Дамјан Петровски: „Суканиците се само израз на мојата внатрешност“
- Детали
- вторник, 05 март 2019
Возење ролери и правење суканици (надградба на коса) се дел од секојдневието на Дамјан Петровски (21) од Куманово. Вели дека многупати луѓето го застануваат на улица и љубопитно го прашуваат за неговите суканици.
Дали e тоа негова коса? Дали ја мие? Дали косата му расне? Со што ја прави? Колку време ја прави? Дамјан ги разбира прашањата на луѓето. Нив им е интересно да се информираат за тоа, а луѓето со таков стајлинг за останатите изгледаат впечатливо и невообичаено.
„Моите суканици – тоа сум јас. Тие се дел од мене, од мојата личност. Тие го градат мојот имиџ и зборуваат многу за мојата личност“, открива Дамјан, кој ги направил своите суканици во прва година средно, поточно во 2013 година.
„Можеби другите за нас мислат дека ние сакаме да изгледаме поинаку од другите, да бидеме впечатливи, а всушност, суканиците се само израз на нашата внатрешност.“
Дамјан додава дека постојат повеќе стереотипи за луѓето со суканици: дека од хигиенски аспект не се препорачливи, дека оние што носат суканици имаат поинаков животен стил, дека консумираат стимулативни средства и слично.
„Овие стереотипи не ги среќаваме само кај постарите луѓе, туку кружат и помеѓу младите. Има и такви кои на суканиците гледаат како еден вид на уметност, оригинален стил, дел од имиџот на една личност. Во секој случај, луѓето што носат суканици се луѓе со поинаков вкус и сенс“, се доизразува Дамјан Петровски.
Но, освен што суканиците се дел од стилот на Дамјан, тој од 2014 година активно се занимава и со правење на суканици. По едногодишно усовршување, конечно собрал храброст своето хоби да го претвори во професија.
„На времето се одлучив да направам Фејсбук страница под име Dreadlocks, која денеска брои скоро 150.000 следбеници. Благодарение на таа страница, остварив контакт и соработка со многу луѓе и артисти, како што се Деа Плевнеш (транс-DJ), Емилија Пендева (тату-артист). Интересот за мене се зголеми благодарение на Фејсбсук страницата. И од тогаш може да кажам дека веќе со години правам, средувам и отплетувам суканици. Најдолгите суканици кои ги имам сработено се на Деа Плевнеш, кои изнесуваат скоро 1,4 метри“, раскажува Дамјан, на свое големо изненадување имал чест да прави суканици за настанот Bob Marley Day во Скопје и бил поканет од Дејан Чарли.
Иако во Македонија има мал број на луѓе што носат суканици, сепак се поддржуваат едни со други. Зошто најдобро е човекот кога ќе ја најде групата на која му припаѓа.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело