Натали Башоски со фотографии го освојува светот: „Досега, не ме фатила носталгија за назад“

Млада, забавна, талентирана, секогаш интересен соговорник кој на еден феноменален начин знае да ги пренесе случките од својот живот притоа креирајќи една навистина пријатна атмосфера за разговор. Смешна, инспиративна и искрена, Натали Башоски, со својата перцепција преточена во фотографија го освојува светот.

intervju so nathalie basoski 01

За сè она што моментално се случува во нејзиниот живот имавме можност да поразговараме и да дознаеме од прва рака.

Веќе четири години живееш во САД, се навикна дека тоа е твојот нов дом или се случува често да те фати носталгија за враќање дома, тука во Македонија?

Да бидам искрена досега не се случило да ме фати носталгија. Тоа не е поради логиката дека тука е подобро или таму е полошо, туку едноставно многу работи се случуваат секојдневно кои ме држат зафатена, па едноставно не ни помислувам на таквите аспекти.

Доколку би застанала да мислам на таквите работи, природно би било да ми недостига нешто од Македонија, на пример пролетта во Пештани, но како што кажав има многу да се работи тука и едноставно за такви мисли нема место во мојата глава.

Како се снајде првиот пат кога стапна во „Големото јаболко”, дали се сместуваше сосема сама или имаше некој кој беше тука да ти помогне во целиот процес?

Баш напротив, немав никој тука, ниту од Македонија, ниту од САД да ми помогне со целиот процес. Првите три дена бев комплетно сама и не познавав никого, но беше на некој начин многу интересно. Тоа што бев сама ми помогна да се запознаам со луѓето на многу поприроден начин, затоа што немаше кој да ме земе за рака и да ми ги покаже карактеристичните места или да ме запознае со некои луѓе на кои ќе можам да се потпрам.

За сè дознавав сама, што е лошо, што е добро, каде има добра храна, убави места, интересни луѓе. Беше навистина еден предизвик, тешко е, морам да признаам, но тоа ме направи да бидам човекот кој што сум денес.

Да беше поинаку и да имав некој нашинец тука, тоа многу ќе влијаеше на малите нешта во мојот живот и дефинитивно немаше да бидам она што сум денес.

После Холандија, каде што живееше како дете, Охрид каде што ги помина тинејџерските години, ова е трета локација на која продолжуваш да ја градиш кулата наречена живот, зошто ги одбра токму САД и Њујорк?

Првично САД не беше планот. Јас не израснав со оној типичен „American dream”, но сакав да сум некаде далеку, од другата страна на светот. Њујорк звучеше некако кул и од она што знаев тоа беше едно место каде што човек може многу да види и направи. Па си помислив, колку би било убаво ако живеам таму, па ете на крајот испадна да живеам таму.

За да појасниме на сите читатели, би сакал да ни кажеш нешто подетално за Прат институтот каде што ти си запишана како редовен студент и конкретно твојот смер. Како оди процесот на едукација и што точно се учи таму?

Јас сум редовен студент, на четири годишни студии, моментално во својата последна година од студии. Ако бараме паралела со институциите во Македонија, Прат институтот класифициран според македонски стандарди би бил уметничка академија.

Има многу смерови како што се графички дизајн, индустриски дизајн, архитектура, илустрација, цртање, фотографија и филм и многу други. Јас студирам филм, иако почесто се занимавам со фотографија, но сепак уживам во мојот смер затоа што сметам дека доста помага во креацијата на една фотографија.

Сметам дека е подобро што студирам филм, а се занимавам со фотографија, отколку да студирав фотографија и да се занимавам со фотографија. Филмот некако дава простор да се научи за животот и како да се долови некоја приказна на интересен начин.

intervju so nathalie basoski 03

Мислам дека многу студенти од Македонија не се решаваат на чекорот кој ти го направи, најмногу поради финансиите и стравот од непознатото и неочекуваното, како се издржува во еден голем град, со висок стандард, имајќи предвид дека си студент и немаш полно работно време?

Она што можам да го кажам е дека тука живеам на многу мал буџет, нормално дека ми требаше време на сето тоа да се навикнам и да сфатам колку е мал мојот буџет. Понекогаш ми се случувало да се успијам намерно, се со цел да прескокнам еден оброк, па да јадам двапати дневно, наместо трипати (се смее).

Што е она кое ја издвојува Натали Башоски од другите фотографи, што може да очекуваат различно луѓето кога ќе прочитаат дека твоето име стои зад некоја фотографија?

Најтешко е кога треба да зборуваш за себеси, јас повеќе би сакала другите да одговорат на ваквите прашања. Но од она што луѓето досега ми го кажале е дека лесно можат да препознаат која е моја фотографија, односно дека го препознаваат мојот стил на работа.

Дали можеш да издвоиш една фотографија од сите твои фотографии која без двоумење можеш да кажеш дека ти е најомилена?

Не би можела да кажам една, затоа што има многу. Всушност местото омилена фотографија не е фиксно и можам да кажам дека скоро секој месец имам некоја нова најомилена. Што значи кога правам нови фотографии позицијата на омилена фотографија се обновува.

Дури и ако побараат да покажам нешто мое најдобро, заглавувам со изборот, затоа што нема совршена фотографија, или фотографија од која нема да има подобра, туку едноставно во тој момент, таа конкретна фотографија мене ми се допаѓа па затоа ќе ја одберам, после долго размислување.

intervju so nathalie basoski 04

Од каде (или од кого) црпиш инспирација, имаш ли идоли кои ти помагаат при твојата работа или сè правиш по сопствено убедување од искуствата стекнати на сопствена кожа?

Црпам инспирација од секојдневни случки, како и сите уметници, бидејќи мислам дека од искрени чувства произлегува најубавата работа на која луѓето се восхитуваат. Студентскиот живот, универзитетските денови, луѓето кои ги запознавам, новите места кои ги откривам секојдневно се само мал дел од сложувалката која дава една целосна слика на мојата работа.

Сакам различни места каде што можам да сретнам различни луѓе, градби од различен вид, да искусам и сиромашна класа и богата класа на луѓе, едноставно да видам сè она што може да понуди светот. Има доста луѓе на кои помагам, давајќи свои критики, така што анализирајќи и предложувајќи идеи како да се подобрат, нормално учам и јас самата за моите фотографии.

Но, имам многу пријатели фотографи кои ги обожавам како луѓе и секако нивната фотографска естетика, така да можам да кажам дека ме инспирираат индиректно.

Во самиот процес на растење на еден фотограф е многу важно сликата да стигне до многу луѓе и да ги слушнеш нивните мислења за неа без да кажат директно дали е добра или лоша, бидејќи самиот фотограф некогаш може да не ги забележи сите детали или да не види нешто што гледа некој друг. Затоа тој процес на разменување мислења е навистина важен за еден фотограф.

На пример, имам колега и пријател фотограф кој понекогаш знае да биде разочаран од своите фотографии бидејќи не го уловил она по коешто тргнал, а притоа добил феноменална фотографија, која за него не е добра само затоа што не го содржи она што го замислил, додека за другите е фасцинантна баш поради тоа што го содржи.

Веќе имаше неколку самостојни изложби, неколку во Скопје и неколку во САД, кои се придобивките од една изложба и какви се реакциите на луѓето?

Реакциите на изложбите се многу интересни. Најчесто се добиваат искрени реакции коишто не ги очекуваш воопшто. Тие анализи каде што некој знае да каже дека му се допаѓа одредена фотографија и дека буди носталгични чувства затоа што го навраќа во детството, а нели јас и тој што анализира сме имале сосема различно детство, да се види дека твојата работа има таква моќ е навистина интересно.

Исто така може да кажат на пример дека постои некој објект кој е интересен во фотографијата, што јас претходно воопшто не сум го забележала или не сум дала на значење. Но, тука нема несогласување, она што буди фотографијата кај публиката, тоа е нејзиниот епитет, тоа се случува и со сите уметности. Дури и јас да не го мислам тоа, морам да се согласам со мислењето на широките народни маси и со моќта која ја има фотографијата да предизвика нешто врз нив. Затоа е многу интересно да се разговара околу тоа без да се бара конкретен заклучок кој е во право или не.

Многу е интересно што ми се случувало на ист сет слики да добијам сосема различни прашања или да слушнам дека предизвикале некакви чувства за истите во Њујорк, што ќе бидат сосема различни од оние кои ќе ги добијам и слушнам во Скопје. Сето тоа е последица на различниот начин на живот, менталитет и едноставно нема полоша или подобра реакција, туку реакциите се посебни и како такви се многу интересни. Така да импресијата на публиката е многу важна за некој што се занимава со уметност.

intervju so nathalie basoski 02

Дали си задоволна од насоката во која се движи твојот професионален живот и кариера или ако имаш можност да се вратиш низ времето би променила нешто и би одбрала сосема друга кариера?

Многу сум среќна што кариерата ми се движи во оваа насока, затоа што ова го сакам најмногу. Отсекогаш сум сакала да фотографирам, да снимам, да шетам низ светот, да се дружам со креативци, да имам отворен простор каде што ќе можам да ги развивам моите идеи. Искрена да бидам постигнав сè што имав намислено и многу ми е мило што секогаш се водам според она што сакам да го правам, без разлика што мислат останатите.

Не дојдов тука во стаклено ѕвоно, со нелимитирани средства, едноставно како секој еден нормален човек од Македонија дојдов тука да го остварам сонот, да се возам со скејтборд, да сликам и да запознавам луѓе од светот.

Кога ќе ја насочиш енергијата кон она што го сакаш, тогаш тоа и ќе ти се случи. Изборот е секогаш твој, тешко е, можеби ќе се измачиш многу, но вреди. Целиот процес за аплицирање беше многу долг и напорен, секако имаше и дополнителни финансиски трошоци, но имав желба и најдов начин како да ја остварам.

Не мислете како не можете да ја остварите вашата желба, туку мислете како да ја остварите истата. Јас никогаш не мислев дека ќе студирам, затоа што не бев најдобриот ученик во средно, но ете тие 2% во мојата глава кои ме водеа кон она што сум денес ме направија дел од целата оваа приказна.

Од она што можевме да видиме на социјалните мрежи, се случи пожар во твоето живеалиште кој однесе се што поседуваше. Какво е чувството да изгубиш сè што си градел во последните четири години, како се справи со сето тоа?

Многу е лошо и страшно. Секој што помисли на тоа ги кажа истите зборови – хорор. Но кога веќе се случи, нема што да направиш, не можеш да го вратиш времето назад, тоа е што е, почнуваш од нула, со главата горе. Не смееш да се разочараш од тоа што те снашло, туку продолжуваш напред се со цел да створиш нови работи. Го прифаќаш, бидејќи колку и да седиш дома и да мислиш размислуваш, што ако беше поинаку, нема да помогне.

Кога ќе сфатиш дека немаш ништо тоа те мотивира да создадеш нешто ново, во мојата ситуација секоја нова слика е од големо значење. Среќа имаше доста луѓе кои помогнаа и застанаа зад мене полесно да пребродам преку сето тоа.

Морам да кажам дека завршените слики (оние што ги сметам за успешни) ми се зачувани на google drive, но имаше многу работи, цела архива кои што се наоѓаа во хард дисковите кои изгореа. Мој совет кон сите, направете back up, но не го чувајте на исто место со останатите работи, за да не ви се случи она што ми се случи мене.

Како ја замислуваш својата идеална кариера, се гледаш некаде во студио работејќи на различни фотосесии или би сакала да излезеш да работиш на терен и да го искусиш светот?

Дефинитивно да го искусам светот, надвор на терен, Токио, Шангај, Нов Зеланд, Чиле, нови места кои не сум ги видела! Студио е интересно, но некоја нова локација ме инспирира повеќе.

this or that nathalie1 copy

Што би им кажала на сите оние кои имаат големи, луди, сни кои можеби опфаќаат процес сличен на оној низ кој поминуваш ти?

Ако имаш јак сон, тогаш дај сè од себе да го оствариш. Ако се будиш со тој сон, ако одиш на работа/училиште со твојот сон, тогаш зошто само да го сонуваш?

Почни да правиш мали чекори за тој сон, мали чекори, кои понатака ќе бидат многу значајни. Најди некој кој ќе ти даде информација и ќе ти помогне во тие мали чекори, но никогаш не зборувајте што не можете, фокусирајте се на она што го можете.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“ „Јас имав трема кога го запознавав со моите, тој беше опуштен. Си се спремаше, к...
Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги ... „На 6 години добив брат, а многу сакав сестра. Родителите ми велеа дека ќе имам ...
Барбара Поповиќ за CRNOBELО: „Имам италијански корени, ќе пеам на Сан Ремо“ „Од македонските музичари најблиска сум со Иван Јованов од Либеро бенд. Тој ми е...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg