Педијатар специјалист Звезда Спасовска: „Детето треба да става играчки во уста за имунитет, лекови за температура не се даваат веднаш“
Кои се најчестите вируси со кои се среќавате периодов? Коксаки беше доста актуелен во градинките изминативе месеци, па, колку е опасен?
Во градинките изминатиот период бевме сведоци на посериозно ширење на Коксаки вирусот, а поради неговата голема заразност лесно се ширеше во цели групи деца. Но, искрено не беа поштедени ниту возрасните, односно родителите, кои имаа исти симптоми како и децата.
Дел од децата имаа лесна клиничка слика. Но дел имаа посериозна клиничка слика со афти во устата кои го отежнуваат хранењето, со висока фебрилност, изразен подифузен осип особено на рацете и нозете, општа слабост и малаксаност.
Должината на болеста кај некои беше пролонгирана на 7 до 14 дена, а се појавувваше и подоцнежно лупење на рацете, пад и менување на ноктите, видлив замор и поспаност и подолготрајна потреба од рековалеценција.
Колку се чести алергиите кај децата периодов? На што најчесто се јавуваат и кои се реакциите?
Последните години впечатокот со алергиите е дека речиси континуирано ги има, некако како да не можеме да ги издвоиме само сезонските пролетни, поленски алергии или, пак, алергиите во тек на есенскиот период. Сè почести се алергиите на домашна прашина, мувла, но и нутритивните алергии кои се присутни во речиси секој период од годината.
Сезонските поленски алергии се манифестираат со кивање, течење на носето, чешање на носето и упорна вознемирувачка кашлица. Неопходна е соодветна тоалета на носот, користење средства кои прават заштита, облога на носната слузница, испирање на носот по престој во средина со алергени, миење на лицето, менување на облеката за да се намали присуството на алергенот.
Понекогаш има потреба од дополнително вклучување на антихистаминик или локални спрејови за нос.
Зголемувањето на алергиските реакции кај децата е многу поврзана и со имуниот систем, степенот на изложеност на алергените од мала возраст, недостигот на витамин Д, несоодветна исхрана со вештачки ароми, кознерванси и пестициди, изложеност на пушење, загадувањето и слично.
До која возраст најчесто постои опасност да се јават компликации кај децата од бактеријата стрептокока? Кои се првите симптоми што укажуваат дека веднаш треба да се јавиме на лекар и да се направат испитувања?
Инфекциите предизвикани од стрептокока беа причина што многу деца ја посетија нашата ординација, почнувајќи од минатата зима па речиси до крајот на оваа училишна година. Најчесто се пропратени со висока фебрилност и силна болка во грлото и отежнато голтање. Неопходен е клинички преглед, биохемиски анализи и брис од грло.
Доколку параметрите се покачени и брисот покаже присуство на пиоген или бета хемолитичен стрептокок во грлото, треба да се започне со антибиотска терапија која треба да трае 10 дена. По 10-15 дена од завршување на антибиотикот треба да се направи контролен брис, лабораторија и контрола на титарот на антитела против стрептококата, познат како АЅО тест.
Според резултатите од тестот, но и ако се јават затегање на зглобовите, бубрезите и срцето, педијатарот треба да процени дали ќе вклучи терапија со која ќе делува превентивно и ќе го заштити детето од рецидивни инфекции од стрептокока, а кои би довеле до дополнително покачување на АЅО титарот и зголемување на ризикот од компликации.
А, какви лекови се даваат за сипаници и дали треба да се даваат сирупи против алергии? Смеат ли децата да се капат додека имаат сипаници?
Сипаниците се, всушност, предизвикани од вирус, а за вирусите не се дава антибиотик и некоја посебна терапија, освен симптоматска терапија по потреба - сируп за температура, витмини и тоа Ц, и Б6 кој делува доста добро и ги смирува дечињата. Кога избива осипот децата знаат да се вознемирени, нервозни, како да сакаат да излезат од кожа и тогаш им помага таблетката Б6 здробена со малку течност.
На децата треба да им се дава лесна храна, многу течности и да не се држат на многу топло.
Сирупите за алергии ги даваме во ретки ситуации, кога има многу изразено чешање. Па ако децата, на пример, не можат да спијат навечер од што толку многу ги чеша, им даваме сируп за алергија.
А за капењето, да, смеат да се бањаат, дури е и препорачливо, со тоа што не треба да се ставаат да седат во када или во купки, туку треба да се полеат со вода. Особено е добро да се полеат со блар розов раствор на хиперманган.
Потоа се „утапкуваат“ со пешкир кој е мазен. Телото не се брише, бидејќи ако има меурчиња, тие може да пукнат и да се рашират на друго место. По капењето, телото се мачка со течна пудра или со пена.
Прочитајте и Д-р Звезда Спасовска, специјалист педијатар советува: Кои лекови треба да ги понесеме на одмор со деца?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело