Французинката Олга 2 пати го посети Скопје: „Македонците се прекрасен народ“
- Детали
- среда, 21 февруари 2024
„Ми се допадна културата, мешавина помеѓу оксидент и ориент, природата, византиските цркви, храната… Толку многу работи… Од храна, ако морам да изберам, омилени ми се шопската салата и плескавицата“, вели Олга од Франција која двапати беше во Скопје.
Олга Балеј е Французинка, родена во Русија, која во последниве 16 години живее во Париз. Има 48 години и по професија е професор по јазици: шпански, француски и руски.
Работи во приватно училиште во Франција. За себе вели дека обожава да чита и патува, а нејзиното најново хоби е цртање на порцелан.
Олга двапати го има посетено Скопје, првиот пат за свадбата на нејзина колешка и пријателка, а летово за да ги запознае поубаво градот и околината. За CRNOBELO.com таа открива дека посетата на Горно Нерези била љубов на прв поглед и дека навистина ѝ се допаѓаат природата и црквите во византиски стил.
За Македонија вели дека се чувствува добредојдено и дека народот е најдобар.
Прочитај го целото интервју за нејзините впечатоци:
Колкупати ја имаш посетено Македонија?
Ја имам посетено Македонија двапати.
Првиот пат беше за свадбата на мојата колешка и пријателка, а вториот пат, ова лето, туристички, за шетање.
Што најмногу ти се допадна во Македонија?
Најмногу ми се допаѓаат моите пријатели и нивните семејства, но, исто така, нејзината култура, мешавина помеѓу оксидент и ориент, природата, византиските цркви, храната… Толку многу работи…
Кои градови ги имаш посетено и досега кое место ти има оставено најубав впечаток?
Засега го имам посетено само Скопје и шетав во околината на градот. Се заљубив во Археолошкиот музеј и црквата во Горно Нерези.
Што најмногу ти се допадна од македонската кујна?
Сè, но ако мора да изберам, шопска салата и плескавица.
Кое е твоето мислење за Македонците?
Сите луѓе кои ги запознав за време на моите посети во Скопје беа отворени, фини и интересни.