Кумановец имитира познати личности: „Најлесно ми е со македонски политичари, мене ме смеат деца како Петар со грашокот“
- Детали
- среда, 22 декември 2021
Жарко Јовановиќ е актер и комичар, кој живее и работи во Куманово, а како што вели за себе, според начинот на живеење кумановски и живее.
Чува еден опасен јазовичар што се вика Геџо, страстен навивач е на Манчестер Јунајтед и никогаш не заспива без вклучен телевизор.
Во продолжение следува разговор со Жарко, кој за CRNOBELO.com открива колку е тешко да се имитираат познати луѓе и како реагираат Македонците на различни шеги.
Често може да те видиме на репертоарот во Театар „Куманово“, а од неодамна реши да отвориш и свој Јутјуб канал „Ајде да зажмуримо“ и да ги засмејуваш луѓето преку твоите видеа. Колку секојдневието и животот во Македонија те инспирира постојано да создаваш нов материјал?
Па и не можете, бидејќи театарот нели моментално се реновира, па можете да ме видите во Центарот за Култура, бидејќи таму го играме репертоарот (хаха). Инаку да, на репертоарот имам некои комедии и детски претстави.
Каналот испадна само продолжение на она што го почнав со настапите во живо, уште од пред година и пол кога го имав првиот настап.
И потоа решив истото да го претставам во вид на видеа, што поради короната, поради попреченоста да се игра во живо материјалот што го имав, што од причини да наиде материјалот кон поширока публика.
Инаку претходно никако не бев фан на снимени видеа на ниво на скеч и гег, ме потсеќава на оние карантински тик-ток видеа на кои уште помалку сум фан, но затоа што шоуто што го правев во живо имаше само по себе една заокружена целина и поента, решив истиот материјал да го снимам на неколку делови.
Кога велам заокружена целина мислам на фактот што преку текстот кој го играм се обидувам да ја извлечам макијавелистичката нишка на секој од ликовите и да ја отсликам нивната реалност, а воедно и нашата со нив што ја живееме, таквата што наликува на расказите на Хармс, а тоа го правам токму во тие два целинско поврзани делови или сега по ново, видеа.
Знам дека себеси не се класифицираш како стендап-комичар, туку она што го правиш повеќе е „one man show“ со повеќе ликови, кои самиот ги играш сите. Како е да се работи на ваков перформанс и истовремено да пренесеш сосема различни ликови и светогледи?
Поразлично е од класичниот стендап, кога нели си зборуваш со публиката за секојдневни ситуации што ти се случуваат притоа зборувајќи за себе и за својот светоглед.
Овде е поинаку, имитирајќи, ликовите ги ставам во ситуации и преку нив укажувам што мислам за нашето секојдневие. За снимање е би рекол доста полесно, тука се монтажите, брзи, спори, какви и да ги има, да го прават видеото подинамично и слично.
Но во живо е доста потешко кога треба да ги менуваш ликовите од лик во лик како да водат дијалог и притоа да препознаваат луѓето за кој лик станува збор во секој момент и да ја следат приказната како да е театарска претстава.
Тешко е, но е остварливо само доколку гласовно и физички се направи добро промената, нешто што во видео можеш да го решиш само со еден титл. Но дали е тоа поентата?
Многумина те препознаваат по тоа што веродостојно ги имитираш познатите луѓе. Како трае подготовката на тие перформанси и колку време ти е потребно да звучиш како двојник на другите?
Нема особена подготовка, или влегува во уво и го имитираш или не. Веродостојно е клучниот збор. Доколку сетам дека нештото е веродостојно, го внесувам како лик.
Треба гледачот со самата моја промена, гласовна и физичка веднаш да се сети за кој лик се работи, без дополнителни објаснувања, во тој случај е веродостојно.
Затоа е поразличен од обичниот стендап, стендапот со имитации, затоа што мора да ги има баш тие промени. Инаку ако остане на ниво на текстот да ја отслика имитацијата, во тој случај се поставува прашањето дали е имитација.
Или во превод кога ќе слушнеш, да знаеш дека тоа е познат политичат и кога зборуваш за полнење бензин на бензинска, а не само кога ќе кажеш некоја фраза специфична за ликот. Ме разбирате…
Кој е најлесен за имитирање, а кој најтежок?
Па ете го споменав поранешниот премиер Груевски, со него некако сум на „Ти“ веќе. Можеби најмногу ми лежи просто кажано. Но и затоа што имав повеќе ситуации во кои него го внесував како имитација, не само во видеата и настапите.
Пред повеќе од една година почна да настапуваш низ различни локали во Македонија, а посебно настапите во кумановската кафана „Сокаче“ беа добро прифатени. Што е она на што македонската публика најмногу се смее?
Токму така, во „Сокаче“ имаше одлични настапи. Секоја публика различно нешто ја смее, а во „Сокаче“ конкретно публиката ја интересираа темите кои јас ги опфаќам и тој тип на хумор, па можеби и затоа настапите поминаа одлично.
Како реагираш кога шегата ќе биде погрешно сфатена од страна на публиката?
Со правење на друга шега, така најлесно се вади од незгодни ситуации. Пример, ако на некому не му се допаѓа тоа што го имитирам Груевски, веднаш го добива Заев како имитација во истиот момент и сите задоволни. Се шегувам. Не сум имал некои баш непријатни ситуации на кои можам да се осврнам.
Имаше и еден интересен проект каде по телефон им ѕвонеше на различни луѓе и се претставуваше како сосема трета личност, доволно позната за да знаат со кого зборуваат. На какви реакции наиде од луѓето? Што се случи со тој проект?
Тоа беше за мене еден одличен проект, но колку такво нешто може да функционира кај нас, нели? Според правни закони и слични работи…
Стануваше збор за телефонска скриена камера, ако можам така да го наречам тоа или пренк, кога јас се јавував на повеќе личности или служби кај нас и тие мислеа дека зборуваат со бившиот премиер.
Имаше одлични реакции и за мое неверување многумина си направија разговор со бившиот премиер.
Но гласот беше навистина наштиман до милиметар, па луѓето со мене можеа да зборуваат од климатските промени, па сè до теми поврзани со проблеми со водоснабдувањето.
Постои ли нешто за што никогаш не би се шегувал?
Не би се шегувал со себеси, не знам дали ќе успеам да излезам на крај (се смее).
Како човек што постојано сака да ги засмејува луѓето, што е она што те насмејува тебе?
Ситкоми и ништо што е режирано, ме смее спонтано нешто што ќе видам, како детето Петар „Грашковски“. Туку природни спонтани ситуации со исто такви луѓе. Нешта од секојдневието.
Автор: Е. Х | Црнобело