Катерина Пипонска, стјуардеса во Саудиска Арабија: „Се случува да сум на работа 24 часа, но си ја обожавам професијата“
- Детали
- вторник, 14 декември 2021
„Прво аплицирав за Qatar Airlines, но бев одбиена неколку пати и тука потполно се разочарав. Но, не се откажав, се обидов повторно да станам стјуардеса и успеав. Најтешки летови ми се Индија и Пакистан, а никогаш не би сакала да се вратам во Бангладеш, нечисто е и небезбедно“, раскажува Катерина Пипонска (24) од Берово, која за CRNOBELO.com открива како изгледа работниот ден на една стјуардеса.
Катерина Пипонска (24) од Берово повеќе од 2 години работи како стјуардеса и крстосува низ светот.
Вели дека размислувајќи за работно место во родната држава дошла до заклучок дека не сака да остане тука и дека треба да ја бара својата иднина на друго место. Желбата за патување ѝ отворила нов пат на кој никогаш не се надевала.
Со авион прв пат летала за Мајами и вели дека сè уште ги памети емоциите кои ги чувствувала при полетувањето.
За тоа како се одлучила да стане стјуардеса и како изгледа да се работи оваа професија таа открива за CRNOBELO.com:
Како ја донесе одлуката да станеш стјуардеса?
Размислувајќи за својата иднина и што сакам понатаму, решив да аплицирам за стјуардеса. Прво аплицирав за Qatar Airlines, но бев одбиена неколку пати и тука потполно се разочарав.
Почнав да читам една книга која ме мотивираше доста и на лист ги запишував своите цели со што си дадов рок за колку би сакала да станат реалност.
Да станам стјуардеса си дадов рок од 1 година, но трудот и желбата беа посилни од сè со тоа што желбата ми се оствари за само 3 месеци.
Колку време се занимаваш со оваа професија, која е најдобрата и најлошата страна да се биде стјуардеса?
Како стјуардеса работам скоро 2 и пол години. Одев на академија 2 месеци и потоа кога завршив со испити и обуки почнав да работам.
Секоја работа има и лоши страни. Најдобрата страна да се биде стјуардеса е секако патувањето и возбудата пред секоја нова дестинација. Како велат ’Секое патување, ново доживување‘.
Лоша страна е тоа што некогаш се случува да летам на пример 3 дена по ред само ноќни летови и после ми е тешко да се вратам во нормала. Физички работата не е лесна. Се случува да сум на работа 24 часа.
Како изгледаше твоето интервју за работа? Какви критериуми беше потребно да исполниш?
За интервју отидов во Белград. Секако бев под стрес, но некако длабоко во себе имав чувство дека сè ќе биде во ред, бидејќи кога нешто посакуваш од срце и си упорен, секој труд на крајот се исплати
Критериумите за работа се многу едноставни треба да бидеш висок/а над 160 сантиметри и да можеш да достигнеш 212 сантиметри на прсти со испружени раце.
Тетоважи не се дозволени на видливи места и секако треба солидно познавање на англискиот јазик.
Работиш за авиокомпанија со седиште во Саудиска Арабија, колку животот таму е поразличен од животот во Македонија?
Живеам во Џеда, Саудиска Арабија. Животот овде е доста поразличен од животот во Македонија. Се работи за сосема друга култура, начин на облекување (имаат свои правила).
Според муслиманската култура овде рамениците треба секогаш да бидат покриени, како и делот од телото над колената. Тоа барем важи за туристите, а локалните луѓе имаат своја традиционална облека, за жени таканаречена „абаја“, додека за мажите „диш-даш“ која целосно го покрива телото.
Најубавата работа која ти се случила за време на некое патување е…
Се враќав од Индија за Џеда, на летот една стара жена ми рече дека е среќна што патува со мене и ме праша како се викам за секој пат кога ќе се моли, да се моли и за мене.
Кои се најиритирачките работи кои ги прават патниците во авионите?
Најмногу ме иритира кога за време на служењето на храната сакаат да одат во тоалет – можат да почекаат да заврши сервисот. Исто така, кога авионот ќе слета, уште не е ни стациониран на одреденото место, уште е во движење, а тие се веќе станати со куферите и се прави турканица во ајлот.
Дали стјуардесите имаат добри работни услови и до која возраст би можела да се замислиш да се занимаваш со оваа професија?
Работните услови се многу добри, имаме платено сместување и превоз. Би сакала да се занимавам со оваа професија до одредена возраст и сè додека не дојде ред да треба да оформам свое семејство.