Игор Пехчевски за борбата со цистична фиброза: „Благодарение на лекот Трикафта, првпат во животот не се гушам“
- Детали
- вторник, 18 јуни 2024
„Уште не можам да си поверувам дека тој волшебен лек, Трикафта, почна да ми го променува животот. Почнав да правам работи што досега избегнував да ги правам и почнав нормално да си го планирам животот“ – вели во интервју за CRNOBELO.com Игор Пехчевски, кој од свои 2 месеци ја добил дијагнозата за цистична фиброза.
Игор Пехчевски од Берово е човекот кој македонската јавност имаше можност да го запознае благодарение на неговата јавна и гласна борба, со цел да им се обезбеди лекот Трикафта на сите пациенти заболени од цистична фиброза.
Игор по професија е дипломиран оперативен менаџер, а хоби и љубов му се фотографирањето и велосипедизмот.
Но, со оглед на тоа што овој млад беровец уште од најмала возраст му е дијагностицирана цистична фиброза, тој целиот живот се чувствувал ограничен, а тешките симптоми на болеста не му дозволувале да се посвети на работите што навистина сака да ги прави.
Toj претходно во интервју за CRNOBELO.com отворено зборуваше колку неговата болест влијае врз начинот на живот и го попречува да се посвети на работите што навистина сака да ги прави, а сега неколку месеци откако го користи лекот, раскажува во колкава мера животот му се променил.
Во продолжение проследете го интервјуто со Игор во целост:
Кажи ни накратко за твојата дијагноза. Што е цистична фиброза и колку време годишно поминуваше во болница?
Јас боледувам од цистична фиброза, која е наследна, мултисистемска и прогресивна болест.
Се карактеризира со формирањето на густ леплив секрет на сите места каде што има жлезди со надворешно лачење, а тоа е најизразено кај белите дробови, панкреасот, цревата и другите органи.
Во последно време најмалку по 2-3 пати годишно бев хоспитализиран.
Кога првпат го доби лекот Трикафта и колку време го примаш?
Лекот почнав да го примам годинава, на 29-ти јануари, значи го примам нешто повеќе од четири месеци.
Кажи ни накратко нешто повеќе за овој лек. Што е Трикафта и колку често треба да го примаш?
Лекот Трикфта (KAFTRIO), во комбинација со Kalydeko, се прима по 2 таблети наутро со висококалоричен мастен оброк и една таблета навечер со мастен оброк.
Исто така, не се изоставаат тука и инхалациите и ензимите КРЕОН.
Во последно време се соочуваме и со проблем и со ензимската терапија.
Во Македонија инцидентно се набавува ензимската терапија КРЕОН во ограничени количини, па тоа е горлив проблем за сите пациенти со цистична фиброза.