Скопјанецот Никола е физиотерапевт во кинескиот олимписки тим: „Ме тестираа 3 месеци, задолжен сум за 7 борачи“
- Детали
- понеделник, 29 јули 2024
„3 месеци Кинезите ги тестираа моето знаење и стручност, но се докажав во 1-иот месец. Тие ти ги пуштаат најдобрите спортисти на третман, а ако не се задоволни, веднаш ќе те заменат“, вели Никола Трајковски за CRNOBELO.com, инаку физиотерапевт на боречкиот тим на Кина на ЛОИ 2024.
Никола Трајковски (28) од Скопје е дипломиран физиотерапевт, а има и едукација за акупунктура, киропрактика и други техники.
Но, оваа година тој е дел од кинескиот олимписки тим во борење што ќе се натпреварува на Олимпијадата во Париз, а се грижи за 7 кинески борачи.
Во разговор за CRNOBELO.com, тој вели дека ова му е прва Олимпијада и допрва ќе ги собира впечатоците, но нескромно додава дека се надева на злато од борачите во неговиот тим.
Прочитајте го целото интервју со Никола:
Ти си член на Олимпискиот тим на Кина во борење кој ќе се натпреварува на ЛОИ 2024. Што е конкретно твојата работа со тимот?
Да, точно, ние веќе подолго време се подготвуваме за првите борби, кои ќе се одржат на 5 август. Сè уште не сме во Париз, од Пекинг ќе тргнеме на 2 август.
Мојата работа се состои во помагање за побрзо закрепнување на спортистите, со цел да имаат побрз напредок во тренингот и побрзо да се вратат на теренот по повредите, а притоа користам физикална терапија, вежби, акупунктура, мануелна терапија и друго.
Како се случи еден Македонец да биде дел од кинеска екипа? Како стигнаа до тебе за да ги побараат твоите услуги или ти аплицираше сам за позицијата?
Јас во Македонија работев со едни од подобрите тимови како РК Металург, КК Работнички, КК МЗТ, како и сениорската кошаркарска репрезентација, но и со Македонската атлетска федерација.
Па, да речам дека го достигнав својот максимум во напредувањето и бев во потрага по нови предизвици.
Во комуникација со мојот колега Сашо Пецев, кој подолго време работи во Шангаj (Кина) добив неколку понуди за работа, но за мене не беа доволно добри за да ја напуштам работата во Скопје.
Сепак, во декември 2023, во комуникација со Сашо Пецев и Велимир Тричковски, се случи понудата за работа со олимпискиот тим, која ја прифатив без да размислувам ниту секунда, со оглед на фактот дека е престиж да се работи со олимписки тим, а воедно и мој сон да бидам дел од еден таков настан.
Колку време си дел од тимот и со колку спортисти работиш?
Првпат сум во Кина, поточно во Пекинг и дел сум од тимот веќе 8 месеци. Инаку, работам со два тима, поточно со 7 борачи.
Машкиот тим во категоријата слободно борење има 4 борачи, а тимот во категоријата грчко-римски стил има 3 борачи кои ќе ја претставуваат Кина во Париз.
Со какви повреди најчесто се соочуваат спортистите кои се занимаваат со борење?
Повредите се неизбежни во спортот, но најчести повреди во борењето се случуваат на рамото, половината и скочниот зглоб.
Затоа често се смееме и викаме „не си борач ако немаш проблем со половината“.
Каква е твојата улога како физиотерапевт во тимот? Колку често доаѓаат спортистите на терапии - задолжителни ли се или само по потреба?
Мојата улога, како што веќе кажав, е превенција од повреди и враќање на борачот во форма од која било повреда во најбрз можен рок.
Ние секојдневно работиме на третмани за опуштање на мускулатурата како акупунктура, вендузи, ергон терапија и мануелна терапија, и доста често практикуваме сауна и вежби во базен за побрзо заздравување.
Што треба да поседува некој за да биде физиотерапевт за репрезентација и да биде дел од олимпискиот тим? Дали помина низ процес на тестирање, докажување колку си стручен во својата работа?
Знаењето би го истакнал како прва работа, но сепак, ако не сте стручни, тешко дека ќе напредувате во која било сфера од животот.
Секако, тука би ги ставил и желбата за натпреварување и докажување.
Јас, првенствено, не ја гледам мојата професија како работа, туку уживам во секој момент, а најмногу во моментите кога победувам.
Од друга страна, најмногу сум научил во оние моменти кога губам.
Во работата со кинескиот тим, имав 3-месечен период каде го тестираа моето знаење и стручност, но морам да потенцирам дека се докажав во првиот месец.
Кинезите ве тестираат така што најдобрите спортисти веднаш ги пуштаат на третман кај вас, а ако не се задоволни, веднаш ќе ве заменат.
Јас почнав со 4 важни спортисти, а сега имам 7.
Со тебе во кинескиот тим е и девојка од Македонија. За кого станува збор и какви се нејзините активности?
Кога ја добив работата, во комуникација со Федерацијата се отвори уште една позиција за терапевт.
Така, ја препорачав Драгана која е моја колешка, а со која и претходно имаме соработувано.
Таа работи со женскиот тим во слободно борење.
Дали е ова твоја прва Олимпијада или и претходно си бил дел од некои Олимписки игри?
Ова е мое прво искуство да бидам дел од ваков тим, а воедно и прво искуство од најголемото спортско случување во светот.
А, во однос на моите очекувања, пред сè сакам сите спортисти да бидат во добро здравје, и ќе бидам пресреќен ако сиот труд на целиот наш тим, а воедно и на спортистите, биде позлатен.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело