Данче Азманова Мирчевска: „Започнав свој бизнис додека бев бремена, реакциите кога доставував нарачки со стомак беа прекрасни“
- Детали
- четврток, 28 септември 2023
„Секоја мајка, кога ќе добие дете, има 3 избори: да си земе породилно и да не се замара со работата во тие неколку месеци, да си продолжи со работа за не го изгуби моментумот или да сврти сосема нов лист и да започне нешто ново. Јас сум од овие третите“ - раскажува Данче Азманова Мирчевска (31).
Данче е сопруга на Дејан и мајка на 6-месечниот Дарио. По професија е контент креатор, претприемач, основач на платформата Working Mom каде родителите ги споделуваат своите искуства од родителувањето и ко-основач на TrixieBox - тематски подароци за сите пригоди, од повеќе македонски мали бизниси.
Со Данче поразговаравме за нејзината инспирација за креирање на блог за поддршка на сите родители, за мајчинството и како изгледа работењете и обврските кога сте „тазе“ мајка:
Од каде идејата за креирање на Working Mom и раскажете ни нешто повеќе за истата?
Кога останав бремена, почнав да пребарувам низ интернет, ресурси што ќе ме насочат како да се справувам со предизвиците што ќе ги носи работењето за време на бременост и во првите денови од мајчинството. Плус, кај мене се појави страв, од тоа дали и како ќе се снајдам во таа нова улога.
Бидејќи не најдов ништо релевантно, туку генерални copy-paste совети, решив самата да ги создадам за идните мајки, потпирајќи се на моето децениско искуство со креирање на контент.
Ја стартував платформата Working Mom како личен блог на една мајка што сака да го има најдоброто од двата света.
Искрено, не очекував дека ова ќе прерасне во вирална платформа кадешто мајките и татковците ќе се охрабрат да ги споделат своите искуства и ќе ни покажат дека сите минуваме низ истите подеми и падови што ги носи родителувањето, но никој досега не се осмелил да зборува за нив, или пак немало каде да се споделат.
Целта на платформата е да се зборува за теми што сè уште важат за табу во земјава. Сметам дека токму тоа е причината за огромниот интерес за споделување на своите приказни. На многу од нас ни е преку глава од монотони, неприменливи совети за мајчинството.
Бараме нешто што вистински ќе допре до нас, што ќе може да го примениме, што ќе направи да се поврземе со личноста што го напишала текстот и ќе сфатиме дека родителувањето не мора да биде еден осамен процес. Токму во тоа и се состои суштината на платформата.
Додека бевте бремена го креиравте малиот бизнис TrixieBox со кој ги поддржувате малите локални бизниси. Како дојдовте до идејата? Дали успешно се развива? Кои беа најголемите предизвици? Продолживте ли да работите со исто темпо и по бременоста?
TrixieBox е креативна бизнис иницијатива за креирање уникатни тематски подароци, што ја основавме со сестра ми Зорица.
Водени од желбата да ги поддржиме малите локални бизниси со т.н. социјално претприемништво, идејата ни се провлекуваше повеќе од неколку години, паралелно со желбата за да креираме нешто свое.
Бременоста наместо да ме сопре во преземањето нови потфати, ми беше како ветар во грб за конечно да ги направам работите за коишто долго време собирав храброст, борејќи се со синдромот на импостер (синдром на измамник).
Бев во 5-тиот месец од бременоста кога со сестра ми решивме да го стартуваме TrixieBox. Да, свесна бев дека ќе има голем број на предизвици бидејќи стомакот растеше со секој изминат ден, заедно со уморот.
Предизвици имаше безброј, почнувајќи од физичките ограничувања да се врши достава на нарачки во 9-тиот месец од бременоста или набавка на материјали на терен.
Ми беше забрането по 27-та недела од бременоста да возам, па морав да се организирам со маж ми со часови и часови да ме вози низ Скопје додека доставувам подароци.
Дополнително, додека бевме на терен во потрага на материјали за кутиите, морав да внимавам на секој чекор за да не се сопнам или слизнам, па кој и да беше со мене, требаше постојано да „ме држи на око“.
Паралелно, овде беа и дополнителните трошоци, особено на почетокот на TrixieBox, кога требаше да вложиме финансии во креирање на првите тематски кутии. Во време кога имав финансиски притисок поради огромните трошоци поврзани со бременоста, секој денар вложен во бизнисот значеше многу.
Но, навистина позитивно се изненадив кога ги почувствував и предностите на своја кожа.
Лично ја правев доставата за TrixieBox на територијата на Скопје, бидејќи како нов мал бизнис, сакав да се запознаам со луѓето што ни дале шанса. Кога купувачите ќе ме видеа со стомакот напред како им го носам подарокот, веднаш им се појавуваше насмевка на лицето. Навистина го ценеа тоа што и покрај тоа што сум бремена, сум собрала сили да им ја врачам нарачката лично.
Дополнително, бременоста ми создаде силно чувство на цел и дополнителна мотивација продуктивно да го користам секој час.
Ова го достигна врвот во 9-тиот месец кога секој ден можеше да се породам, па многу внимателно избирав на кој начин ќе ги потрошам „последните” часови.
Мојот најголем страв кога станав мајка беше дека толку многу ќе се посветам на бебето, што ќе ги занемарам обврските околу TrixieBox.
На мое големо изненадување, се случи токму спротивното. Мајчинството ми помогна да го извадам на површина потенцијалот што долго време тлеел во мене и да го вложам креирајќи уникатни подароци.
Дали мајките можат да работат со ист капацитет како претходно? Зошто мајчинството те прави попродуктивен работник?
Секоја мајка, кога ќе добие дете, има 3 избори: да си земе породилно и да не се заморува со работата во тие неколку месеци, да си продолжи со работа за не го изгуби моментумот или да сврти сосема нов лист и да започне нешто ново. Јас сум од овие третите.
Мајчинството ти дава некој посебен наплив на енергија и фокус, дури и кога си спиена само 2-3 часа. Да бидеш мајка значи дека треба да ја совладaш вештината за управување со времето.
Ако претходно сметав дека одлично си го менаџирам времето, мајчинството ми покажа колку сум била во заблуда. Станав и експерт во мултитаскингот, бидејќи сакала или не морав да се занимавам со повеќе задачи истовремено: хранење бебе и враќање на мејлови, заспивање на бебе и состанок на Zoom, ручање и тешење бебе, итн.
Ништо не бара толку големо трпение и приспособливост на ситуацијата како растењето деца. Секој ден се соочуваш со најразлични тантруми, препреки, неуспеси и тешки ситуации што никогаш не ти паднале на ум дека може да се случат.
Ова се само дел од квалитетите што инстантно можат да се аплицираат на работното место како: зголемена продуктивност, ефикасност, поголема емпатија, поставување приоритети, подобар фокус, нов пристап кон решавање на проблеми, менаџирање со време и дефинитивно, справување со стресни ситуации и тензични атмосфери.