Педијатар специјалист Звезда Спасовска: „Детето треба да става играчки во уста за имунитет, лекови за температура не се даваат веднаш“
- Детали
- четврток, 20 јули 2023
„Покачената температура е еден од најчестите симптоми кај децата кога се болни. Тоа не е болест, туку симптом дека организмот се бори со нешто. Кај родителите предизвикува паника и тие прерано почнуват да даваат антипиретици. Ако детето има 39 степени, но си игра и внесува течности, само треба да се истушира, расоблече, да се хидрира. Па дури и ако ја спушти температура само до 38, не треба да се даваат лекови за намалување на температура“, вели специјалист педијатар Звезда Спасовска.
Педијатар-специјалист д-р Звезда Спасовска има долгогодишно искуство во лекувањето на новороденчиња и деца. Таа завршила медицински факултет во Скопје во 2004 година, а во 2013 година и специјализацијата за педијатар.
Во нејзината ординација „Старс медика“, која се наоѓа во поликлиниката „Идадија“ веќе 10 години доаѓаат родители кои бараат разни совети за своите деца - од зајакнување на имунитетот, преку проблеми со температурата, до зашттита на децата од сонце и сипаници...
Во интервју за CRNOBELO.com, д-р Спасовска, која важи за еден од најдобрите педијатри кај нас, одговара на најчестите прашања кои ги поставуваат родителите, а поврзани со антибиотиците, лековите за дијареја, алергии, земањето брисови и правењето CRP, но и кои терапии се најдобри кога детето има вирус или бактерија.
Прочитајте го целото интервју со доктор Звезда:
Колку често се разболуваат децата кои тргнуваат во градинка под 3-годишна возраст и има ли разлика со оние кои тргнуваат во градинка по 3-та година? Дали навистина нивниот имунитет е подобар по 3-тата година бидејќи многу педијатри препорачуваат да ги чувате дома до таа возраст ако имате можност?
Сведоци сме на период во кој често се разболуваат сите возрасни групи, но најмногу децата кои се поранливи поради нивниот несозреан имун систем.
Децата се особено чувствителни од периодот на доење, па некаде до својата 3-та година. Кога ќе се родат кај нив е активен (и ги заштитува) неспецифичниот имун систем, но и специфичните антитела од мајката, кои бебињата ги добиваат преку мајчиното млеко, доколку се хранат со доење.
Специфичниот имунитет постепено се развива и созрева зависно од изложеноста и контактот на децата со вируси, бактерии и останати агесни.
Во таа фаза на созревање на имуниот систем до 3-та година, доколку децата се изложени на повирулентни и отпорни соеви на бактерии, можноста за лесно заболување и развивање посериозна клиничка слика е многу поголема. Доказ за ова се честите разболувања во детските градинки. Токму затоа препорачуваме тргнување во колективи дури по 3-та година, кога степенот на созреаност на стекнатиот имунитет е задоволителен и подготвен да се бори.
Особено е важно да се напомене дека децата до 3 години, кои родителите можат да ги чуваат дома, не треба да се чуваат во ‘стаклено ѕвоно’ и во стерилни услови, како што е пракса. Децата треба прво да ја спознаат домашната средина, да бидат на подот, да стигнат во секој агол од домот, да ја стават секоја играчка во уста за да дојдат во контакт со бактериите и вирусите.
Да не ги заборавиме и алергените кои полека го развиваат имуниот систем. Престојот во надворешна средина, во природа и контактот со неа, е исто така од исклучително значење.
Aко детето остане дома до 3-годишна возраст и расте во стерилно-контролирана средина, повторно нема да изгради имунитет. Па често ќе се разболува кога ќе тргне во градинка.
Ова особено се потенцираше во изминатите три години, во време на и по епидемијата со корона, кога сите живееја во изолација и во стерилна околина.
Кога треба да се направат крвна слика, CRP и брисови, бидејќи сè повеќе педијатри на секој преглед кога детето има температура или болка во грлото, практикуваат лабораториски испитувања?
Кога детето ќе се разболи, треба да се следи и да му се даде простор на организмот сам да се избори. Родителите треба да му ги олеснат симптомите со хидрирање, контролирање на телесната температура, при течењето на носето, да му даваат природни препарати и течности како чаеви, супи, мед, прополис. Ако почне да се влошува состојбата - треба да се посети педијатар.
Клиничкиот преглед и правењето лабораториски анализи и брисови е апсолутно неиздржано ако се прави пред да изминат 72 часа од појавата на симптомите на настинка. Исклучок се оние состојби кои се проследени со висока фебрилност (треска), изразена малаксаност, отежнато голтање, тешкотии при уринирање и слично, а кога е битно што поскоро да се направи биохемиска анализа.
Па ако се докаже бактериска инфекција, таа ќе се лекува со антибиотска терапија за да се скрати и олесни текот на болеста кај детето.
Кога треба да нè загрижи CRP-то и дали навистина неговата висина е различна кога станува збор за вирус и бактерија? По колку време од симптомите е најдобро да се испита истото?
Ц-реактивниот протеин е еден маркер кој укажува дали има некаков воспалителен процес во организмот и често се прави кај децата при речиси секоја настинка. Но, вредностите треба многу внимателно да се толкуваат.
Не секое покачување значи бактериска инфекција, па не е потребна ни антибиотска терапија.
Вадењето запчиња, кое е проследено со воспаление на гингивата, може да резултира со покачени вредности на CRP-то, а сепак не е потребна антибиотска терапија во никој случај.
Затоа толкувањето на резултатите од биохемиските анализи, меѓу кои и CRP-то, треба да бидат во корелација со клиничката слика.
Стомачните вируси земаат замав во летниот период. Како најдобро да ги заштитиме децата? Ако детето повраќа и има дијареја, па по колку време треба да се реагира и оди во болница заради опасност од дехидрирање? И што смееме да им даваме додека повраќаат - најчесто молат за вода, но не се препорачува?
Летниот период особено им одговара на стомачните вируси кои лесно се пренесуваат меѓу децата и се манифестираат со повраќање, дијареја, болки во стомакот. Треба да се внимава на хигиената на рацете, на храната, да се внесува свежа храна богата со витамини, пребиотици и пробиотици. Добро е во тој период дополнително да се вклучат и пробиотици како превенција.
Кога детето повраќа, од особена важност е да се внесуваат течности како електролитни раствори, чаеви и супи. Тие треба да се внесуваат голтка по голтка со паузи за да се избегне дразбата на желудникот, бидејќи тоа може да предизвика повторно гадење, повраќање и болки во стомакот. Може да се додаде и витаминска терапија од групата Б витамини, капки на база на ѓумбир кои делуваат смирувачки и пробиотик.
Првите неколку часа додека сè уште има нагони за повраќање, подобро е да не се внесува храна, туку само да се хидрира. Кога ќе престане повраќањето, детето може да се понуди со супа, пире од компир, варен ориз, печено јаболко, палента, двопек или крекери, банана. Сето ова треба да се дава почесто и во мали количини за да не предизвикаме повторно болка во стомакот кај детето.
Во поретки случаи, клиничката слика може да е посериозна со висока фебрилност, интензивни повраќања (неколкупати во час-два) и да резултира со дехидрираност. Таа се манифестира со изразена малаксаност, пропаднатост на очите, сув и обложен јазик, плачење без солзи, намалено уринирање или воопшто без уринирање. Тоа е моментот кога детето има потреба од рехидрација во болнички услови.