Што е кето диета, колку е безбедна и кој не смее (ниту да помисли) да ја држи?
Кои се негативните ефекти на диетата?
Според Healthline, пред да почнете да ја држите оваа диета мора да земете неколку работи предвид и да се информирате и за негативните последици со коишто можете да се соочите.
Може да развиете „кето грип“
Наглата промена од јаглехидрати на масти во телото може да предизвика да почувствувате симптоми слични на грип, како главоболка, вртоглавица, гадење и замор – што се јавуваат како последица на дехидрирањето и дисбалансот во електролитите додека телото се привикнува на кетозата.
Иако често се случува симптомите да бидат краткотрајни, сепак се препорачува да бидете внимателни за време на целата диета и да консумирате храна богата со соли и електролити.
Може да ги преоптоварите бубрезите
Храната којашто содржи високо ниво на масти, која е од животинско потекло, е опасна затоа што може да предизвика појава на камења во бубрезите.
Тоа се јавува како последица на тоа што храната со животинско потекло предизвикува крвта и урината да станат позакиселени и се зголемува излачувањето на калциум во урината.
Исто така, диетата не се препорачува за луѓе кои имаат ослабени бубрези затоа што нема да бидат во можност да ги исфрлат насобраните киселини во организмoт.
Може да предизвика проблеми во дигестивниот тракт и намалување на бактериите во стомакот
Со оглед на тоа што драстично се намалува износот на внесени јаглехидрати, можно е да не можете да го внесете потребниот број хранливи влакна и тоа може да предизвика подуеност и констипација.
Исто така, влакната се клучни и за одржувањето на балансот на здрави бактерии во стомакот.
За да се спречи уништувањето на здравите бактерии во стомакот, неопходно е во исхраната редовно да внесувате чиа семе, кокос, брокула, карфиол и зелјест зеленчук.
Може да доведе до недостаток на одредени витамини
Според некои истражувања, кето диетата може да предизвика намалување на нивото на калциум, витамин Д, магнезиум и фосфор.
Може да предизвика опасно ниско ниво на шеќери во крвта
Оваа диета е особено опасна за луѓето што страдаат од дијабетес тип 1, затоа што може значително да го намали нивото на шеќери, па да ги доведе во состојба на хипогликемија, која потоа може да доведе до кома и смрт.
Кршливост на коските
Се верува дека оваа диета може да го влоши здравјето на коските затоа што значително се намалува нивото на минералите во телото.
Пред да почнете со кето диета или какви било нагли промени во исхраната, задолжително консултирајте се со лекар.
Б. С. Б. | Црнобело