Миленка Шаровиќ: „Мон Блан ми беше тест да видам од каков материјал сум направена“
- Детали
- петок, 23 ноември 2018
„Мајка сум на две деца, ми велеа дека сум „шмизла“, дека не можам јас да го направам тоа, но во 40-тите години од животот доживеав комплетна психо-физичка трансформација, почнав да планинарам и сега сум зависник од природата“, вели скопјанката Милена Шаровиќ.
Миленка Шаровиќ е 46-годишен фармацевт - специјалист по фармакоинформатика, 7 години рекреативен планинар, а последната година и активен.
Нејзината вљубеност во планината е мотивирачка и порачува дека мора да запомниме дека тешките времиња не траат долго, но силните луѓе траат.
Таа е силна, истрајна и посветена на своите цели. Вели дека природата е неверојатно „заразна“. Еднаш, два пати и се навлекуваш...
За нејзината љубов кон планината Миленка проговори за CRNOBELO.com:
Од каде мотивацијата да започнете со планинарење? Со сопругот Рино сте веќе 20 години заедно, а изгледа дека една од главните магични состојки во вашиот брак очигледно е страста кон природата и авантурите. Дали навистина е така?
Мотивот е врзан со тажен и трагичен настан... Член од семејството трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа. Планината, особено Матка и Водно, му беа омилена дестинација за релаксација и тренинг. Сакајќи да го славиме животот, решивме роденденот да го одбележиме со меморијална тура Матка – Водно, која прерасна во традиција.
Првата година со сопругот Рино едвај ја изодевме турата, со одлука дека за следната нема да бидеме вакви „дунстери“ и ќе бидеме поспремни. И така бидна. Почнавме секоја недела да одиме на Водно, која е прекрасна планина на дофат на градот и на секого, со патеки за сечија спремност.
Планинарењето стана активност која нè поврзува... молчешкум, без многу зборување, совршено се разбиравме. Кога ќе отвориш една врата, не знаеш колку други има зад неа и што сè можеш да искусиш. Станавме дел од ПСД Макпетрол, кругот на пријатели и познаници се ширеше, секој со некоја нова приказна, нов предизвик... Едноставно одеднаш видокругот и можностите неверојатно се зголемија, времето не само како да ни застана, туку како да почна да врти наназад.
Дружејќи се со млади и позитивни луѓе, како што се повеќето планинари, и ние се подмладивме, и духовно, и ментално и физички до степен што вклучив и други спортови. Почнав со велосипедизам, како и со малку поадреналинските параглајдинг и спортско качување.
Кои македонски врвови сте ги освоиле досега? И кое е местото каде одново и одново се враќате и од чија убавина не можете да се наситите?
Не можам да се пофалам со многу искачени македонски врвови. Солунска Глава, Кораб, Титов Врв и врвовите до него по зимската маркација – Антени, Карабунар, Бакардан, потоа Плат, Љуботен, Веливар, Шуплива Стена, Црн Камен, Миленков Камен...
Планинарејќи заедно со сопругот, и со 2, сега веќе големи, но до пред некоја година и не така големи сина, Водно и Матка ни беа единствените дестинации достапни за редовни активности и традиционалната ноемвриска тура на Љуботен.
Можам да кажам дека за Љуботен сме емотивно врзани. Љуботен ни беше единствената сериозна дестинација која ни даваше можност да се чувствуваме како планинари, да се идентификуваме и претставуваме како планинари, и на некој начин ни беше и мерка, референтен стандард, дали сме напреднале од претходната година или не.
Секоја година во ноември одевме на Љуботен, и секоја година беше различен. Некогаш зимски, некогаш пролетен, некогаш сончев, некогаш маглив и облачен, некогаш мирен, а некогаш до бескрај ветровит... Така што да - Љуботен е врвот на кој секогаш одново и одново се враќаме. Тој е единствениот врв на кој сме биле повеќе пати.
Сите тури што ги направивме есенва беа вистинско уживање. Само есента може да ги обои планините од зелена, преку портокалова, жолта, златна, кафена, црвена... сите бои така убаво измешани што даваат едноставно глетка што не може да се опише.
Ќе ги споменам и искачувањето на Руен од страна на рудникот Саса, Кораб, Шара, Дешат, Караџица... едноставно сите. Македонија е преубава, но за жал малку ја познаваме или поинаку кажано - малкумина се тие што добро ја познаваат. Јас сè уште не се вбројувам во таа група, но со тек на време и тоа ќе биде.
Кај младите како планинарењето да стана тренд, а сè поголем е бројот на луѓе што одат на организирани планинарски тури. На што се должи ова и која е таа моќ на планината поради која сите што биле барем еднаш на планинарење нè сопреле оттогаш?
Има повеќе фактори, но пред сè свесноста за потребата од подолг престој во природа, а уште повеќе од активен престој во природа. Информацијата денес е подостапна од кога било досега.
Луѓето се информираат за благодатите и неопходноста од физичка активност, сончева светлина, чист воздух, расудуваат и најважно - прават обиди и прочитаното го ставаат на проба. А природата е неверојатно „заразна“. Еднаш, два пати и се навлекуваш...
Тука планинарењето е во предност во однос на другите активности што е погодно за секоја возраст, за секоја физичка спрема, и ако е за рекреативни цели, не бара некоја посебна инвестиција. Доволно е добри планинарски чевли, јакна, ранец и други додатоци кои може да се најдат по многу коректни цени, а се употребуваат долго.
Ова, секако не важи за зимските тури и по нашите планини, а секако особено не за посериозни меѓународни акции и експедиции. Генерално планинарењето е достапно за сите. Планини и патеки имаме доста. Потребни се само желба, одлука и истрајност.
Останатите фактори - подобрената инфраструктура, пристапност, маркирањето на патеките, социјалните медиуми, „модата“... секако си имаат свое место во одржувањето на магијата наречена „планина“.
За време на организираните тури, што се случува со почетниците кои немаат сила и истрајност да издржат до крај? Што би им препорачалe?
Активноста дома или во теретана не значи воедно и спремност за планинарење. Организираните планинарски тури најчесто се долги и по повеќе од 10-15 километри (можеби исклучок се локалните активности), и кога на тоа ќе се додаде висинската разлика што се совладува... резултатот е сериозна активност што бара подеднакво и сила и кондиција и концентрација.
Неповолните временски услови кои знаат да настанат и за време од само неколку минути бараат уште поголема спремност и физичка и психичка и ментална. Човек треба да се познава себеси, кои му се потребите за храна, за вода, како реагира во различни ситуации, кои му се слабостите, а тоа може само преку самоспознавање во реални услови, во реално време и најважно - постепено.
Затоа најбезбедно е да се почне на полесна тура, со учесници кои веќе имаат планинарско искуство и кои може да дадат совет за некоја конкретна ситуација или проблем, а кој совет секако треба да се почитува и следи, за на следната тура веќе да не биде проблем. Должината на патеката, тежината, треба да се зголемуваат, но тоа да биде во согласност со сопствената психо-физичка спремност.
Споредбата со кого било, освен со претходната верзија на себе, е нецелисходна. Планината е тука, а секое форсирање кое може да доведе до повреда, несреќа, „прегорување“ може да те оддели на подолго, па дури и засекогаш.
Затоа, постепено, слушајте се себеси, слушајте ги и поискусните, особено во делот на облека, опрема и безбедноста во планина.
Без што еден планинар не смее да појде на планина?
На врвот на листата се чевли, облека и опрема соодветни за очекуваните временски услови, доволно вода и храна – тежински лесна, а енергетски богата. Добро е барем еден учесник во турата да има сет за прва помош, вклучително и антишок терапија, кои ќе знае и да ги употребува.
Од ранец не ја вадам ниту челната ламба, а секогаш, и лете и зиме, со себе имам и бивак-вреќа која во лоши временски услови може нема да ми направи да ми биде топло, но доволно ќе ме заштити.
Планината е апсолутно непредвидлива и никогаш, ама баш никогаш не треба да се потцени. Само во неколку минути од лето може да стане зима, може да се изгубиш, залуташ во магла, може да си присилен да преноќиш во планина и тоа парче опрема големо колку тупаница може да ти го спаси животот.
Најубавото планинарско искуство досега...
Сите! Секоја планина, секоја акција си има своја убавина. Она што го носиш со себе, како расположение, волја, желба да се дружиш и решеност да си поминеш убаво, во комбинација со убави луѓе и дружба, како и со убавината на природата околу тебе, без разлика дали е тоа ливада, шума, голи карпи, небо, пролетно зеленило, летна жега, есенска шареноликост или зимско белило, што и да е, секоја творба на природата е преубава.
Сето тоа прави „баш ова“ доживување да ти е најубавото. До следното најубаво, и следното и така сите.
Најлошото планинарско искуство досега...
Па, нема такво. Сè било некаква лекција од која сум извлекла поука или сум научила нешто за себе. Можеби најмногу страв сум почувствувала на почетокот и тоа на Водно.
Ноември/декември, прекрасен ден, јас нели „искусен“ планинар кој неколку пати се качил на Водно, бев сама, си поуживав на Крстот, но го превидов фактот дека денот е скратен и дека планината нагоре не изгледа исто со планината надолу. Штотуку почнав да се спуштам, почна да се смрачува, да се замаглува, мене почна да ми студи зашто не бев спремна за такво заладување, со главата пикната во јакната.
Го утнав исклучувањето кон патеката по која дојдов и која ја знаев и, по извесно одење, сфатив дека ниту знам кај сум, ниту имам мрежа на телефонот некого да повикам. А и да повикам... што да кажам? Кај сум? По кратко време дојдов до двоење со 3 опции. И сега каде?
За среќа, од нигде никаде се појавија двајца, од кои едниот очигледно знаеше каде е, па на другиот му објаснуваше која патека каде води. Ја добив потребната информација, не требаше да одам по иста патека со нив, и така сама, брзо, обѕирајќи се на сите страни со страв од секој звук, со срце во петици, кога конечно стасав до средно Водно каде бев паркирана, и конечно ми олесна.
Многу поуки излегоа од ова – пожелно е да не одам сама, а ако веќе одам да ги земам сите фактори предвид за искачување, ама и за симнување, а да оставам можност и за нешто непредвидено. Дури и да сум сама – да се приклучам на некоја група, добро е секогаш да имам одвишок вода, храна, и некое парче облека, добро е секогаш со себе да си ја имам и челната ламба...
Колку често одите на планинарски експедиции? Кој е највисокиот врв што го имате освоено досега?
Сериозното планинарење е еден вид новост кај мене. По локално планинарење повеќе години, лани, во јуни 2017, прв пат отидов на рафтинг на Тара со ПСД Макпетрол, а искачувањето на Маглиќ, највисокиот врв во БиХ, беше дел од планот. Тука видов дека годините работа на себе во делот на добивање сила и кондиција веќе се исплатиле, па турата ми беше релативно лесна.
Потоа, во ноември го качив и највисокиот врв на Балканот, Мусала, во јануари годинава бев на Титов Врв по зимската маркација и тука решив дека ќе одам на Мон Блан. Со оглед на моето сиромашно планинарско искуство од аспект на искачени врвови и тешки тури, баш и не ме сфаќаа сериозно. Сите освен еден... мојот планинарски гуру Горан Николовски од ПСД Макпетрол.
За среќа, тој ме знаеше од порано и беше сведок на мојата психичка и физичка трансформација од „шмизла“ во „мама-гедон“ (како што ме вика помалиот син) и знаеше дека ми недостига единствено техничка спремност неопходна за Алпите. Ме спои со искусни планинари кои веќе се спремаа и тренираа за Алпите и веќе на 17 јули го качив и Мон Блан, највисокиот врв на Алпите и во западна Европа, 4.810 метри надморска височина.
Е од тука веќе амбициите ми се зголемија. Следната година пак Алпи, потоа највисокиот врв во Европа, Елбрус и, ако телото ми издржува и јас се пронаоѓам во височините, цел ми е во годината кога ќе полнам 50 години т.е. во 2022 да се качам и на врвот на светот.
Порака за читателите...
Некаде прочитав: „Можеш да живееш 30 години, а можеш и истата година да ја живееш 30 пати“. Животот нуди толку многу можности, толку разноликост, а нема да дознаеш што сакаш ако не пробаш. Кога бев дете тие што беа на 40 години ми беа стари. Сега перцепцијата ми е сменета.
Сметам дека ќе живеам најмалку 101, па и на 40, 50, 70, 80, 90 години има што и зошто да испробувам. Минатиот роденден си зададов предизвик - секоја година да направам нешто ново, за првпат, постојано да си ги поместувам границите и непознатото да ми станува познато.
Минатиот роденден си се почестив тандем-параглајдинг, а потоа земав и курс, годинава имав тандем-скок со падобран и сега постојано ме прашуваат што догодина. Интересно е што многумина се мисловно ангажирани и ми даваат идеи. Целта не ми е секогаш да биде адреналинска активност, туку нешто што сум го сакала, а од разни причини не сум го реализирала, нешто што не сум знаела ни дека постои, нешто од што сум се плашела. Едноставно самоспознавање преку искусување и ширење на комфорната зона, а планинарењето нуди многу такви можности.
Мон Блан ми беше тест, да видам од каков материјал сум направена. Личната сатисфакција ми беше огромна кога си потврдив дека не сум направена од лесно-кршлив материјал.
Сега предизвикот ми е малку поинаков. Сведок сум на мноштво луѓе со криза на идентитет, со апатија, депресија, агресија кон внатре или кон надвор и што ли уште не. Животниот век се продолжува, но кое фајде ако животот ти се состои во болка, болести, незадоволство од себе во делот на изгледот, постигнатото. До скоро си се тешел „има време“, а сега веќе мислиш „џабе е, нема време“.
Затоа сега предизвикот ми е луѓето да разберат и си дозволат да се обидат и искусат дека годините се само бројка, а целта е „to die as young as possible, as late as possible“. Можеш да си го дозволиш љубопитството што си го имал како дете, но сега можеш и да се обидеш, без страв дека некој ќе те искара, а насобраното животно искуство ќе те насочува и ќе се погрижи се што правиш да е одговорно пред сè кон самиот себе, но и кон оние што ти значат, при што ќе препознаваш што е тоа што сака да излезе низ тебе или преку тебе... и тоа ќе го дозволиш.
Зашто само еднаш се живее и животот вреди да се живее со полни гради. Запрашај се што навистина сакаш, донеси одлука и посвети се. Многу едноставно.
Дел од планинарските подвизи на Миленка:
С. С. | Црнобело