Јосип од Македонија стапи во брак со Полин од Камерун: „Имавме традиционална свадба во Камерун, се играше и македонско оро“
- Детали
- вторник, 30 август 2022
„Во Камерун семејството на невестата доставува листа од работи што младоженецот треба да ги купи ако сака да ја земе невестата, па јас купив ориз, компири, сол, брашно, масло за јадење, па кокошки, гуски, прасиња. Имавме среќа што на свадбениот ден немаше прекин на електричната енергија (се случува постојано)...“, раскажува Јосип Колиќ (32), софтверски инженер, по потекло од Валандово за CRNOBELO.com.
Јосип Колиќ (32) е софтверски инжeнер, по потекло од Валандово, кој е во брак со Полин Мандо Колиќ (32) account executive, по потекло од Дуала – Камерун. Парот моментално живее во Бирмингем, Велика Британија.
Јосип, веќе 6 години живее во Англија, но свадбата со неговата сакана одлучиле да ја направат во Камерун на трационален начин.
Јосип за CRNOBELO.com споделува детали од како се запознале со Полин, но и како изгледала свадбената церемонија:
Како започна вашата љубовна приказна? Каде се запознавте? Што те одведе токму таму?
Нашата љубовна приказна започна на многу невообичаен начин, на почетокот на Ковид пандемијата во 2020, се запознавме на една веб-страница за запознавање.
Мојата прва порака беше пратена на мојот роденден, понатаму почнавме да се допишуваме секојдневно и набрзо почнавме со секојдневни видео повици бидејќи живеевме во два различни градови во Англија.
По два месеца, се одлучив да ја изненадам и да ја посетам во нејзиниот град. Тоа беше нашето прво запознавање во живо, сè останато е историја.
Кога за првпат ја посети нејзината родна земја? Кој ти беше првиот впечаток? Што ти се допадна најмногу во Камерун, а што те разочара?
Првпат го посетив Камерун за нашата традиционална свадба што ја правевме таму. Од самото слетување, па сè до нашето заминување научив многу за нивната култура, начин на живеење, размислување, храна и обичаи. Навистина беше културен шок за мене, но во исто време авантура и искуство што ќе го паметам засекогаш.
Прв впечаток дефинитивно ми остави времето и сообраќајниот метеж. Времето беше многу топло и многу влажно, а сообраќајниот метеж беше нешто поразлично од сè што имав видено претходно. Изгледаше како навистина организиран хаос. Секој секаде брзаше, но во исто време немаше никаков застој.
Мотоциклите се многу чести во Камерун и мора да бидеш многу внимателен.
Најмногу ми се допадна гостопримството и едноставноста на луѓето. Не можам да кажам дека имаше нешто што ме разочара, поминав прекрасни две недели и имам само најубави спомени од земјата и луѓето.
Колку жените од Камерун се поинакви од Македонките кога станува збор за љубовните врски и браковите?
Жените од Камерун се потрадиционални кога станува збор за љубовните врски и се многу поповрзани кон семејството и кон партнерот. Силни и енергични се, но понекогаш знаат да ја покажат и другата сентиментална и романтична страна. Секогаш ја гледаат заедничката цел и се сочувствителни со партнерот.
Бракот во Камерун се цени многу повеќе, бидејќи не е само поврзување со личноста, туку и со семејството, и многу важно е да ја добиеш нивната поддршка.
Поради ова, нема многу разводи, напротив секогаш приоритет е да се најде решение и компромис кога ќе се наиде на некој предизвик или потешкотија во бракот.
Каде ја запроси и по колку време состанување знаеше дека таа е вистинската за тебе?
Ја запросив за време на патувањето што го имавме за нашата прва годишнина од врската. Бевме во едно туристичко место со мали куќарки и СПА надвор во околината на Лестер каде што се случи запросувањето.
Беше интимно и романтично и беше изненадување. Изненадувањето беше спакувано во една магична кутија во која со секое отвoрање се отвораше друга помала кутија. На страните од секоја кутија беше прикажан нашиот тек на врската со фотографии и текстови од заедничките доживувања, за на крај во последната кутија да биде скриен вереничкиот прстен.
Не ми требаше долго време да знам дека е вистинската за мене. Комуникацијата се одвиваше многу отворено, брзо и динамично.
По кратко време сфатив дека имаме многу заеднички интереси и дека сме компатибилни и дека е вистинската за мене.