„Со радост се сеќавам на моето детство во Скопје, кога не се заклучуваа вратите и комшиите беа насмеани“: Интервју со Игор Стефановски

„Сум имал среќа да живеам повеќе години во четири различни земји од нашиот регион, како и 20 години во други делови од Европа, а и да посетам неколку земји на другите континенти, и можам да кажам дека тоа што го имаме тука, помеѓу Јадран и Црно Море, па од Триглав до Јонско Море, се рамни со кој било дел од планетата. Со малку повеќе почит за себе, другите и околината, убеден сум дека токму тука би било најубавото место за живот на светот.“ - вели во интервјуто за CRNOBELO.com Игор Стефановски.

so-radost-se-sekjavam-na-moeto-detstvo-vo-skopje-koga-ne-se-zakluchuvaa-vratite-i-komshiite-bea-nasmeani-intervju-so-igor-stefanovski-01_2.jpg

Неодамна Македонски Телеком ја започна иницијативата „Да направиме место“ којашто повикува на отвореност, разбирање и позитивна промена. Кампањата, којашто носи силна порака, побуди голем интерес во јавноста преку наративи во кои се користат делата на нашиот великан Горан Стефановски. Делата на Горан се длабоко врежани во нашата колективна меморија.

Тој многу јасно, директно и разбирливо пишуваше за сите проблеми во општеството коишто постоеле во минатото, но и денес, дури и уште поизразено.

Во однос на она што нѐ прави затворени, нетолерантни, апатични и колку е важно да се преиспитаме и да се отвориме имавме чест да разговараме со Игор Стефановски, синот на Горан, којшто со љубов но и болка зборува за проблемите и убавините на градот во кој постојано се враќа. 

Што е она што ти недостасува од животот во Скопје? Како изгледа да си турист во сопствениот град? Што е она што најмногу се има променето дома во изминативе години?

- Најмногу ми фалат семејството и пријателите, дека што друго е град ако не луѓето коишто живеат таму(?). Затоа толку години се враќав редовно, па се вратив да живеам, а сега повторно се враќам кога можам. А кога бев дете, ептен ми фалеа некои јадења (велат носталгијата е тесно поврзана со гастрономијата), како на пример, принцес крофни, крем банани, хамбургерите на Џамбо кај Тобако 1…

- Нема подобро од тоа да си турист во родниот град, т.е. град што го знаеш многу добро и каде познаваш многу луѓе. Во последно време се враќам почесто, ама на ден-два, па си правам агенда во телефон и успевам да завршам многу работи, и лични и професионални, плус да се видам со драги луѓе. Нема поубава спојка. Ако сум случајно во нечие маало, ќе се јавам и ќе се видиме на кратко, ама слатко кафе. Уживам!

- Атмосферата, звуците, боите... Со радост се сеќавам на моето детство во еден друг систем на вредности, и паметам како беше во мојот влез, во моето маало, како не се заклучуваа вратите, како беа насмеани нашите комшии, како мирисаше пред мојот влез, и како се шетаа луѓето на пазарчето... Сега е доста поразлично — сите врати се со по три брави, деца во маало скоро како да нема, повеќето се шетаат со главите надолу, ретко се слуша смеење, сè некако депресивно и апатично. Тешко е да се гледа вака, и да се осети. Боли срце.

Делата на твојот татко се вткаени во најновата кампања на Македонски Телеком #ДаНаправимеМесто. Раскажи ни малку повеќе за тоа какви беа реакциите на семејството на оваа иницијатива.

Предложениот концепт за кампањата на Телеком го привлече моето внимание од прва! Кога од маркетинг агенцијата Saatchi&Saatchi Македонија ми го покажаа идејното решение за видео со извадоци од интернет, уште пред да ја добие оваа финална и одлична интерепретација со наши глумци и во автентична средина, се наежив и се насолзив. 

Мајка ми и сестра ми ја имаа истата реакција, па знаев дека е нешто посебно. Мислам дека кампањата погодува токму таму каде што целеше, во нешто што сите, особено ние малку повозрасните, го чувствуваме и го гледаме насекаде околу нас.

За мене, распадот на нашиот систем на вредности и обзирност кон другиот е можеби најголемата загуба последниве 33 години.

Порано голем акцент беше ставен на соживотот, не само на државно, туку на најлокално ниво — маалото и влезот. Комшиите ни беа блиски луѓе, дел од нашите животи, и знаевме дека мораме да се чуваме и почитуваме меѓу себе. Јас ја разбирам оваа кампања како апел да се преиспитаме пред да биде предоцна.

Да се погледнеме во огледало, да направиме место во нашите глави и срца за оние до нас и околу нас во нашето секојдневие, и така да се вратиме на она што бевме во минатото, а што мораме да бидеме и во иднина. Сето тоа почнува во нашите домови и пред нашите влезови.

Како што напиша Горан во „Демонот од Дебар Маало: ,,Без маало нема држава!”

so-radost-se-sekjavam-na-moeto-detstvo-vo-skopje-koga-ne-se-zakluchuvaa-vratite-i-komshiite-bea-nasmeani-intervju-so-igor-stefanovski-01_1.JPG

Кој е омилениот цитат на Игор од Горан? Што е она што искрено и со задоволство сакаш да го пренесуваш и споделуваш од твојот татко?

Кога имав 15-16 години, татко ми се врати од некој европски симпозиум и ми даде налепница на која пишуваше Your shit, your responsibility!” (Твои работи/измет, твоја одговорност!), којашто ја залепив на вратата во мојата соба.

И така е - сите мораме не само да се грижиме за сè она што е наша одговорност, туку и буквално да оставиме ред зад нас. Ова е нешто што никогаш нема да го разберам на Балканот — на што личат јавните тоалети(?!). Ако сте биле во последно време на нашата меѓународна автобуска станица, знаете за што зборувам. Па каква слика имаат туристите за нас?! Ретко кој е доволно обѕирен да мисли на следниот корисник и да остави чисто зад себе, па очекуваме некој друг да исчисти после нас.

Се чини како постојано да бегаме од сопствената одговорност, и тоа не само по ова прашање, туку пошироко.

А ова убаво се надоврзува со нешто што мајка ми нè учеше од мали нозе, со нејзиното северно-европско разбирање на светот — за да живееме во поубав свет, понекогаш мораме да го собираме и ѓубрето на другите. Јас тоа го правам на улица без проблем (сега де, не како тинејџер, нели срамота е!:)), особено во родната земја, каде ѓубрето и нечистотијата се веќе навистина надвор од сите нормални граници за еден европски главен град.

И тој недостаток на љубов и нега за местото каде што живееме ме поттикнува редовно да си повторувам една реплика од Горан од „Одисеј, „Дома е таму каде што боли.”.

За жал, колку и да го сакам Скопје, и луѓето во него, таму ми е најтешко поради тоа што секое расфрлано ѓубре, или дупка во асфалтот, или предолго свирење во сообраќај, ме боли дека е „мое”. За среќа, последниве години имам научено да не им дозволувам на ваквите работи да ми го уништат внатрешниот спокој како порано, кога некако ги чувствував како лична навреда.

Ќе се согласиш ли дека Балканот е најубавото место за живеење на светот?

На промоцијата на кампањата на Телеком пред медиумите го цитирав Миша Глени (британски новинар) од книгата „Смртта на Југославија: со малку повеќе толеранција, Балканот би бил најубавото место за живот на светот”.

Ова е нешто во кое искрено верувам со сето срце, и тоа со децении наназад. А зошто па да не?! Што е тоа што ни фали, освен функционална држава и евентуално поголеми плати (да, знам дека овие се клучни за добар живот и здраво општество, и за жал мислам дека ситуацијата е полоша сега отколку пред 30 години кога е напишан цитатот)?

Сепак, ако погледнеме подлабоко, Мајка Природа/Господ/Универзумот ни имаат дадено многу, и имаме среќа што живееме на ова парче земја, на оваа почва, со оваа клима, со нашата смисла за живот и вреднување на поимот за семејство, пријателство, друштво...

Значи, не смееме да го занемариме она што го имаме, бидејќи откако се вратив да живеам на Балканот пред 17 години се уверив дека тоа што го имаме тука никако не може да се „купи” или „среди”, додека тоа што го немаме, или сакаме да го имаме, сме го имале и може да се врати со разумни политики, спроведени од разумни луѓе.

Сум имал среќа да живеам повеќе години во четири различни земји од нашиот регион, како и 20 години во други делови од Европа, а и да посетам неколку земји на другите континенти, и можам да кажам дека тоа што го имаме тука, помеѓу Јадран и Црно Море, па од Триглав до Јонско Море, се рамни со кој било дел од планетата.

Со малку повеќе почит за себе, другите и околината, убеден сум дека токму тука би било најубавото место за живот на светот.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Е. П. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“ „Јас имав трема кога го запознавав со моите, тој беше опуштен. Си се спремаше, к...
Милица Павловиќ за CRNOBELO: „Немам емотивен партнер, можеби Македонец ми е судбина“ „Да не беа моите баба и дедо, немаше да сум толку решителна. Нивните крилја ми б...
Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg