Виктор Апостоловски по свадбата и медениот месец на Лефкада: „Најмагично ми беше кога ја видов Милена во невестински фустан“
- Детали
- недела, 16 јули 2023
„Размислував дали да носам капче на свадбата и кога прашав почнаа повозрасните: „Како не капа, што е тоа зет со капа? Глупости! Ме фати инает, и си реков дека ќе ставам капа, па што сака нека е. Ама можел зет со капа. И не само што можел, туку тие што се бунеа, на крај беа воодушевени“, вели Виктор Апостоловски за CRNOBELO.com, а раскажа детали и за медениот месец со саканата Милена.
Виктор Апостоловски и неговата сакана Милена на 17.06 направија свадба за паметење во Битола.
Популарниот пејач, кој се прослави со учеството во музичкото шоу „Идол“, а кого помладите го препознаваат како „Супермен“, на свадбата носеше впечатлив шешир, ги истера сите адети, а по невестата отиде во стил – во црвен олдтајмер, по кој се завртеа сите – и сватовите, и случајните минувачи.
Скоро еден месец по свадбата, Виктор за CRNOBELO.com споделува детали за прославата, но и како и тој и Милена си поминаа на медениот месец на Лефкада:
Ги среди ли конечно впечатоците од свадбата? Кој ти беше најзабавниот дел?
Помина цел месец, а ние уште ги средуваме впечатоците.
Сакајќи летото да ни е мирно, решивме прилично брзо да направиме свадба, па тоа ги забрза сите други процеси: средување студио, реновирање дома и слично.
Како за беља и времето се погоди врнежливо во претходните 2 месеца, па беше хаос невиден. Ама на крајот сè испадна одлично. И да ви кажам право – вредеше.
На свадбата не ни беше напорно, воопшто. Понапорни ми беа подготовките т.е. тоа што времето не ни даваше да работиме на куќата, па на крајот реновиравме сè во недела и пол.
За да стигнeме на време, морав да ги научам сите занаети. Така што, ако ви треба мајстор за работа со малтер или лепак, молер, дрводелец, плочкар или што и да е - викајте!
А инаку, вистина е тоа што го велат: „Кога ќе чукне тапанот, сè забораваш!“ Оттука натаму песна е работата.
Инаку, најзабавно ми беше одењето по невеста. А и највозбудливо, бидејќи ја немав видено во фустан. Дефинитивно тоа е момент што ќе го паметам засекогаш.
Фала Богу и времето се погоди и луѓето сите беа весели, преубаво беше.
Во што уживаше најмногу Милена?
Во мене нормално. Дојде коњот на бел принц! Шега на страна и Милена уживаше во целиот процес, ама највозбудливо ѝ беше кога дојдовме да ја земеме.
Таа се сликала и едно време слушнала свират автомобилите, а брат ѝ и рекол: „Милена идат!“
Е, тоа е тој момент, најубав и најемотивен.
Имаше топ стил со шеширот, сите коментираа колку е интересно. Од каде идејата да носиш шешир?
Одамна размислував дали да бидам со некакво капче или не, ама бидејќи, нели свадба е, па се носи костум, имав намера да не носам ништо.
Некој ме праша дали ќе носам капа, и тогаш почнаа повозрасните: „Како не капа, што е тоа зет со капа. Кај се видело зет капа да носи?! Глупости!“
И си реков: „Добро, се очекуваше реакција, нека си кажат што имаат и нека заврши муабетот“.
Но не, можеби уште половина час траеше истото: „Аман со тие капите! Зет со капа кај се видело?! Костум се знае како се носи. Капа не оди.“
Ме фати инает и си реков дека ќе ставам капа, па што сака нека е. И ете, можел зет со капа. И не само што можел, туку оние што се бунеа, на крај беа воодушевени.
Инаку, јас би ставил и обична капа, ама такви носам секој ден, а ова е момент што се случува еднаш во животот и сакав да биде посебен.