Шапкарот Златко од скопска чаршија: „Занаетот не се учи, се краде - јас му бев чирак на татко ми“

„Во времето на Југославија имавме чираци, кои од мајсторите го учеа занаетот. Ама јас велам, занает, не се учи, занает се краде. Јас го наследив занаетот од татко ми, мајстор Перо.“ – го посетивме шапкарот Златко во срцето на скопската чаршија, кој за CRNOBELO.com открива од кога е занаетџија, дали се живее од тоа и како се одвива неговата работа. 

shapkarot-zlatko-od-skopska-charshija-zanaetot-ne-se-uchi-se-krade-jas-mu-bev-chirak-na-tatko-mi-041.jpg

Во срцето на скопската чаршијата, во која некогаш цутеле занаетите, а пред дуќаните на мајсторите биле изложени јоргани, папучи, опинци, алати за земјоделие, килими и јамболии, шешири и златен накит, го посетивме дуќанот на шапкарот Златко, кој додека рачно, со игла и конец, шиеше шубара, ни раскажуваше за шапкарството и за татко му од кој го научил занаетот.

Златко Трајковски е син на шапкарот Перо, еден од легендарните мајстори во старата скопска чаршија и вели дека тој му бил чирак на татко си.

shapkarot-zlatko-od-carshija-zanaetot-se-krade-jas-mu-bev-chirak-na-tatko-mi -15.jpg

„Во времето на Југославија имавме чираци, кои од мајсторите го учеа занаетот. Ама јас велам, занает, не се учи, занает се краде. Бидејќи кога ги гледав татко ми и брат ми како работат, јас го крадев нивното знаење“ – вели тој и додава дека после училиште веднаш доаѓал во дуќанот.

shapkarot-zlatko-od-carshija-zanaetot-se-krade-jas-mu-bev-chirak-na-tatko-mi -12.jpg

„Јас му бев чирак на татко ми, а тој ми велеше, во дуќан сум мајсторе, а надвор од него тато. Прво го метев дуќанот, па редев излози, па дури после учев како се прават шапки.“ – се сеќава тој додавајќи дека летниот распуст го поминувал учејќи како да прават шешири.

shapkarot-zlatko-od-carshija-zanaetot-se-krade-jas-mu-bev-chirak-na-tatko-mi -09.jpg

„Татко ми прво бил шеширџија, занаетот го научил во Дебар Маало, во тогашната кралевина на Југославија.

Работилницата била во Дебар Маало, а шеширите ги продавале на плоштад“ – мајстор Златко ја раскажува приказната за занаетот, појаснувајќи дека татко му, на 39 години научил да прави качкети и да стане мајстор шапкар.

Во тоа време во чаршијата имало 12 шапкари, а денес само двајца. Златко вели дека во нивниот дуќан се изработуваат и качкети и шешири.

shapkarot-zlatko-od-carshija-zanaetot-se-krade-jas-mu-bev-chirak-na-tatko-mi -17.jpg

Додека полека ја шие шубарата со црно крзно, мајсторот ни објаснува дека тие рачно се изработуваат, качкетите ги шијат во самиот дуќан, а шеширите ги изработуваат во домашната работилница, бидејќи за нив е потребно повеќе време.

Покрај изработката на шешири, тие вршат и поправка, чистење и зголемување на шешири.

shapkarot-zlatko-od-carshija-zanaetot-se-krade-jas-mu-bev-chirak-na-tatko-mi -14.jpg

„Ова ми е наследен дуќан. Ова татко ми го има работено, па сега јас и брат ми се втора генерација“ – вели шапкарот, кој додава дека има и наследници на семејниот занает, неговиот постар син ќе биде следниот шапкар.

Дуќанот во чаршијата го имаат од многу одамна, неговиот татко, шапкар Перо, чие име го носи дуќанот, е роден во 1921 година, а и тој го наследил дуќанот од своите предци.

shapkarot-zlatko-od-carshija-zanaetot-se-krade-jas-mu-bev-chirak-na-tatko-mi-04.jpg

Тој вели дека меѓу младите нема интерес за изучување на овој занает, но нема интерес за ниту еден занает, дали е златар, папуџија, јорганџија, бидејќи занаетите изумираат.

shapkarot-zlatko-od-carshija-zanaetot-se-krade-jas-mu-bev-chirak-na-tatko-mi -10.jpg

На прашањето дали се купуваат шешири, дали има купувачи, шапкарот вели дека има побарувачка, но тој додава дека со секој занает не можеш да се збогатиш, но доволно е да заработиш за живот и за плаќање на сметките.

shapkarot-zlatko-od-carshija-zanaetot-se-krade-jas-mu-bev-chirak-na-tatko-mi-13.jpg

Мајсторот вели дека за еден качкет му се потребни четири часа за да биде готов, но за да се направи еден шешир потребно е многу повеќе време, бидејќи се потребни 12 операции.

„Прво материјалот се зема и се става во штирак, ние го користиме оној штирак што нашите баби го користеле во слатко. За да се оформи како шешир мора материјалот прво да се иштирка, па се става на калапи, а потоа се користи и пареа за да оформи“ – објаснува тој, додавајќи дека секој качкет, капа и шешир има свое бројче, а тие изработуваат и за возрасни и за деца.

shapkarot-zlatko-od-carshija-zanaetot-se-krade-jas-mu-bev-chirak-na-tatko-mi -16.jpg

„Странците нè ценат поради рачната изработка. Се случувало туристи да ме гледаат како изработувам и шијам еден качкет, па сакаат токму тој да го купат и ме снимаат додека шијам, па дури и дупло ми плаќаат, иако ја гледаат цената, ама ете мерак“ – раскажува тој појаснувајќи дека рачната изработка секогаш е поскапа, пa оттаму и поценета.

shapkarot-zlatko-od-carshija-zanaetot-se-krade-jas-mu-bev-chirak-na-tatko-mi-07.jpg

Шапкарот Златко вели дека понекогаш е тешко да се најдат потребните материјали за изработка на шешири. За качкетите, лен и други материјали, можат да се купат во Скопје, но за изработка на шеширите, материјали купуваат во Италија.

shapkarot-zlatko-od-carshija-zanaetot-se-krade-jas-mu-bev-chirak-na-tatko-mi-03.jpg

Тој вели дека првиот шешир го имаат изработено Англичаните, а втори се Италијанците. Вели дека во Италија децата од мали нозе се учат да носат шеширчиња и кожни чевли.

shapkarot-zlatko-od-carshija-zanaetot-se-krade-jas-mu-bev-chirak-na-tatko-mi-02.jpg

Мајсторот вели дека не може да одвои што најмногу се купува во неговиот дуќан, некогаш качкети, некогаш шешири.

shapkarot-zlatko-od-carshija-zanaetot-se-krade-jas-mu-bev-chirak-na-tatko-mi -06.jpg

shapkarot-zlatko-od-carshija-zanaetot-se-krade-jas-mu-bev-chirak-na-tatko-mi-05.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.

 И. Ј. | Црнобело / фото:  И. Ј. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Сара Трајковска, ќерката на Борис Трајковски ексклузивно за CRNOBELO: „Омилените спомени со татко ми... „Често му бев верна придружба кога одеше на пазар, а кога патуваше, од секаде ми...
Барбара Поповиќ за CRNOBELО: „Имам италијански корени, ќе пеам на Сан Ремо“ „Од македонските музичари најблиска сум со Иван Јованов од Либеро бенд. Тој ми е...
Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги ... „На 6 години добив брат, а многу сакав сестра. Родителите ми велеа дека ќе имам ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg