Горјана Јордановска, јога инструктор: „Стресот ме натера да почнам, а штом сфатив дека можам да стојам на глава се вљубив во јогата“

„Практикувањето на јога ме натера исто така да размислам и што внесувам во својот организам и како се хранам, бидејќи јогата покрај физичката пракса, како што спомнав неколкупати, со себе носи и цела филозофија и начин на живот“, споделува јога инструкторот Горјана Јордановска.

gorjana jordanovska joga instruktor se uste tragam po vnatresen balans toa e nesto na koe moze da se raboti celiot zivot 4

Поразговаравме со Горјана Јордановска, јога инструктор, која ни открива интересни работи...

Живееме во турбулентно време каде што сите имаме потреба од поврзување на телото, умот и душата.

Многумина тоа го имаат постигнато со јога, преку таа возвишена дисциплина што на голем број на луѓе им ги има сменето животите.

Горјана, можеш ли да се сетиш на твојата прва јога сесија? Како се натера себеси да се појавиш таму?

Да, многу добро се сеќавам на мојот прв јога час. Сигурно пола година размислував на кој начин да си го активирам телото бидејќи чувствував дека ми треба физичка активност.

Се обидов да трчам, но не ми успеа, брзо се откажав. Само што започнав со нова работа и навистина ми беше потребно да ги извадам од себе 8-те часа преседени на столче.

Размислував дали можеби треба да се обидам со јога – иако во тој момент јогата ја разбирав како нешто многу бавно, како треба да се седи во место и да се медитира, како има некаква врска со концентрација и со поклонување на некои индиски богови – моето сфаќање беше обременето со многу голема игнорантност и она кое сум го слушала од некои луѓе кои некогаш оделе на јога, пример кај некои жени во стан … и сето тоа ми беше многу чудно и искрено не се пронаоѓав баш во целата таа приказна. Но, целата таа перцепција ми се промени кога отидов на првиот јога час – во студиото – „Инсајд Јога“.

Памтам дека беше многу поразлично од сè што сум практикувала претходно, дека имаше одреден ритам и темпо и дека целиот час беше воден сталожено, мирно – никој од учесниците не зборуваше, туку се концентрираше на асаните (позите).

Дел од студентите околу мене, беа многу понапредни и можеа да ги прават различните асани со голема леснотија и многу грациозно – па, во моментите кога ќе „фрлев“ око се чувствував фрустрирано, но истовремено и восхитено како е возможно едно човечко тело да е способно за таква состојба.

Понатаму, понекогаш си помислував дека јас ќе бидам способна да го доведам моето тело во одредена поза речиси никогаш, дури ни до крајот на мојот живот – или можеби за 5 години активно вежбање; сите тие мисли, сите тие стремежи, се всушност само илузија која како препрека ни ја поставува нашиот ум и која е најчеста причина да се откажеме од нешто – тоа го сфатив подоцна.

Восхитот што го чувствував спрема другите, понапредни од мене, ме инспирираше да продолжам со јога патувањето; но, чувството на смиреност, исполнетост со енергија и блажина после секој час, е она кое ме задржа да се посветам малку подлабоко, да навлезам малку поинаетливо и посветено…

gorjana jordanovska joga instruktor se uste tragam po vnatresen balans toa e nesto na koe moze da se raboti celiot zivot 1

На непознатото сите му пристапуваме со недоверба. Веројатно и ти самата се имаш најдено во слична ситуација.

Но, што е она што јогата ти го даде на тебе и одлучи максимално да бидеш посветена?

За мене она што беше најбитно, е што полека започнав да набљудувам како мојата перцепција се менува и подлабоко разбира дека телото, умот и психата (душата) се поврзани меѓу себе.

Праксата ми помогна да го разбудам своето „внатрешно око“ кое секој од нас го поседува и кое ни помага да ги погледнеме своите доживувања малку пообјективно.

Поради тоа, јогата за мене почна да има поинакво значење – престана да биде само „спорт“, а повеќе почна да наликува на патешествие во своето Јас. Секако, не се сомневам дека секој спорт, практикуван посветено, го содржи во себе истиот тој пат.

По секој поминат час, откривав нешто поинакво; само еден милиметар подлабоко навлегување во асаната, за мене беше како да сум направила 100 чекори напред; многу често мислите и тежината кои ги носам во својот живот, излегуваа на површина бидејќи за да продреме до потсвеста, прво мора да го отвориме нашето тело – тие се бескрајно испреплетени и поврзани едно со друго; често се случува за време на праксата и да се заплаче – и тоа е сосема нормално, тоа е дури и најубавото нешто кое може да се случи кај човек што практикува јога, бидејќи тогаш, сигурно знае дека во него се случува таа метаморфоза, дека полека се преобразува во прекрасна пеперутка која ќе биде толку лесна што веднаш ќе одлета.

gorjana jordanovska joga instruktor se uste tragam po vnatresen balans toa e nesto na koe moze da se raboti celiot zivot 10

Но, јогата е и борба – битка со самиот себе – борба секој ден да застанеш на простирката и да започнеш со пракса или да отидеш во студиото на ладен зимски ден, наутро во 7:30 часот – борба со своите лични фрустрации дека не сме доволно добри, дека не ги правиме позите правилно, дека секогаш има некој друг кој е подобар од нас и дека ние никогаш нема да стигнеме дотаму – и само овие неколку реченици докажуваат колку успешно знае нашиот мозок да работи против нас и колку секојдневно соочувањето со самите себе е една од најтешките работи на светот; и секако, секој го бира начинот на кој сака да се соочи со себеси, но она кое мене јогата ми го „даде“ и кое јас го најдов е токму тоа – непрестајно соочување со себеси, битка, борба – некогаш крвава, некогаш многу мека и љубовна, но секогаш постојано копање и ’рвење – кое сепак, нели ни е една од задачите поради кои сме дошле на овој свет.

gorjana jordanovska joga instruktor se uste tragam po vnatresen balans toa e nesto na koe moze da se raboti celiot zivot 6

Имаш ли омилен јога инструктор и гуру кој отсекогаш те инспирира?

Во јога филозофијата еден од постулатите е концептот на апариграха, односно на неврзување и непосесивност кон што било во нашиот живот. Овој морален код сака да ни каже дека треба да ги пуштиме работите да течат околу нас, без ние да се врземе или да имаме очекувања од нив и дека една од главните причини за нашето страдање во овој свет е токму тоа.

Поради тоа, јас можам да ви кажам за личностите на кои им се восхитувам и ми даваат огромна инспирација и верба да продолжам со својата пракса. Вистината е дека кај секој јога учител кој ми предавал сум научила многу и сум си земала „омилени“ делчиња, кои на крајот сум ги присвоила како сопствени.

Сите учители, кај кои сум била, ми понудиле делче од себе и секој со својот стил ми дал можност да станам подобра како учителка. Но, не само учителите, туку и моите соученици, и студенти, и тие ми се омилени бидејќи од нив учам уште повеќе, а тие најмногу ме инспирираат да продолжам понатаму.

Секако, ќе излажам ако не споделам дека главниот „виновник“ кој ме улови во мрежата е Неда, бидејќи еден час, сосема случајно и наивно ми помогна да застанам на глава (една од најпосакуваните асани на почетници во јога) и штом сфатив дека сум способна за тоа – навистина моето срце летна над мојата глава (срцето ни е над глава, нели, кога стоиме на глава) – и после не се врати никогаш, мислам дека уште е кај неа.

gorjana jordanovska joga instruktor se uste tragam po vnatresen balans toa e nesto na koe moze da se raboti celiot zivot 2

Веќе со години си активен работник во музичка индустрија. Организирање на фестивали и концерти знае да биде навистина стресно и истоштувачко искуство, па како јогата ти има помогнато да воспоставиш внатрешен баланс и смиреност?

Една од причините што ме натера да се занимавам со јога е стресот создаден од работните обврски. Јас на почеток и сè уште јогата ја користев како помошна алатка за да напредувам подобро во својата кариера. Организацијата на настани, е напорно и ти одзема огромен дел од енергијата, особено ако не знаеш како да ја менаџираш истата.

Преку праксата, научив што значи да се балансира помеѓу времето посветено на себе и времето кое ни го одзема работата. Секако, на многу наврати ми било невозможно да го одржам тој баланс, особено во летните месеци кога се случуваат сите фестивали, но секогаш потоа, и понекогаш помеѓу, се навраќам на праксата како нешто кое е само мое и каде што јас сум во „мојот“ свет – далеку од сите други.

Мојата работа налага брзо темпо, постојано нешто се случува, постојано треба да си некаде (дали со умот или физички), бидејќи никој нема да те чека – во еден миг се случуваат 100 работи, а веќе во другиот треба на истите да им се одговори – навистина понекогаш треба да си огромен мајстор над својот ум за да останеш смирен и во многу дадени ситуации да одговориш сталожено и да не дозволиш стресот да те изеде.

Праксата ми ја нуди можноста да научам како да си го совладам сопствениот ум. Многу често и фрустрациите од работното место ми излегувале на површина за време на вежбањето, но тоа чувство било ослободително, речиси катарзично бидејќи во тие моменти она кое ме мачело ја земало вистинската форма, за конечно да можам да го сфатам и видам пред себе, а преку тоа и да го осознаам и да почнам да го „варам“ свесно. Јас сè уште трагам по внатрешниот баланс, ми се чини дека тоа е нешто на кое може слободно да се работи целиот живот.

gorjana jordanovska joga instruktor se uste tragam po vnatresen balans toa e nesto na koe moze da se raboti celiot zivot 5

Горјана, од неодамна си и јога инструктор во „Инсајд Јога“. Со какви практики и вежби можат да се сретнат учесниците на твоите часови?

Да, со многу радост може да кажам дека почнав да држам часови веќе 1 месец во моето матично студио – „Инсајд Јога“.

На курсот за учители изучував Аштанга Винјаса јога и токму истото сега и го предавам. Аштанга јогата се смета за раџа јога, односно таа е физички најинтензивна јога пракса.

Аштанга јогата се заснова на четири елементи: Винјаса системот кој ги синхронизира длабокото ритмично дишење и движењето; Уџаи здивот преку кој го контролираме нашето дишење; Бандите, трите енергетски клучалки чие користење ни овозможува да го конзервираме здивот и да го преобразиме во енергија која нè исполнува со блажина; Дришти – фокус точки преку кои го насочуваме вниманието во себе, ни помагаат да го разбудиме „внатрешното око“.

Аштанга јогата се заснова на неколку секвенци и е повторлива, како еден вид на кореографија. Се започнува со „Поздрав на Сонцето“, па стоечки асани, потоа се седнува, и ученикот се истегнува (секогаш активно), па лежечки асани и на крај е ресторативна јога, која во секоја физички интензивна јога мора да се практикува на крај бидејќи преку неа се регенерира нашиот организам. И

Секако, омилената поза за многумина – Шавасана – ученикот на крај легнува и го опушта телото неколку минути, за да го почувствува благодатот од целата физичка пракса.

Битен дел е и пранајамата, односно специфичните техники за дишење кои имаат огромно влијание во опуштањето на нервниот систем и медитацијата.

gorjana jordanovska joga instruktor se uste tragam po vnatresen balans toa e nesto na koe moze da se raboti celiot zivot 8

Кој е твој омилен тип на јога? Како луѓето можат да го пронајдат типот што најмногу ќе им одговара?

Мојот ум е многу тешко да го фокусирам за да престане да рипа од мисла на мисла и затоа Аштанга јогата и нејзината дисциплина ми помага барем за момент да се сталожам.

Преку дишењето, физички интензивните асани, употребата на бандите и фокус точките, можам да се смирам во тие два часа, но не секогаш за да си го регенерирам умот.

Физички интензивната јога во себе може да содржи различни комбинации на асани, и таа вообичаено секогаш завршува со смирување на здивот, преку ресторативна јога и со медитација.

Сепак, она што ѝ одговара на една личност е секој ден различно. Доколку имате интерес за јога, тогаш моја препорака е да отидете во јога студио и да ја искусите лично праксата бидејќи праксата во живо нема споредба со онлајн пракса, особено за почетници.

На воден час, во живо, учителот ви дава инструкции конкретно значајни за вас, ве поднаместува со цел да почувствувате како правилно се влегува во асаната, целото темпо е многу поинтензивно, а особено енергијата која се шири околу вас.

Јога часот многу зависи и од самиот учител, секој учител има свој стил и многу од учениците се врзуваат за своите учители и понекогаш клучно за да започнат со вежбање.

Некои практиканти навлегуваат во јогата преку медитација бидејќи таа најдобро одговара на нивната личност. На крај, сè што правиме доколку го правиме со свесна намера, се претвора во – „тип на јога“.

Некои денови едноставно не може да се натераш со сила да извежбаш активно, па затоа доволно е да отседиш во медитативна поза; некогаш, се случува да немаш време за ништо, па доволно е само на еден момент да застанеш и да се сосредоточиш во себе и да си поставиш намера со која ќе земеш неколку длабоки здива – и во тој момент – тој тип на јога е оној што најмногу ти одговара.

gorjana jordanovska joga instruktor se uste tragam po vnatresen balans toa e nesto na koe moze da se raboti celiot zivot 11

Во моментот сме соочени со светска пандемија и сакале ние или не, пак сме затворени по дома, контактите ни се ограничени… Може ли да споделиш неколку совети и лесни вежби што луѓето сами можат да ги практикуваат по дома?

Животно присуство и искуство кое го имаме при посета на воден јога час не се споредува со ниеден онлајн час. Во периодов, за жал, како и многу други убави работи, и оваа ни е скратена. Сепак, секој може дома да издвои некој час или минута, особено сега кога многумина и од дома работат.

Она што ќе изберете да го практикувате не е толку битно – најбитно од сè е да поставите намера дека во тој еден час ќе се фокусирате на себе и на вежбите, и оттука ви започнува целиот јога пат.

За почеток секој може да седне на перница, со крст нозе и да ги затвори очите и да се фокусира на длабоко дишење, да почувствува како му се креваат градите, како се движи здивот, каде оди, од каде влегува и од каде излегува.

Секој може да издвои 5 работи за кои е благодарен во тој момент, кои не мора да се огромни, кои го прават радосен и да поседи во тишина исполнет со нив. Доколку во домот немаме простор, доволно е да прошетаме надвор и свесно да го набљудуваме своето Јас, ѕиркајќи подлабоко во себе.

Ако сакате физички да се активирате тогаш може да најдете мал простор за „Поздрав на Сонцето“ („Surya Namaskar“ A) – целата серија од асани е многу делотворна за нашето тело и кога ја практикуваме, истовремено го активираме секое мускулче, физички се зајакнуваме и се истегнуваме.

Секој ден, за почетници – по десет „Поздрави на Сонцето“ се сосема доволни.

gorjana jordanovska joga instruktor se uste tragam po vnatresen balans toa e nesto na koe moze da se raboti celiot zivot 12

Како за крај какви придобивки имаш од постојано практикување на јога?

Се чувствувам одлично. Тоа е најважно од сè! Навистина, по секоја пракса, особено ако била подолга, околу 2 часа, чувството што реално сама си го овозможувам е непроценливо – едноставно чувствувам радост и среќа!

Праксата наутро ми е исто така најубава – ако доволно се имам вложено и сум успеала да се фокусирам, тогаш ама баш ништо нема шанси да ме изнервира во текот на денот.

Лошата болка, од седење пред компјутер, вкочането тело и врат, се нешта кои одамна веќе не ги познавам – секојдневната пракса ми помага сама да си го масирам телото, со сопствена сила.

Циркулацијата ми е подобрена, порано бев многу зимурлива, но откако почнав со поинтензивна пракса, намалив на еден зимски слој облека; по природа имам слаб имунитет и често се разболував, но и тоа се промени, едноставно се чувствувам посилно и здраво, и многу поретко фаќам настинка.

Практикувањето на јога ме натера исто така да размислам и што внесувам во својот организам и како се хранам, бидејќи јогата покрај физичката пракса, како што спомнав неколку пати, со себе носи и цела филозофија и начин на живот.

Навистина е тешко да се стане наутро рано и да се вежба, доколку претходната вечер сме заглавиле и сме испиле одредена количина на алкохол.

Одеднаш требаше да изберам што ми е побитно во тие моменти и да размислувам неколку чекори понапред – како што гледате покрај физичките придобивки, имав и неколку духовни, што и не е така лошо.

gorjana jordanovska joga instruktor se uste tragam po vnatresen balans toa e nesto na koe moze da se raboti celiot zivot 9

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Теа Трајковска за CRNOBELO.com: „Предизвик е да се живее само од музика кај нас“ „Од Златно славејче ги носам едни од најубавите детски спомени. Уште како м...
Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги ... „На 6 години добив брат, а многу сакав сестра. Родителите ми велеа дека ќе имам ...
Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“ „Јас имав трема кога го запознавав со моите, тој беше опуштен. Си се спремаше, к...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg