Д-р Дева Петрова, онколог: „Најмладата пациентка со рак на дојка ми била 18-годишна, не сите се лечат со хемотерапија“
Кои се симптомите за рак на дојка? Дали секогаш грутките кои се напипуваат или промените на брадавиците значат рак?
Најчестиот симптом на ракот на дојка е палпабилна тврдина во дојката, но не секоја тврдина што ќе ја напипа жената значи задолжително дека станува збор за рак на дојка.
Постојат многу бенигни состојби кои може слично да се манифестираат, како што се цисти во дојката, бенигни тумори како фиброаденомите и слично.
Но за да бидеме сигурни за што се работи, треба да се направи преглед на дојките со ултразвук (ехо), мамографија и доколку е неопходно биопсија.
Покрај палпабилна тврдина, други знаци се оток на дојката, црвенило, исцедок од брадавката, вовлечена брадавка, палпабилна тврдина во пазувите.
Дали е зголемена стапката на преживеани пациенти од овој тип на рак? На што се должи тоа?
И покрај зголемениот број на новооткриени случаи со рак на дојка, голем број од пациентките се излекуваат, дел од пациентките кои имаат прогресија на болеста и појава на метастази може да живеат со години и да примаат соодветна онколошка терапија.
Метастатската болест кај ракот на дојка е хронична состојба која знае да трае 5, некогаш и 10 и повеќе години.
Секако дека вака долгото преживување со метастатска болест се должи на напредокот во медицината, појавата на голем број на нови лекови, различните можности во лекувањето како хормонска, хемотерапија, имунотерапија, биолошка терапија, радиотерапија.
Во поново време се применуваат и интервентни радиолошки процедури во лекувањето, како и хирургијата како најстар метод на лекување.
Ракот на дојка е едно од малигните заболувања каде ви стојат на располагање голем број на опции во лекувањето. Затоа е важно и искуството и знаењето на лекарот истите да ги примени и комбинира на најсоодветен начин.
Како се одредува хемотерапијата кај пациентите, бројот на циклуси и сл.? Дали е индивидуален пристапот и од што зависи?
Пристапот во лекувањето е индивидуален, бидејќи и биологијата на туморот кај различни пациенти е различна, различни се возраста, стадиумот на болест, карактеристиките на пациентот, присуството на други болести и слично.
Не кај сите пациентки со рак на дојка е неопходно лекување со хемотерапија.
Но доколку е потребно да се примени хемотерапија, се користат соодветни протоколи за лекување, кои ја дефинираат дозата, начинот на примена, дали е тоа на неделна основа или на 21 ден.
Грубо кажано најчесто хемотерапија се применува доколку болеста е во понапреднат стадиум или доколку кај пациентката нема можност за хормонска терапија, исто така ако се работи за помлади пациентки или пациентки кај кои ризиците од повторување на болеста се поголеми.
Кои се несаканите ефекти од хемотерапијата кај пациентите? Дали сите тешко ги поднесуваат или има и пациенти кои поминуваат полесно?
Несаканите реакции од хемотерапијата најчесто подразбираат мачнина, гадење, малаксаност, слабост, понекогаш се јавуваат болки во коските, како и надразнување на цревата и појава на пролив.
Исто така се јавува и намалување на вредностите во крвната слика и тоа анемија, намалени леукоцити или тромбоцити.
Секако еден од најтешките моменти поврзани со хемотерапијата кај пациентките е губитокот на косата.
Интензитетот на несаканите реакции е различен кај различни пациенти, но можам да кажам дека поголем дел од пациентите добро ја поднесуваат терапијата.
Дали постојат некои ризици за пациентите кои се излекувале од рак на дојка? И на што треба да внимаваат понатаму во животот?
Ризици за повторување на болеста постојат секогаш исто како што постојат и кај тие кои никогаш немале малигно заболување, па во тек на животот може да заболат.
Треба да се внимава да се намалат ризик факторите и да се продолжи со редовни контроли. Тоа е она што е во наша моќ да го направиме.
Дали жените кои се излечиле од рак на дојка може да останат бремени понатаму? Што се советува за пациентките кои уште немаат потомство?
Бременоста не е ризик за појава на рак на дојка, таа напротив ги штити жените.
Се смета дека жените кои не родиле и не доеле се со поголем ризик.
Но доколку зборуваме за пациентки со дијагностициран рак на дојка, по завршување на предвидениот онколошки третман, може да планираат бременост доколку има доволен период од последниот третман ,а тоа се смета минимално 6 месеци, некогаш советуваме и 1-2 години.
Постојат ли некои погрешни (народски) верувања за оваа болест кај пациентите? Кои се најчестите?
Прво што ми паѓа на памет е дека не треба да се прави биопсија, или со народен жаргон да не се чепка доколку се напипа нешто во дојката,бидејќи биопсијата би можела да наштети.Или верувањата дека може да се лекува со алтернативни методи.
На овие погрешни верувања најмногу се револтирам кога ќе ги чујам.
Кој ви е најтешкиот дел од професијата? И кои се најголемите предизвици во борбата против рак на дојка?
Загубата на пациентот и тагата во семејството на која сме сведоци, бидејќи после долги години борба се чувствуваме како дел од тие семејства.
На што сте најгорди во вашата кариера како онколог?
На спасените животи, продолжените животи, среќните приказни. Тоа ни е најголемата награда во оваа професија.
Што би им порачале на жените кои минуваат низ ова?
Дека не се сами, и никогаш да не очајуваат и да не се откажуваат.
Дека после дождот доаѓа сонце.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело
фото: depositphotos.com / freepik.com