Елена од Скопје живее на Азурниот брег во Франција: „За живот мора да го знаете јазикот, Французите обожаваат да им правам зелник и ајвар“
Висок ли е стандардот на живот?
Бидејќи ова е туристичко место, стандардот е повисок за разлика од други делови во Франција. Нешто слично како и во Париз. Откако се преселивме не почувствувавме голема разлика.
За пијалак надвор, кафе или пиво цените варираат од 5 до 10 евра.
Имаше ли некој непријатен миг таму?
Искрено не сум имала некои непријатни мигови, освен што сосетката која живее под нас сè уште не може да се навикне на детскиот џагор.
Но, сепак љубезно не потсетува дека и пречиме во одредени делови од денот.
Југот на Франција е мошне позната дестинација за патување. Кои места ти би ги препорачала што треба да се посетат?
Ако јас се прашувам кога веќе некој решил да дојде на одмор на југ, треба да се посети целиот Азурен брег, или што е можно повеќе места.
Навистина има премногу работи да се видат. Ако има и опции со крстарење мислам дека би било одлична идеја.
Како што веќе спомнав, бидејќи од скоро сме во овој дел од Франција допрва ќе откријам кои се најубави дестинации, па ќе споделам со сите вас.
Всушност ние кое место и да го посетиме, секогаш има во кратките приказни (Стори) на Инстаграм. Секогаш гледам да споделам дел од атмосферата во одредено место, преку мојата перспектива.
Па, препорачувам на сите што не читаат, да следат на Инстаграм. Ќе посетиме заедно многу убави места, ветувам!
Кои се предизвиците, но и предностите на животот таму?
Предизвик е цената на животот тука. Сè е многу поскапо за разлика од другите делови во Франција.
Предностите се како и секаде во Франција не само на југ, квалитетен начин на живот, добар здравствен и социјален систем, висококвалитетен образовен систем, безбедност на работно место…
Од друга страна близината на морето, медитеранската клима, сончевите денови, за мене беа најголем мотив да дојдам да живеам на југ.
Париз е преубав, преинспиративен, но често знае да биде сив и студен. Тоа е единственото нешто што ми пречеше додека живеев таму.
Би се вратила ли да живееш во Македонија некогаш?
Во Македонија ништо не ми е пречка да се вратам кога ќе посакам, иако моментално не би го направила тоа.
Си го имаме нашиот мир тука, добро функционираме, го прифативме овој начин на живот, и можам да кажам дека за сега се чувствуваме задоволни.
Ова е мое моментално мислење, можеби да ме прашате после 10 години, ќе биде поинаку.
Од каде идејата за блог за храна?
Идејата се роди непосредно откако почнав да живеам во Франција. Често сликав сè што ме прави среќна, а најмногу храна, па решив тоа да го споделам со другите.
Можеби од друга страна тоа ми беше еден филтер, или начин да се поврзам со луѓето кои ми недостигаа во тој момент и одеднаш да комуницирам со сите нив, а воедно стекнав и нови пријателства.
Како друг мотив за почнување на блогот за храна беше фактот дека ми недостигаше топлата и мирислива кујна на мајка ми, па многу често ги подготвував нејзините јадења. Навистина кога ќе размислам не беше ништо планирано ниту пак имав некоја намера …
Едноставно така си дојде само по себе. За жал блогот не е активен бидејќи толку ми дозволува времето, но затоа на Инстаграм профилот@pomojvkus може да се најдат сите рецепти детално објаснети, некои со слики а некои и со видеа.
Секој еден рецепт е направен и споделен со многу љубов. Сето тоа што може да го видите на Инстаграм се јадења кои се подготвени за нас самите дома, а споделени со сите вас, за уште поголемо уживање.
Од каде најчесто наоѓаш инспирација за рецептите што ги споделуваш?
Типот на рецептите многу се измени од почетокот до сега, и верувам дека уште ќе се менува. На почетокот инспирација ми беа традиционалните јадења, домашната кујна, со внес на некои мои идеи за да ги направам тие јадења уште поинтересни или поедноставни и да бидат токму по мој вкус.
Сега веќе на Инстаграм профилот покрај првите може да се најдат и „поздрави“ идеи за рецепти, инспирирана од промената на начинот на живот, начинот на исхрана. Некои јадења се инспирација и од француската кујна или од тоа што сум видела дека ми се допаѓа тука па сум го вметнала во некој наше традиционално јадење или често подготвувано јадење дома. Тој микс од двете кујни дава секогаш супер резултат.
Денес има безброј сајтови на интернет со рецепти за храна, блогери за храна, познати готвачи и слично од каде лесно е да најдеме инспирација за оброците во секојдневието.
Не сакам да звучи клише, но е најголема вистина е дека инспирација ми се и луѓето кои ме следат, кои ми даваат позитивен фидбек кога ќе пробаат некој мој рецепт. Тоа ми значи премногу. Така знам дека сум на вистинскиот пат и сум уште помотивирана да направам нешто ново и заедно да уживаме во вкусовите од Франција до Македонија, па и низ цел свет.
Подготвуваш ли македонски специјалитети за пријателите во Франција и кои традиционални рецепти најмногу им се допаѓаат?
Секако дека да и секогаш со задоволство. Не знам попрво што да спремам. Секогаш кога вечераме со пријатели дома, најавено е дека сакаат да пробаат нешто традиционално.
Бидејќи Французите се големи гурмани сакаат да пробуваат многу нови јадења и знаат како да уживаат во тоа.
Најчесто на мени е домашна пита или зелник, што секогаш поминува најуспешно, разни пинџурчиња, гравче на тавче, мусака, селско месо.
Ајвар нема кој не пробал, а да не обожава, па често знаеме да донесеме од Македонија тегла плус, за некои од пријателите што ни се тука.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело