Јосип од Македонија стапи во брак со Полин од Камерун: „Имавме традиционална свадба во Камерун, се играше и македонско оро“
Како реагираа нејзините роднини и пријатели на тебе? Кои се специфичностите на нивниот животен стил?
Уште од првиот момент кога ги запознав нејзините роднини и пријатели бев прифатен како дел од нивното семејство. Беа отворени за запознавање и дружење.
Научив многу од нивниот начин на живеење, кој се разликува во многу делови од нашиот, но најмногу во тоа што е многу порелаксиран и не дозволуваат секојдневните грижи и стресови да ги оптоварат премногу.
Каде живеете сега? Зошто токму таму, кои се предностите?
Во моментот живееме во Англија. За сега нуди многу повеќе можности за усовршување и веќе сме навикнати на начинот на живеење тука со сите разлики што се препознатливи за Англија.
Колку лесно се усогласувате кога станува збор за празниците? Ги славите ли и твоите и нејзините? Кој ти е најинтересен според начинот на кој се одбележува?
За нас не е никаков проблем заедничкото славење на празниците. Бидејќи потекнувам од семејство со мешани националности/вери, навикнат сум да ги славам празниците како Божиќ и Велигден по двапати.
Сопругата ги прифати повеќето од обичаите за овие празници, најинтересен ѝ е обичајот за кршење на лепче со паричка за Бадник.
Од нејзините обичаи ги имаме вклучено приготвувањето на традиционална храна за овие празници.
Кое ѝ е омилено македонско јадење на твојата избраничка, што ја воодушевува најмногу во нашата држава, а што ѝ е најчудно?
Мојата сопруга има пробано различни македонски јадења, но дефинитивно најмногу ѝ се допаѓаат ајварот, питата со спанаќ и сирење и мешаната македонска салата.
Досега ја немаме посетено Македонија, но во план ни е во најблиска иднина да ја посетиме.
Каква е климата во Камерун, кое ти е тебе омилено јадење таму? Каков е сообраќајот, те воодушевија ли плажите, пустините, прашумите...? Каде поточно живее таа?
Климата во Камерун е тропска и се состои од две сезони, сушна и врнежлива. Влажноста е доста висока и температурата во текот на цела година е помеѓу 20 и 30 степени.
Во Африка Камерун е познат под името „Африка во мало или мала Африка“ затоа што на нејзината територија се застапени сите типови на предели кои ги има Африка. Семејството на мојата сопруга живее во економскиот центар на Камерун - Дуала.
Во текот на мојот престој таму поради обврските околу венчавката немав многу можности за прошетки, но успеав да ги запознаам знаменитостите на Дуала како и на едно од туристичките места кои беа во околината.
Се надевам дека во иднина ќе има шанса да прошетам и запознаам повеќе предели на Камерун. Сообраќајот како што спомнав погоре би го нарекол организиран хаос, но функционира.
Од храната досега имав можност да пробам различни јадења, но би ги издвоил Фуфу и Њама Њама. Фуфу е еден вид на палента најчесто направено од пченка или од Касава или јам кои се слични на компирот, а пак Њама Њама е јадење направено од лиснат зеленчук како спанаќ и одреден вид на месо.
Многу е карактеристичен начинот на кој се јаде ова јадење, најчесто не се користи никаков прибор, туку се јаде со раце.
Колку е долг патот од Англија до Камерун? Дали можете да замислите Македонија некогаш да ви биде дом?
Патувањето до Камерун од Англија ни траеше 12 часа преку Париз. Како што спомнав погоре засега сме во Англија, но никогаш не се знае каде ќе нè одведе животниот пат, па така сме секогаш отворени.
Каде посакувате да се пензионирате?
Наш животен сон е да се пензионираме или во Македонија или во Камерун.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело