Блогерката Софија Јанева: „Сама си ги планирам патувањата и сакам да ги споделувам моите искуства“
- Детали
- петок, 22 ноември 2019
Софија Јанева (25) од Скопје, на многумина позната по својот Инстаграм профил @janeva е девојка која обожава да патува, фотографира и да ужива во животот.
Од професионален аспект, таа е дипломиран економист, а наскоро ќе ја добие и својата магистерска диплома во областа на дигитален маркетинг. Покрај тоа, таа е и фриленсер и блогер. Својот блог го започнала пред две години и задоволна е од постигнатиот успех.
На Јанева фотографијата ѝ е хоби и пасија. Ја интересира природа, случајни минувачи, убава архитектура… Сака да прави спонтани фотографии, да експериментира со светлина и со обработка. Постојано истражува нови техники и алатки, кои воедно ѝ ја поттикнуваат креативноста, а има и свои пресети (ефекти) кои постојано ги усовршува.
„Патувам уште од многу рана возраст со моите родители, од кои ја наследив љубовта кон патувањата, авантуристичкиот дух и желбата за истражување нови дестинации. Забележав дека многу луѓе се интересираат за моите патувања и авантури, па решив да ги споделам со светот.
Така се роди и мојот блог, по едно патување во Австрија кое навистина ме импресионираше и морав да ги споделам впечатоците. Подолг период размислував да започнам свој блог, а знаев дека блогот може да ми помогне да создадам независен животен стил во одреден момент во иднина. Сепак најважно ми беше да ги документирам моите патувања и да пишувам за она што сметав дека на моите пријатели и семејство ќе им изгледаа интересно.
Освен за патување, пишувам и содржини поврзани со новите модни трендови и мојот секојдневен живот. Без оглед на која тема пишувам, најважно ми е содржината да биде оригинална, креативна, интересна и да ги пренесува личните искуства“, раскажува Јанева за своите почетоци во светот на блогерството.
Вели дека патувањето ја прави среќна, ѝ отвора нови перспектива, ѝ дава нови идеи, ја ослободува од секојдневниот стрес. Секогаш се труди да истражува повеќе за местото каде патува, за културата и обичаите, да научи неколку зборови на нивниот јазик и секако, да разговара со локалците.
„Патувањето ми помага да се осознаам себеси. Често се случува да наидам на нови предизвици или ситуации кога треба да се снаоѓам на различни начини и да размислувам поинаку.
Така развивам нови вештини за кои и не сум размислувала дека ги поседувам. Среќна сум што имам професија која ми овозможува доволно слободно време за патувања и нови авантури“, открива Јанева, чија омилена дестинација ѝ е и ќе остане Калифорнија, каде го завршила средното училиште и живеела една година.
За Лос Анџелес вели дека е градот од нејзините соништа, центар на филмската индустрија, модата, холивудските ѕвезди, Дизниленд, прекрасни плажи, шопинг центри и забавни паркови… Место каде оформила нови и доживотни пријателства.
Она што посебно ја фасцинирало е прекрасната клима и сонцето преку цела година. Затоа Калифорнија ја викаат „The Golden State“. Секогаш кога ќе ѝ се укаже можност, без размислување ќе се врати во Лос Анџелес.
„Исто така, престојував три месеци во Австралија, ги посетив Сиднеј и Мелбурн и преубавото крајбрежје на Great Ocean Road. Сакам егзотични дестинации и затоа Австралија ми остави посебен впечаток со прекрасни песочни плажи, гребени, нуркање, необични и ретки животни и неистражени пространства.
Воедно, ме привлекуваат и места како Ибица кои се комбинација на богат ноќен живот, журкање со светски DJ-и, како и совршени плажи и тиркизна вода каде можеш комплетно да се релаксираш. Можам да кажам дека сите дестинации кои сум ги посетила ме инспирирале на посебен и поинаков начин“, се присетува Јанева.
Нејзиното последно патување е од пред недела дена во Венеција, каде било многу необично, затоа што го посетила градот во период на најголеми поплави во последните 50 години.
Нивото на водата на некои места, како што е плоштадот Сан Марко достигнувало и до 1.60 cm, па некои места биле целосно непристапни, а тие морале да се движат низ улиците со високи гумени чизми или по импровизирани мостови. Но и во таква вонредна состојба, градот имал посебна енергија и убавина.
„Најчесто внимателно го планирам секое мое патување, истражувам детално за дестинацијата, и сакам да сум добро подготвена со информации. Сместувањето го резервирам на Booking или Airbnb или воспоставувам соработка со некој хотел“, споделува Јанева и открива дека ретко се случува да патува со туристичка агенција, иако и тоа си има своја убавина.
На неа најубаво ѝ е кога сама ќе си го испланира целото патување, посети на знаменитости, ресторани…
„Сметам дека на социјалните мрежи нема некоја разлика од каде потекнува блогерот, сè додека пишува актуелни содржини кои ги интересираат читателите на глобално ниво. Во основа, блогерството е запишување на сопствените размислувања, споделување на идеите и личните искуства на различни теми со другите луѓе.“
„Секој блогер е уникатен на свој начин сè додека умешно го пренесува сопственото искуство на посебен начин. Но, многу често се среќаваат блогери кои копираат туѓи идеи и тоа воопшто не го почитувам. Без оглед на која област или тема ќе се посветите, потребно е да бидете индивидуални, оригинални, креативни, интересни и да пишувате од свои лични искуства.
Воедно, многу е важно да им помогнете на оние на кои им се потребни точни и објективни информации за одредена дестинација, совети поврзани со патувањата и предлози што да посетат. Мојот блог е наменет за сите кои сакаат да создадат свој идеален животен стил и да ја откријат убавината на патувањата“, раскажува Јанева.
Времето кое го посветува за пишување на блогови е час-два во текот на денот. Најголем дел од времето го посветува на истражување, фотографирање, едитирање, менаџирање на социјалните медиуми и комуникација со брендови.
Тоа е составен дел од водење на нејзиниот блог. И покрај тоа што оваа работа ѝ одзема голем дел од денот, сепак ништо не ѝ претставува проблем. Напротив, тоа ја исполнува.
„Разликата со другите држави е единствено во однос на заработката од блогерството. Колку заработуваш од блогот е индивидуално. Некој повеќе, некој помалку.
Од мое лично искуство, дефинитивно може да се заработува. Во споредба со развиените западни држави каде што блогерите заработуваат големи суми, кај нас сè уште повеќето брендови не се свесни за моќта и влијанието кое го имаат блогерите/инфлуенсерите, а кои не секогаш се јавни личности“, додава таа.
За крај вели дека ако желбата е доволно голема, секој може да започне и да биде успешен во оваа професија.
Сите оние кои сакаат да започнат свој блог и да заработуваат од истиот, можат да прочитаат подетално на нејзиниот блог „Adventures with Janeva“.
Автор: Х. Е. | Црнобело