Димитар Петровски, атлетичар и тренер: „Најгорд сум кога ја претставувам Македонија, од неуспесите научив најмногу“
- Детали
- понеделник, 11 октомври 2021
Димитар Петровски e атлетичар и тренер, репрезентативец и повеќекратен државен шампион, кој се занимава со спорт уште од своите 4 години кога започнал да скија. Спортот и музиката се неговата пасија, а доста од слободното време поминува во свирење пијано. Ужива да чита стручна литература и белетристика, а обожава и да патува.
Во разговор за CRNOBELO.com Димитар зборува за неговата најголема страст – трчањето...
Пред целосно да се посветиш на атлетиката, активно играше фудбал. Како се случи таа замена на спорт, веруваш ли дека ја направи вистинската одлука?
Како и повеќето деца, од мали години почнав да тренирам фудбал, а кога би имал можност да се вратам назад во минатото, не би се поколебал да почнам да тренирам атлетика, затоа што атлетиката навистина е кралица на спортовите.
Одлуката да престанам да се занимавам со фудбал беше едноставна бидејќи приоритет ми беа моите академски студии. Средбата со трчањето - атлетиката - беше сосема спонтана.
Поради мојот компетитивен дух трагав по одредена активност која би била, на некој начин, замена за фудбалот, активност каде што ќе можам да го изразам својот натпреварувачки менталитет и темперамент.
Така, инспириран од учителот по медитација Шри Чинмој кој трчањето го смета како еден од начините за себеспознавање, ја започнав мојата авантура со атлетиката.
Луѓето те препознаваат како атлетичар кој трча долги патеки, а тука болката и исцрпувањето се неизбежни. Колку болката знае да мотивира во животот и да отвора нови перспективи и можности?
Радоста и болката имаат подеднаков удел во креирањето на карактерот, а во некои случаи болката е подобар учител од радоста.
Доста често после напорните тренинзи и исцрпувачките трки се доведуваме до голема физичка болка и ментален замор, но трчањето нè учи дека болката не е крајната станица, туку дека патот е пред нас и допрва треба да се изоди и истрча.
Затоа, можам да кажам дека болката ни ја дава најголемата можност да станеме цврсти, трпеливи, храбри и смирени со цел да ги оствариме нашите соништа, бидејќи работите кои се од најголема вредност во нашиот живот, имаат најголема тежина при нивното остварување.
Можеш ли да ни кажеш како изгледа еден твој тренинг?
Најпрвин би сакал да кажам дека не секој тренинг е ист. Има денови кои се релаксирачки, полесни, со помал интензитет, и денови каде одиме до границите на нашите максимални можности.
Пред секој тежок тренинг имам рутина најпрвин добро да ги активирам мускулите за работа преку вежби за истегнување. Кога ќе завршам со нив, почнувам со воведниот дел од тренингот, односно загревањето.
Тоа се состои од 15-20 минути лесно трчање со низок интензитет, динамички вежби за истегнување и кратки спринтови, сè со цел телото да биде максимално подготвено за главниот дел од тренингот.
Главниот дел од тренингот најчисто ми се состои од „темпо“ кое може да се дефинира како напор со подолго времетраење и субмаксимален интензитет, или „интервали“ кои се пократки во времетраење, но со максимален интензитет.
На крај, секогаш тренингот го завршувам со 10-15 минути лесно џогирање за да телото се смири од претходниот напор.
Од што требаше да се откажеш за да бидеш она што си денес?
Буквално од ништо. Ова што сум денес е резултат на мојот свесен избор за она што сакам да бидам.
Да, вистина е дека за да се биде успешен во спортот потребно е „откажување“ од некои надворешни фактори како алкохол, цигари, журки до доцна, работи кои негативно влијаат врз перформансот.
Но, можам да кажам дека не се чувствувам како да сум се откажал од овие работи бидејќи, едноставно, не се совпаѓаат со начинот на живот кој сакам да го живеам.
Единственото нешто од коешто сум се откажал, а ме направило да бидам она што сум, се стравот, сомнежите и несигурноста.
Како изгледа твојот начин на исхрана? Што внесуваш најмногу, а каква храна одбегнуваш?
Мојот начин на исхрана веќе долго време е строго вегетаријански. Секогаш гледам да го забележам мојот потребен калориски внес и да ги внесам сите потребни хранливи материи.
Начинот на исхрана кој го водам е прилично едноставен и се одвива по принципот на пирамида во исхраната. Во денот најмногу внесувам житарки, тестенини и мешунки како овес, јачмен, ориз, пченка, грав, грашок, односно растенија со голема хранлива вредност.
Потоа, најмногу внимание обрнувам не внесот на зеленчук, овошје и јатки и гледам тие секогаш да бидат свежо подготвени - во форма на салата или чисто сирови.
Ја одбегнувам брзата храна, односно храната која содржи голема количина нездрави масти и шеќери.
Кои се твоите најголеми достигнувања во спортот на кои си посебно горд?
Можам да набројам многу индивидуални достигнувања и успеси за кои можам да кажам дека ме прават исклучително горд, но како мое најголемо достигнување кое сум го остварил е шансата да бидам тренер на група исклучително врвни атлетичари.
Нивните успеси и нивниот прогрес ме прават бескрајно радосен и горд, многу повеќе од моите индивидуални остварувања.
Исто така, посебно чувство на радост и гордост е секојпат кога ќе го облечам репрезентативниот дрес и можноста да ја претставувам Македонија на меѓународната сцена.
Постигнатите резултатите зборуваат многу повеќе од сè друго. Која е твојата силна страна што те прави поразличен од другите атлетичари?
Несомнено, трпението пропратено со позитивниот пристап е мојата најсилна страна која секогаш ме води напред. После сите неуспеси и тешкотии, сум успевал да останам со позитивен „мајндсет“, а трпението со текот на времето ми овозможило да ги остварам сите мои замисли и верувања.
Затоа сметам дека трпението е една од најважните особини за константен прогрес и успех во полето на животот.
Треба да зборуваме за постигнатите успеси, но не и да ги заборавиме поразите. Димитар, се сеќаваш ли на твојот најлош перформанс и што е она што научи од тоа искуство?
Дали се сеќавам на мојот најлош перформанс? Ах, да беше само еден…
Мислам дека имам многу повеќе лоши од добри перформанси. Ударите од неуспесите кои сум ги добивал многу повеќе го разгореле огнот во мене, отколку пофалбите - тие ме научиле да пронајдам друг начин, да осознаам како можам да ги направам работите подобро, каде сум грешел и што треба да променам со цел да станам поусовршен.
Ајде малку вниманието да го насочиме кон иднината - што е она што сакаш да го постигнеш во наредните месеци, години…?
Се трудам да не гледам далеку во иднината затоа што тоа ни создава очекувања, очекувања кои ако не се остварат, ни носат разочарување.
Затоа гледам да сум практичен и секогаш си поставувам помали цели кои со текот на времето ќе прераснат во некое големо остварување.
Но сепак, сметам дека како и секој спортист, особено атлетичар, желбата еден ден да се настапи на Олимписките игри е највисокото остварување кое може да се постигне.
Дали тоа ќе биде како атлетичар или тренер, не ми е од големо значење. Едноставно знам дека тоа е мојата крајна цел.
Харуки Мураками ја напиша „За што зборувам кога зборувам за трчањето“, Кокан Ајановски е потпишан зад книгата „Трчањето ме учи“… Си размислувал ли да го раскажеш своето искуство по толку истрчани трки и маратони?
Да бидам искрен, никогаш не сум размислувал да напишам книга за моите искуства со трчањето.
Во план ми е во блиска иднина да напишам стручна книга за трчањето на средни и долги патеки, книга преку која доста рекреативци и посериозни атлетичари би осознале за тоа како треба да се тренира, значењето и планирањето на тренинзите, начинот на исхрана итн.
Но, за понатаму сè е можно ако преку мојот пример и преку моите искуства би ги инспирирал луѓето да започнат да се занимаваат со трчање. Тогаш не гледам причина зошто да не би напишал и една таква книга.
Што мислиш кој е најголемиот предизвик со кој се соочуваат македонските спортисти денес?
Егзистенцијата, особено во атлетиката. Покрај егизстенцијата, тука се и немањето соодветни инфраструктурни објекти како атлетски стадион (има само 2 во целата држава и во поголемиот дел не се достапни за нас поради фудбалски натпревари) и атлетска сала.
Како за крај, кој е најдобриот совет што го имаш добиено до сега?
Работи напорно, биди искрен, скромен и понизен, живеј чесно и едноставно и тогаш си слободен. Тоа го има речено Елиуд Кипчоге.
Е. Х. | Црнобело