Сузана од Скопје: „По влошувањето на телесната инвалидност почнав да чувам сукуленти, растенијата ми даваат мир и спокој“
- Детали
- сабота, 08 април 2023
„Пред 6-7 години, мојата телесна инвалидност се влоши, па гледајќи фотографии низ интернет, моето хоби станаа растенијата во домот. Првото растение беше едно мало алое, кое за жал не успеав да го сочувам. Живеам во стан (без тераса), каде имам простор од околу 15m2 и во него имам околу 300 видови растенија“ – вели во интервју за CRNOBELO.com Сузана Божарова која на социјалните мрежи редовно споделува фотографии од големиот број растенија што ги поседува.
Сузана Божарова на социјалните мрежи редовно споделува фотографии од растенијата за коишто се грижи со голема љубов и посветеност.
Родена и порасната во Скопје, целиот свој живот го поминала во приватниот сектор каде работела како економист и вложувала труд во работата што ја сака, но за жал, животот имал поинакви планови.
„Пред неколку години, заминав во инвалидска пензија, поради здравствени причини (тешка форма на реуматоиден артритис, која ме доведе до инвалидитет – се движам со помош на две штаки) но, животот продолжува“ – вели Сузана за CRNOBELO.com.
Таа редовно објавува фотографии од своите убави растенија на социјалните мрежи и на тој начин се обидува да им го разубави денот на нејзините следбеници. Исто така, има и своја Фејсбук група каде споделува совети за сите вљубеници во растенијата.
За CRNOBELO.com Сузана откри повеќе за тоа од каде кај неа се јавила љубовта за одгледувања растенија, а сподели и неколку тајни што би можеле да ви бидат од корист во одржувањето на вашите кактуси и сукуленти.
Од каде љубовта за кактусите и сукулентите и дали чувате и други видови растенија?
Отсекогаш сум ја сакала природата. Татко ми беше тој во нашето семејство кој го негуваше цвеќето во домот. Како мала, многу шетав со него по зелени површини и тој секогаш ми раскажуваше за тревките, цвеќињата, дрвјата... Најверојатно, оттука и мојата љубов кон растенијата.
Кога заминав во инвалидска пензија, имав повеќе слободно време. Пред 6-7 години, мојата телесна инвалидност се влоши, па гледајќи фотографии низ интернет, моето хоби станаа растенијата во домот.
На времето, мојата баба имаше еден кактус, стар многу години и јас секогаш му се воодушевував кога тој цветаше.
Кај неа го поминував скоро целото лето и секогаш се радував дека имам можност со црево да ги полевам цвеќињата, посебно кактусите и сукулентите (тогаш не ни знаев дека се викаат сукуленти).
На овие детски моменти се потсетив кога почнав со моето хоби.
Во почетокот, во колекцијата имав само сукуленти (сите кактуси се сукуленти, но сите сукуленти не се кактуси), подоцна колекцијата се прошири и на други видови растенија, кои успешно растат во домашни услови.
Се сеќавате ли кое беше првото растение што сте почнале да го одгледувате и како го добивте?
Првото растение беше едно мало алое кое, за жал, не успеав да го сочувам.
Алоето си го купив и бев многу радосна. Но, тоа беше само мал почеток, кој ме поттикна многу да читам и истражувам за сукулентите.
Знаете ли точно колку саксии со растенија имате и колку видови кактуси и сукуленти чувате?
Живеам во стан (без тераса), каде имам простор од околу 15m2 и во него имам околу 300 видови растенија, но колку од нив се сукуленти не знам. Но, сигурно негде 70% од вкупниот број.