Даниел Николовски, фризер и шминкер: „Елена Ристеска ми е како сестра, Наташа Беквалац е најзабавната јавна личност“
Не криеш дека Елена Ристеска ти е одлична пријателка и дека соработката со неа ти е исполнување на детскиот сон. Но, низ годиниве ти разубави многу дами, па кој сè „поминал“ низ твоите вешти раце?
На мое огромно задоволство, соработката со Елена ми е едно од најдрагите професионални остварувања.
Преку неа луѓето имаа можност и јавно да ја запознаат мојата работа. Елена е онаа која најмногу работеше на афирмација на мојата креативна визија и на тоа сум ѝ безусловно благодарен.
На приватен план, пак, можам слободно да кажам дека се здобив со уште еден член во семејството бидејќи Елена ми е буквално како сестра со која делам неизмерна љубов и поддршка скоро 15 години.
Инаку, секој клиент кој ми ја дал својата доверба ми е подеднакво важен без разлика дали има јавна професија или не. И верувајте, имам многу интересни искуства со луѓе кои не се од јавниот свет.
Инаку, соработувам со многу јавни личности меѓу кои Антониа Гиговска, Магдалена Цветковска, Теа Трајковска и уште многу други.
Често ја разубавуваш и Наташа Беквалац. Каква е таа приватно?
Наташа Беквалац која со право важи за една од најубавите жени на Балканот ми е секогаш најпозитивната и најзабавната личност во текот на работното време. Таа, покрај тоа што е голем професионалец и ѕвезда, истовремено е и една исклучително спонтана и шармантно-духовита личност, со која секоја реченица носи нова насмевка.
И токму поради тоа често комуницираме и кога немаме работни ангажмани.
Колку е стресна твојата работа? Има ли дами кои имаат нереални барања, очекуваат да направиш чудо кога ќе ги шминкаш или им ја средуваш косата?
Реално јас сум многу благодарен за тоа што Бог ми го дал овој талент да можам да уживам секојдневно во мојата работа.
Не е тешко, ниту стресно никогаш, бидејќи кога сакаш луѓе и сакаш да им удоволиш и да ги видиш среќни, на крајот немаш никаков проблем. А јас не сум имал проблем во овие 15 години.
Факт е дека има ситуации кога постоеле поинакви очекувања од клиентот, но ние како стручен кадар им ја претставуваме реалната слика. Па кога има компромис и разбирање не може да има проблем и нереални очекувања.
Си вратил ли некогаш некоја дама? Или си одбил по првата средба да ја нашминкаш или да ѝ ја средиш косата вторпат?
Досега не ми се случило да вратам клиент, иако имало секакви ситуации низ годините.
Претпоставувам дека ако немало професионален пристап, работите можеби и би ескалирале. Но, досега не сум си дозволил такво нешто.
Ти се случило ли некоја клиентка да дојде во салон како бринета и да сака да излезе како блондинка - возможна ли е таква драстична трансформација?
Дефинитивно е возможно доколку и самиот квалитет на косата дозволува таков процес и е услуга која секојдневно ја работиме бидејќи во салонот користиме квалитетни производи, кои ни овозможуваат да создаваме здрави руси коси кај жените и покрај процесот на деколорација.