Како изгледа денес Елеонора Капсималева – девојчето што ја испеа „Дувна ветре развигорче“ во 1990-та година?
- Детали
- недела, 03 март 2024
„Кога ја отпеав песната, бев навистина многу мала. Имав 6 години, а бидејќи како дете бев многу темпераментна, се сеќавам дека целиот настап беше организиран така што после моето пеење, дел од мојата фамилија да излезе со букети цвеќиња, а татко ми да биде до бината додека настапувам“ – раскажува за CRNOBELO.com Елеонора Капсималева која во 1990-та година ја испеа „Дувна ветре развигорче“.
Песната „Дувна ветре“ премиерно беше отпеана во далечната 1975-та година од страна на Весна Бучкова, а 15 години подоцна, Елеонора Капсималева имаше чест да направи нова и поинаква верзија на истата песна, која денес најчесто се слуша и се пушта на роденденски забави.
Заразната мелодија, во која публиката треба да плесне трипати по првиот и вториот стих, и ден-денес е меѓу омилените кај децата, но и кај возрасните, кои носталгично се присетуваат на времето кога беа деца.
https://www.youtube.com/watch?v=p3ne4EefHXE
Како денес изгледа девојчето што во далечната 1990-та година ја испеа песната „Дувна ветре развигорче?“ Каде е и што прави? Дали е горда кога луѓето ќе ја препознаат на улица или, пак, се труди да помине незабележано?
Како учеството на повеќе детски фестивали се одразило врз неа како личност?
На овие теми разговаравме со Елеонора Капсималева, која ќе остане запаметена како девојчето кое отпеа една од најпознатите македонски детски песнички.
Елеонора денес има 40 години и е вработена како оперативен менаџер за човечки ресурси во англиска телекомуникациска компанија.
Таа е мајка на две убави девојчиња, а за читателите на CRNOBELO.com се присети на убавиот период од нејзиното детство кога имала можност да испее една од детските песнички кои сè уште се пеат.
Во продолжение, целото интервју со Елеонора:
Колку години имаше кога ја отпеа „Дувна ветре развигорче“ и како дојде до тоа, токму ти да ја отпееш таа песна?
Во 1990 година, во градинката која ја посетував, дојдоа претставници од „Златно славејче“, да направат аудиција на дечињата за фестивалот.
И убаво се сеќавам дека сите дечиња имаа задача да испеат песничка за да можат да проценат дали постои некаква можност да бидеме примени и да одиме во хорот на „Златно славејче“.
Во тоа време не можеше секој да учествува, ниту, пак, се плаќаше некаква партиципација за да пееш во хорот или да бидеш солист и да имаш своја песна.
Знам дека испеав, а претставниците веднаш ги контактираа моите родители дека е потребно и пожелно да ме носат на пробите кои се одржуваа за фестивалот „Златно славејче“.
Само што започнав да одам, беше јубилејот на „Златно славејче“ таа година, и се изведуваа сите песни кои беа хитови од изминатите години, па тогаш се одлучи јас да бидам солист на песната „Дувна ветре развигорче“ и да ја испеам на свој начин.
Секако, оригиналот е испеан во 1975 година.
Кои се твоите најубави сеќавања од тој период?
Тој период е полн со многу убави спомени и прошетки, нови запознавања и другарчиња низ цела Македонија.
Се сеќавам дека во секој град каде одевме и имавме настапи, требаше некое другарче од тој град да нè земе со дозвола на неговите родители, да останеме во нивниот дом на размена.
Ги паметам и после тие разделби од другарчињата каде што сме преспале, и сите оние долгогодишни допишувања со писма кои сега се буквално незамисливи бидејќи технологијата е напредната и такво нешто повеќе не се практикува.
Го помниш ли сè уште настапот и се сеќаваш ли како течеа подготовките?
Најмногу ги паметам подготовките и часовите кога се снимаше песната, бидејќи беа доста напорни и долги, меѓутоа поддршката од моите родители во тој период беше секогаш присутна.
Секогаш беа тука на сите мои снимања, настапи, секојдневни проби...
Тука беа за мене за да можам да го издржам тој притисок со кој се соочив на таа возраст.
Кога ја отпеав песната, бев навистина многу мала. Имав 6 години, а бидејќи како дете бев многу темпераментна, се сеќавам дека целиот настап беше организиран така што после моето пеење, дел од мојата фамилија излезе со букети цвеќиња, а татко ми да биде до бината додека настапувам.
И ден-денес се смееме за тој настап каде што татко ми знае да се пошегува дека бил до бината цело време да ми дава поддршка, во случај да ми текне да си заминам кога ќе ја видам таа маса луѓе и огромна публика која ќе аплаудира на песната.
Ама, цврсто застанав и ја испеав песната со цело срце.