Планински велосипедизам, адреналин и патувања - Михаил Тасевски и неговите доживувања на велосипед
- Детали
- среда, 25 јули 2018
Комбинација од планина и велосипедизам за многумина значи поим за исполнување и лично созревање, токму таква приказна е поврзана со Михаил Тасевски (21) од Охрид, лиценциран возач во сениорска – Elit категорија, која е врвот во велосипедизмот.
Целото слободно време тој го посветува на велосипедизмот и главна мотивација му е да се искачи високо на светската ранг листа и да ја претставува нашата држава на Олимпијада, која е сон на секој спортист.
Михаил, кој е член во клубот Оксижен од Скопје е државен првак во планински велосипедизам за 2017 и 2018 година, но исто така го има освоено и третото место во друмски велосипедизам за 2017 година, седмо место во плански велосипедизам на Балканското Првенство минатата година, прогласен е и за севкупен победник на ранг листата на Република Македонија во планински велосипедизам.
„Моите почетоци со планински велосипедизам почнуваат во 2010 година кога тотално сам решив да возам и да правам тури, па со тек на време запознав многу луѓе со кои ја делев истата љубов на две тркала“, раскажува Михаил Тасевски, кој во 2011 се зачленил во локалниот клуб Екодром во Охрид, каде што научил многу работи за планинскиот велосипедизам и воопшто за планината, природата и како да се снаоѓа во неа.
Потоа почнал да учествува на локални трки во нашата држава, постигајќи одлични резултати.
„Не можам точно да објаснам кога сфатив дека планинскиот велосипедизам е нешто што ме исполнува и што е наменето за мене. Тоа е некое посебно чувство, слично на дрога, кога еднаш ќе влезе под кожа, повеќе не излегува“, споделува Михаил за кого велосипедизмот му претставува животен стил.
„За овој спорт најважно е да поседуваш спортски и натпреварувачки дух, бидејќи така станува уште подобро и повозбудливо, и секако, доаѓаат поголеми предизвици“.
Михаил станал свесен дека планинскиот велосипедизам е за него после првата трка во 2012 година кога освоил прво место и си рекол дека без разлика на сé, ќе оди до крај и тоа се случува и до ден-денес, не престанувајќи да освојува први места и други високи квалификации.
„За сите оние кои имаат желба да се занимаваат со планински велосипедизам мора да го знаат ова. Основната опрема е технички исправен велосипед наменет за планина или асфалт, најважната работа е кацига, која понекогаш живот значи. Понапредна опрема се специјални патики и педали со кои се добиваат поголеми перформанси“, препорачува Михаил Тасевски.
Најголем пад во кариерата на Михаил се случило, откако докторите му откриле проблеми со срцето, поради кои цели седум години се натпреварувал во отворена категорија, која воопшто не значела.
Па така, на крајот од 2016 година се одлучил за хируршка интервенција за да се реши проблемот и да може да се натпреварува во професионална категорија.
„Тој момент беше и пад и подем во мојот живот кога одлучив да станам најдобар возач во нашата земја, а во иднина и надвор од нашите граници. Во падови ќе ги додадам и повредите кои во глобала се скршеници и набиеници на коски кои се голем минус за формата која ја градиш за тркачката сезона. Голем проблем се и финансиите кои се доста високи, физички и психички кризи се исто големи падови со кои секој често се соочува. Но на крај, секое ново достигнување ми помага да продолжам напред кон нови успеси“, раскажува Михаил, кој во иднина се гледа како врвен спортист, кој го остваруваа и живее својот сон.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело