имаме најдраги спомени.
Местото е толку бајковито што може само да се доживее, а никако да се долови преку слики. Од неодамна сме на југ, во најтоплиот и најтуристичкиот дел на Франција.
Градот во кој живееме се вика Екс ан Прованс (Aix-en-Provence), а јас искрено се надевам дека повеќе нема да се селиме.
Зошто ти се допадна Франција уште на првото стапнување таму?
Искрена да бидам на првото стапнување не сум сигурна дали ми се допадна. Кога стигнавме беше мислам дека најладната зима во последните години.
Со денови беше мрачно, ладно, врнеше или дожд или снег.
Со оглед на тоа што од Скопје дојдов да живеам во едно мало и мирно гратче како Епинал, ми се смени целиот начин на живот.
Во Скопје си ја имав мојата работа, ги имав моите другарки, моите блиски. Бев навикната на малку побрз живот, повеќе настани…
Кога дојдов во Франција за првпат сето тоа се смени. Епинал е место каде нема многу случувања и каде после 19 часот нема скоро никој на улиците.
Ми требаше време да ми се допадне животот таму. Но, веќе по неколку месеци сè беше поинаку. Стекнавме многу пријатели за цел живот и секогаш со радост се враќаме таму.
Ако веќе зборуваме за љубов на прв поглед, тоа беше дефинитивно нашето второ место на живеење, Le Plessis Robinson.
Уште кога отидовме да разгледаме каде ќе бараме стан за да живееме во парискиот регион, се заљубивме во ова место. Преубаво уредено, пречисто, културно, цветно. Многу зеленило, природа и многу паркови за Емма… Бајка.
Знаевме дека токму тоа е местото каде што сакавме да живееме.
Зошто југот на Франција е уникатно место? Долови ни ја атмосферата оттаму…
Југот на Франција е уникатен најпрво поради Средоземното море, неговиот Азурен брег (La Côte d’azur) или како уште се нарекува Француска ривиера.
Ова е најтоплиот дел од земјата со околу 300 сончеви денови во годината.
Често е тешко да се направи избор меѓу плажите на Медитеранот на југот на Франција, кои се совршени за оние кои сакаат да уживаат во морскиот ветер и да јадат свежо подготвена морска храна под отворено небо.
Понатаму, прекрасните пејзажи од пространи полиња со лаванда во Прованса, ветуваат неверојатна авантура.
Овие виолетови пејзажи се протегаат во далечина онолку колку што може да види окото.
Тука се користи секоја прилика да се направат најубавите фотографии обично на почетокот на летото, јуни – јули.
Јас за вакви фотографии ќе ја чекам следната година, бидејќи оваа дојдовме многу касно.
Има прекрасни мали гратчиња и села со шарени куќи и згради во топли нијанси и бои.
Типични се градбите во жолти, портокалови, кафеави, црвени тонови… Премногу туристи и преполни барови, ресторани, кафулиња.