Како Стефан Рашковиќ стана Steffonator - еден од најпознатите македонски јутјубери?
- Детали
- понеделник, 19 февруари 2018
Уште една јутјуб приказна исплови на површина во последниот период. Приказна пропратена со истрајност, посветеност и желба за успех. Светскиот тренд не престанува да ги инспирира и мотивира младите да се приклучат на едно виртуелно ролеркостер возење.
Во продолжение следува приказна за еден препознатлив лик, поточно јутјубер и студент на мултимедија и дизајн, кој освен што има над 20.000 следбеници на својот канал, воедно знае и да ги забавува луѓето.
Прво би сакал да се навратиме на твоите почетоци и од таму да го започнеме разговорот. Како што многумина знаат, а посебно помладата генерација, веќе неколку години си дел од јутјуб платформата, може ли да ни раскажеш како Стефан Рашковиќ стана @Steffonator и што е она што те натера да почнеш да се идентификуваш како јутјубер?
Јас сум човек кој сака да пробува многу работи и често пред да почнам да снимам знаеше да ми текне нешто и да си речам, „зошто некој не го направи ова“, па така чувствувајќи се дека имам премногу нешто во себе што не можам туку така да си го чувам внатре, решив мојата креативност да ја префрлам на јутјуб креирајќи забавни содржини.
Се сеќаваш ли на првото објавено видео и со каква емотивна состојба и очекувања се соочи тогаш?
Првото видео на јутјуб паметам дека ми беше претставување каде што кажував кој сум и кои се моите планови на јутјуб. Во тој момент немав големи очекувања и само сакав да ги реализирам работите кои тогаш ги имав замислено. Со тек на време може да се каже дека станав зависен од правење видеа и не престанав.
Твоето јутјуб портфолио содржи креативни видеа, почнувајќи од предизвици, влогови, како и серијалот „Зачудувачки факти“, по кои многумина те препознаваат. Кои се твоите критериуми и приоритети за тоа што сакаш да објавуваш?
На мојот канал објавувам видеа кои јас би ги гледал како гледач ако сум на другата страна од екранот. Многу често видеата кои ги објавувам се наметнати и од самиот тренд кој е присутен на јутјуб. Зборувам за некои популарни предизвици кои ги прават многу луѓе низ светот, прашања и одговори и слично. А останатиот дел се напад од креативност и креирање содржини и серијали што претходно не постоеле во Македонија.
Може да видиме дека ги почитуваш желбите на твоите следбеници, но си имал ли некакво необично, да не речам чудно барање од нивна страна, што никогаш не си го претворил во видео материјал?
Често знам да почитувам желбите и барањата на моите следбеници, ама не верувам дека би прифатил да правам видео кое мене искрено не ми се прави, сакам да бидам среќен со содржините кои ги креирам, а не да бидат на некој начин наметнати.
Откако објавив видео во кое раскажував интересни случки од детството, имам прочитано доста коментари од луѓе кои сакаат да снимам со сестра ми или некој друг член од семејството, ама тоа не е во моја моќ, би снимал само доколку тие побараат или прифатат.
И дали постојат такви видеа што никогаш ги немаш објавено? Видеа што не ти ги задоволиле очекувањата или биде „осакатени“ за време на монтажата?
Искрено во фолдер имам само едно видео што не сум смеел да го објавам поради одредени причини што не би ги коментирал, останатиот дел сè што сум се нафатил да реализирам е објавено.
Она што во последно време стана актуелно е серијалот 90 Seconds, може ли подетално да ни ја објасниш замислата и она што сакаш да го пренесеш преку таа минута и пол?
Без да навредам некој, новинарите често знаат да ги „гњават“ познатите личности со монотони прашања од типот на што е следно во нивната кариера или некои приватни прашања, скандали и слично. Јас сакав да ги извадам од тоа меурче и да им понудам како и нив, така и на луѓето кои ги следат, прашања кои обично никој не ги прашува, или барем не јавно. И за да биде сè тоа поинтересно, решив да ги притиснам со време и да видиме како реагираат кога немаат време за размислување и мораат да го кажат првото нешто што ќе им дојде на ум во тој момент.
Со оглед на тоа што во видеата зборуваш на македонски јазик, си помислил ли некогаш да почнеш со употреба на англискиот?
Англискиот јазик го користев на јутјуб многу порано кога имав канал за само една игра, патем и најпопуларниот канал за таа игра, но откако играта згасна се простив со англискиот и еве ме сега на македонски. Планирам така да остане, не верувам дека ќе дојде момент кога ќе почнам да зборувам англиски. Иако никогаш не знаеме што спрема иднината за нас.
Каква цел си имаш поставено со твојот јутјуб канал и како за крај сподели неколку корисни совети за идните јутјубери?
Планирам да продолжам со сè што правам во моментов, со уште поголем интензитет и многу повеќе видеа во иднина. Покрај факултетот, во моментов се гледам на јутјуб и сакам тоа да остане така бидејќи ме исполнува.
Најпријателски совет што можам да го дадам на идните јутјубери е да бидат свои и никогаш да не се менуваат. Да не почнуваат со цел да заработат нешто, туку да почнат само ако оваа работа ги исполнува. Да ја искористат сета креативност која ја поседуваат, да вложуваат многу труд и да бидат упорни. На крајот ќе им се исплати.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело