Кристијан Шемко: „Се вратив во Македонија да одморам од напорната работа како ѕидар во Сиднеј, но пак се отселив“
- Детали
- недела, 29 септември 2024
„Во текот низ годините, поради носталгија и емоции за родниот крај, моите родители постојано нè ‘шетаа’ oд Австралија до Македонија и назад, но во Австралија одев на училиште...“, ја започнува својата приказна Кристијан Шемко за CRNOBELO.com.
Кристијан Шемко е Македонец роден во Австралија, кој со семејството постојано живеел на релација Австралија-Македонија, а во 2016-та година, на свои 25 години, и официјално донел одлука Македонија да му биде дом.
Сепак, оваа 2024-та поради низа околности тој се премислил и одлучил дека Австралија сепак е подобра опција за него, иако вели дека професијата ѕидарство, со која се занимава таму, е напорна работа.
Дел од своите искуства од животот во Австралија ги пренесува и на неговиот Инстаграм профил.
За одлуката за преселба во Австралија тој споделува за CRNOBELO.com:
Зошто се врати во Австралија?
Уфф.. од каде да почнам? Ајде вака, краток бекграунд за мене.
Моите баба и дедо (од двете страни) дојдоа да живеат во Австралија во 70-тите години од минатиот век. Тука се запознаа и моите родители и се земаа.
Kако помлади и тие израснале дел тука во Австралија, дел во Македонија.
Во текот низ годините, поради носталгија и емоции за родниот крај, моите родители постојано нè „шетаа“ до Македонија и назад. А и покрај тоа, многупати се селевме и низ Австралија во различни населби, градови и сл. Ние си го викаме тоа „It's our thing, the nomadic way of life“ (наш стил на живот - номадски).
Сепак, во Австралија одев на училиште на почетокот и имав многу другарчиња.
Имам спомени од концерти, од разни настани, од одење на кино и гледање холивудски филмови и дружење со братучедите.
Во Австралија имам чувство на глобалност. Чувствувам дека земјава има национален идентитет и дека вложува многу во безбедна и просперитетна иднина.
Токму тоа е една од причините зошто се вратив.
Меѓу другото, земјава навистина е убава. Има прекрасни места за сечиј вкус. Има сè што ќе посакаш, буквално. Да нарачаш нешто онлајн од каде било, ти стигнува за брзо.
Има најнови продукти да купиш од продавница. Не мора да чекаш вујко ти или другар ти да ги прати по другарката и да се моли да помине на царина незабележливо. Тука нема потреба од тоа.
Кога ние децата пораснавме, и ние по истата шема се селевме малку Австралија, малку Македонија. И, на крај, јас решив во 2016 година конечно да се преселам фул тајм во Македонија.
Во Македонија на почетокот беше убаво. Си имав заработено пари, а и малку сакав да одморам од напорната работа како ѕидар во Сиднеј. Па, се шеткав низ Европа си правев тури, шетав со пријатели, се забавував.
Се обидував нешто да работам. Па, отворив видео продукција, но не се пронајдов во тоа.
Потоа, семејно отворивме фарма за домашни продукти која работеше прилично добро, но и во тоа не се пронајдов баш. Но, стекнав големо искуство.
Последните 1-2 години некако почна сè да ми пречи. Дали беше до околината, дали беше до загадениот воздух, дали беше до мене, не знам.
Сметам дека стагнирав. Сметав дека можам од себе да направам нешто повеќе.
Многу е важно да напоменам дека кога дојдов во Македонија имав 25 години. Што значи сум имал други приоритети, најчесто глупости (како и поголемиот дел од младината).
Но, кога наполнив 33 години и кога доживеав една навистина стресна ситуација за мене, тогаш сфатив дека моите приоритети се промениле.
Одеднаш сфатив дека јас не се пронаоѓам некако во таа средина од аспект на тоа што многу работи не беа фер и некако гледав дека ситуацијата нема да се промени на подобро. Чувствував некоја тежина во мене.
Што работиш во Австралија и кои ти се идните планови?
Долго време се мислев што да работам, откако ќе пристигнам тука. Сепак, Сиднеј е меѓу најскапите градови на светот.
Се одлучив да почнам повторно како ѕидар. Да соберам некој денар што се вика и да видам понатаму што ќе правам.
Јас сум човек кој сака континуирано да се надградува и да стекнува нови вештини, па покрај ѕидарството, сакам да научам повеќе и за градежништвото бидејќи е многу ценета професија од која добро се заработува (како работник, бизнис инвеститор и слично).
Бидејќи имам АДХД и не ме држи место, имам и некои други замисли да работам 2-3 професии паралелно, со цел да го задржам фокусот и струењето.
Па, сакам искуството со фармерството и храната да го префрлам тука и да се обидам да заработам со тој занает и знаење.
Имам уште една долгорочна цел, но таа останува тајна и е сосема различна од погоре наведените.