Педијатар специјалист Звезда Спасовска: „Детето треба да става играчки во уста за имунитет, лекови за температура не се даваат веднаш“
Постојат разни препораки на колкава телесна температура треба да се даде антипиретик. Која е вашата препорака?
Покачената телесна температура е еден од најчестите симптоми кај децата кога се болни. Но тоа не е болест, туку симптом дека организмот се бори со нешто.
Кај родителите предизвикува паника и следи прерано или претерано давање антипиретици кај децата. Треба да се следи состојбата на детето.
Па ако тоа има 39 целзиусови степени, но си игра и внесува течности, тогаш само треба само да се разлади, истушира, расоблече и да се хидрира редовно. Доколку ја одржува и ја спушта температура само до 38 или пониско, не треба да се даваат воопшто никакви лекови за намалување на температура, иако таа може да трае и цел ден.
Во случаи кога температурата оди над 38.5-39 целзиусови степени и не се намалува со горенаведените постапки, а детето е малаксано, одбива да пие, тогаш треба да се даде антипиретик како парацетамол или ибупрофен, во соодветна доза според телесната тежина на детето.
Во европските земји, антибиотик е речиси непознат поим и се дава само во крајни ситуации. Каква е состојбата кај нас? Имаме впечаток дека децата во Македонија многу често добиваат антибиотик како препорака за лекување?
Во нашата земја за жал се добива впечаток дека многу често децата се лекуваат со антибиотици, за разлика од европските земји каде навистина се чека до последен момент да се вклучи антибиотска терапија. Таму истата е речиси невозможно да се добие без препорака од доктор.
Кај нас состојбата е поинаква, достапноста на лековите е полесна и без да ги препише доктор, па често антибиотиците се вклучуваат самостојно, прерано, непотребно поради паника и неистрајност да поминат симптомите кои некогаш можат да траат и повеќе денови.
Последните години родителите почнуваат да ги следат нашите препораки кога инсистираме да не се вклучува антибиотик ако нема компликација и влошување на клиничката слика. Со почести контроли и следење на децата, сè почесто успеваме да ги надминеме настинките со витаминотерапија, инхалации и придружна терапија.
Како најдобро да се зајакне имунитетот на децата?
Имунитетот е нешто што се развива цело време, од самото раѓање и наследување на мајчините имуноглобулини преку млекото. Секој следен допир со блиските, околината и природата е чекор повеќе во неговиот развој. Од особена важност се и здравјето и кондицијата на мајката, потоа соодветната здрава, органска исхрана, особено во првата година, редовно додавање витамин Д, престој во природа колку што може повеќе во секое годишно време.
Децата треба да се надвор, така стекнуваат способност за адаптација и се физички активни, расположени и весели, а тоа особено им влијае на здравјето.
Може да се додаваат и природни препарати од типот на прополис, ехинацеа, бозел, маџун, матичен млеч, оригано и останати, но со процена според возраста и алергиската предиспозиција кај секое дете поединечно.
Останаа навиките и стравот од Ковидот, постојано шетаме со средства за дезинфекција, ги караме децата кога ставаат раце в уста, кога допираат нечистотии – дали со постојаното миење и дезинфекција им правиме противуслуга?
Да, епидемијата со Ковид вирусот наметна огромен страв меѓу возрасната популација, останаа навиките за прскање со дезинфекциско средство, стерилизации, избегнување на места каде што има деца и возрасни. Но, сведоци сме дека тоа ни предизвика една состојба на таканаречен „заспан имунитет“, кој го гледаме не само кај децата туку и кај возрасните. Tие изминатава година се разболуват речиси со ист интензитет како и децата.
Затоа децата треба да бидат надвор, да си играат во чисти природни средини - во паркови, полјани, планини, покрај реки, а подалеку од загадени места, шеталишта за кучиња и слично. Додека се надвор не треба на секој минута да им се бришат рацете и да се паничи ако детето стави каменче во уста или гризне шумска јаготка која не е измиена, бидејќи токму така созрева имунитетот.
Со колкав фактор за сончање треба да се третира детската кожа и дали треба да ги намачкаме па да стојат побелени од кремите за подобра заштита? Дали треба да носат задолжително маици со UV заштита кои се популарни во последниве години?
Детската кожа е особено сензитивна на сончевите зраци, и затоа треба да биде соодветно заштитена и да се контролира времето во кое детето ќе биде изложено на сонце. Треба да се користи фактор за сончање 50+, и истиот да се нанесе дома барем половина час пред изложување на сонце, но во умерена количина која ќе се размачка убаво за да се впие во кожата.
Периодот на изложеност зависи од временските услови. При високи температури престојот на плажа треба да биде во утринските и попладневните часови, бидејќи ниту засолнувањето под чадорите не ги спречува сончевите зраци да пробиваат и да се одбиваат.
Кај децата со особено светла и осетлива кожа може да се облечат маички со UV заштита и да се носат бели капчиња кои ги заштитуваат главата и вратот. Додека се изложени на сонце, важно е децата да бидат хидрирани, да се внимава на должината на изложеност согласно температурата и UV зрачењето, за да се избегне сончаница.
Во случај на сончаница, неопходно е детето да се смести во пријатна свежа просторија, полека да се внесуваат електролитни раствори, свежи сокови, антипиретик се дава по потреба, ако се појави фебрилност или главоболка.