Талентиран дечко ја разубавува Битола со своите мурали (фото)
- Детали
- вторник, 07 декември 2021
„Во зависност од идејата за муралот, подготовката, површината на ѕидот, изработката на истиот може да трае од 3 дена до 3 седмици“, раскажува талентираниот Драган Милованов NONE за CRNOBELO.com, неговите дела се вистинска уметност.
Драган Милованов NONE, дел од Hybrid Minds, љубовта кон уличната култура, уметноста и природата ја изразува со изработување на мурали и графити низ Македонија, a oсобено во неговата родна Битола.
Тој покрај графити артист и муралист, работи и како илустратор.
Како соло артист постои повеќе од 10 години. Започна со боење на сивилото во Битола и пренесување на еколошки пораки, како и ширење оптимизам преку уличната уметност.
Неговите мурали може да се видат низ Битола, Скопје, Куманово, Неготино, Гевгелија, Демир Капија... Исто така и надвор од Македонија, во Грција, Србија, Косово, Франција, Шпанија, Шведска, Унгарија...
Покрај темите од животинскиот свет, црта и женски портрети со препознатлив стил, уникатен израз во мешањето на бои, меѓу кои преовладува свежо зелената нијанса.
Драган Милованов NONE за CRNOBELO.com вели:
„Преку уличната уметност се пренесуваат пораки кои секој минувач си ги толкува индивидуално, на свој начин. Муралите се достапни за секого, во секое време. Ако прошетате по некоја уличка низ Битола ќе налетате на различни мурали и пораки.
Кај нас во Македонија уличната уметност е доста развиена, имаме добри наши артисти кои континуирано работат и градат стил, со тоа се повеќе се цени уметноста. Многу е важно да добиваме поддршка од домашните институции, преку кои може да се одобруваат проекти, да се прават графити фестивали како и соработки со други артисти.“
На тема изработка на муралите тој вели:
„Во зависност од идејата за муралот, подготовката, површината на ѕидот, изработката на истиот може да трае од 3 дена до 3 седмици.
Од обемот на работа и од идејата која се пренесува на ѕидот зависи и количеството на спрееви и боја. Имало и случај каде што со користење на само два спрееви се постигна посакуваниот ефект.“