Интервју со Стефанија Димеска (27), најмладата жена пилот во Македонија: „Нашата држава е прекрасна гледана одозгора“
- Детали
- вторник, 24 ноември 2020
„Патот до пилотството е макотрпен, тежок, напорен, на моменти доста исцрпувачки, но во исто време и интересен, убав, исполнувачки. За да бидеш пилот искрено треба да имаш пасија за тоа, но и треба да си здрав најпрво, да немаш никакви медицински проблеми, да имаш добар вид и слух, психички да си стабилна личност“, открива Стефанија Димеска.
Стефанија Димеска (27) по професија е дипломиран машински инженер по мехатроника, а имала и обука за пилот и со тоа е најмладата жена пилот во Македонија.
Со неа проговоривме за страста кон летањето и милите и немилите настани при летањето.
Стефанија Димеска ни ги пренесува своите искуства:
Што значи да се биде пилот? Каков беше патот дотаму и дали си во работен однос некаде во моментот?
Повеќето мислат да се биде пилот е да леташ секој ден и секој ден да си во облаците, но не е баш така. Да се биде пилот значи да работиш напорно секој ден, да се разбираш од времето, да се разбираш од инструментите, да правиш добра процена на рутите и летовите и ред други работи.
Да се биде пилот не е само да се лета горе на небото, туку да се работи напорно и одговорно.
Патот до пилотството е макотрпен, тежок, напорен, на моменти доста исцрпувачки, но во исто време и интересен, убав, исполнувачки. Во моментов не сум во постојан работен однос, но се надевам дека тоа нема да е така во блиска иднина.
Како реагираат луѓето кога ќе им кажеш со што се занимаваш?
Па секој пат е изненадувачка реакцијата на луѓето. Некои имаат неверување дека навистина јас го правам и го можам тоа. Некои се скептични, а некои се горди што го правам тоа иако не ме познаваат лично. Добивам доста пофални коментари за мојата определба и многу „браво“ и „само напред“.
Што треба да поседуваш за да бидеш пилот? Дали постојат некои физички критериуми што треба да ги задоволуваш?
За да бидеш пилот искрено треба да имаш пасија за тоа. Но од друга перспектива да, треба да си здрав најпрво, да немаш никакви медицински проблеми, да имаш добар вид и слух, психички да си стабилна личност.
Да можеш да работиш под притисок, да знаеш да се снајдеш во стресни ситуации и сл. Со пилотирање може да се почне уште од 17 година, не се бара никаква претходна подготовка од типот на факултет, тоа е лична желба да си факултетски образована личност.
Од каде љубовта кон летањето? Кога одлучи дека сакаш да бидеш пилот?
Љубовта кон летањето ми е од татко ми. Уште од малечка одев со него на аеродром и сè ми беше интересно. Прв пат се возев во Прилеп, на спортскиот аеродром, не се сеќавам точно на годината, но имам една фотографија која кога и да ја погледнам се сеќавам на тоа чувство што го имав истиот ден, а тоа е дека сакам да сум како тато кога ќе пораснам.
Какво е чувството кога ќе облечеш униформа?
Чувството кога ќе облечам униформа е гордо, мотивирачко, исполнето и заслужено.
Најдалечната дестинација до која си летала досега …
Хмм, па како најдалечна ќе ја издвојам Босна и Херцеговина. Сум летала и до Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, претежно дестинации на Балканот.
Најлудата работа што ти се случила за време на лет …
Па, сум имала доста интересни работи што ми се случиле за време на лет. Прва што ја паметам што ја искусив е нулта гравитација.
Различни искуства со пријатели, многу смеа, љубопитност. Ниско летање, буквално имав чувство дека сме само неколку десетина метри над земја и ред други интересни работи.