Параглајдер, лет со балон: Македонка за секој роденден прави нешто за првпат во животот (фото)
- Детали
- недела, 25 септември 2022
„Од 45-тиот роденден, па наваму секој роденден правам нешто за првпат во животот. Сега, за 50-тиот роденден имав лет со хеликоптер над планински масив меѓу Киргистан, Казахстан и Кина. Пред тоа за родендените возев АТВ, летав со параглајдер и што уште не …“, споделува инспиративната Миленка Шаровиќ од Скопје за CRNOBELO.com.
Миленка Шаровиќ од Скопје е фармацевт – специјалист по фармакоинформатика, активен планинар и мајка на две деца, која 50-тиот роденден го прослави на уникатен начин со хеликоптерски лет меѓу врвовите на планинскиот масив Тиен Шан, на границата меѓу Киргистан, Казахстан и Кина.
Интересно е што таа од 45-тиот роденден, па наваму одлучила секој роденден да направи нешто за првпат.
За CRNOBELO.com Миленка открива како одлучила да го прави ова:
„Некаде прочитав дека старееме тогаш кога ќе го закопаме детето кое е во нас, кога ќе ја изгубиме љубопитноста и желбата за откривање и доживување на нови нешта.
Прашањето ’Кога последен пат сте направиле нешто за првпат?‘ ми го промени животот.
На ова прашање случајно налетав пред 5-6 години и тогаш донесов некои одлуки. Си ветив дека ќе го негувам детето во себе, па на мојот 45-ти роденден си зададов предизвик секоја година да направам нешто за првпат, нешто што ќе ме извади од комфорната зона, што ќе ми отвори нови видици, можности или едноставно – да реализирам некое ново доживување.
Тогаш, за 45-иот роденден, првпат летнав со тандем-параглајдер, што многу ми се допадна, па продолжив да летам и сама.
Потоа следуваа тандем-падобрански скок; качување на првата 5-илјадарка (планински врв со над 5.000 мнв.), а потоа следеа и 6 и 7-илјадарки; имав прв FaceBook-Live (имав, и имам трема од јавни настапи во секаква форма, но не сакам тоа да ме ограничува), за потоа во пандемиската изолација да ги имам 20-тина во низа за да внесувам доза на позитивно расположение и надеж.
Летав со балон над Бислимска Клисура (да, и во Македонија тоа го има), а она што оваа година го посветив на овој предизвик беше мојот прв хеликоптерскиот лет меѓу врвовите на планинскиот масив Тиен Шан, на границата меѓу Киргистан, Казахстан и Кина.
Таму заминав за искачување на врвот Кан Тенгри и хеликоптерот е единствениот пристап до базниот камп. Како многу од врвовите на Тиен Шан, и овие врвови се повисоки од висината на лет на хеликоптерите, летот беше меѓу нив, што овозможи неверојатна перспектива и глетки.
Ниедна слика или видео не може да ја долови величественоста и моќта на овој масив, но сепак, сликите и видеата се запис за едно сеќавање на кое во иднина може да се навратиш.
Така е и за мене. Кан Тенгри не ми дозволи да го качам, но ми дозволи да реализирам една авантура и доживување кое содржеше и себе-откривачка и духовна димензија.
Видеото што го објавив за мене е мемориски потсетник за тоа што било, а за сите останати е повик да го живеат животот со полн здив.“
Прочитајте и Миленка Шаровиќ: „Мон Блан ми беше тест да видам од каков материјал сум направена“
Повеќе роденденски фотографии од Миленка Шаровиќ, во последните 5 години:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело