Даниел Николовски, фризер и шминкер: „Елена Ристеска ми е како сестра, Наташа Беквалац е најзабавната јавна личност“
- Детали
- четврток, 22 јуни 2023
„Наташа Беквалац, која со право важи за една од најубавите жени на Балканот, е и една исклучително спонтана, шармантна и духовита личност со која секоја реченица носи нова насмевка. Токму поради тоа често комуницираме и кога немаме работни ангажмани“, вели шминкерот и фризер Даниел Николовски за CRNOBELO.com, кој е познат по своите магични раце.
Даниел Николовски (30), познатиот шминкер и фризер од Скопје, веќе 15 години ги разубавува дамите од Македонија и регионот. Откако знае за себе сакал да се занимава со оваа професија, а од дете имал голема желба да ја нашминка Елена Ристеска.
Денес, не само што соработува со пејачката, туку вели дека е најзаслужна што јавноста дознала за неговата работа. Низ годините толку многу се зближиле, што Елена му станала како сестра.
Сепак, најголемиот успех во кариерата Даниел го постигна неодамна, кога на меѓународниот натпревар за фризери MGF Awards (My Global Fashion Awards), што се одржа во Загреб, тој беше избран за најдобар фризер од регионот.
За престижната награда, соработката со македонските и регионалните ѕвезди, но и за трендовите за шминка и фризура оваа сезона, Даниел раскажа во интервју за CRNOBELO.com:
Неодамна во Хрватска освои награда за најдобар фризер во регионот. Кои беа критериумите за добивање на наградата и на кој начин се избираа победниците?
На мое огромно задоволство, неодамна според гласовите на стручното жири од 4 балкански земји сум избран за најдобар фризер на едно од најпрестижните доделувања на награди и признанија во сферата на уметноста и шоу бизнисот, MGF Awards.
Ми беше огромно изненадување дека мојата работа се следи и надвор од границите.
Ова е дополнителен мотив за и понатаму да се трудам максимално да креирам и да сум константен во пласирањето на мојот труд на социјалните мрежи, но и преку јавните личности со кои соработувам и така мојата работа да ја види и публиката надвор од нашите граници.
А токму тоа беше критериум за некој да е дел од овој избор - да соработува со луѓе од Балканот, бидејќи станува збор за регионално доделување награди.
MGF Awards е настан каков што досега не сум имал можност да видам кај нас. Имаше одлична организација и спој на луѓе од светот на уметноста, модата и шоу бизнисот со кои имав одлична дружба, но создадов и простор за нови соработки во иднина.
За мене овој тип на настани се посебни и значајни токму поради конекциите, а не само признието. Но и тоа, секако има огромно значење.
Во Македонија си познат како еден од најдобрите фризери и шминкери. Што ти причинува поголемо задоволство - трансформацијата на нечиј лик со шминка или со нова фризура?
Ова ми е дефинитивно едно од најчесто поставуваните прашања, дури и од клиентите.
Но, мојот одговор е и понатаму ист, а тоа е дека за да биде нешто комплетно, мора да биде спој од двете - шминката и фризурата да се надополнуваат.
Искрено, многу ми е потешко кога ќе треба да се погрижам само за едното, отколку комплетно да го искреирам изгледот на шминката и фризурата кај некоја дама.
Кои се најновите трендови во шминкањето? Кои бои ќе доминираат ова лето? А што треба да избегнуваме?
Трендовите на шминка доаѓаат и одат со брзина на светлината последниве години.
Како шминкер и некој кој сака да е постојано во тек, сепак не ги практикувам новите трендови на секое лице, ниту пак се трудам со креирање на истите да ја задржам присутна мојата публика на социјалните мрежи.
Години наназад негувам природен и софистициран изглед, но ако некој тренд може да се вклопи со мојот стил на шминка, во тој случај го практикувам.
За мене е многу поважено шминката да се користи како алатка за истакнување на женственоста и убавината која секоја жена ја поседува.
Затоа ќе кажам дека не треба да се трудите да следите сè што е во тренд, но треба да ја користите шминката како алатка за отсликување на вашето расположение и карактер.
А што е со фризурите? Каква боја и каков стил на потстрижување е хит во 2023?
Кога се фризурите во прашање тука за мене секогаш важат неколу правила.
На пример, кога правиме свечена фризура, таа мора да го надополнува одбраниот стил на гардероба и да се прилагоди на ликот на клиентот, бидејќи според мене, фризурата е ореол на женската убавина.
Потстрижувањето е реално најважната постапка за да се олесни секојдневното средување на косата и треба секогаш да е професионално изведено, според квалитетот на косата и обликот на лицето. Само така ќе имаме форма која ќе истакне одредени црти на лицето или ќе прикрие некои недостатоци.
Потстрижувањето треба да е апсолутно независно од трендовите кои се менуваат секоја сезона.
Инаку, косата потстрижена во степен е апсолутен хит оваа сезона. На мое огромно задоволство, им кажавме збогум на рамните боб фризури.
Кои се најголемите трендови за невести?
Невестите секогаш гледаме да изгледаат природно, но елегантно.
Со оглед на тоа дека невестинскиот фустан е доминантен, косата и шминката треба само да го надополнат и комплетираат целосниот изглед.
Романтични фризури и природна шминка се секогаш добитна комбинација за овој ден.