Грешки во уредувањето поради кои домот ви делува „евтино“ и хаотично
Многу мала комода за телевизор, како и мешање на неколку различни стилови се дел од грешките во уредувањето со кои го уништувате изгледот на домот.
Уредувањето на домот навистина бара многу размислување, па нормално е да се направат и грешки.
Но, кога ќе утнете нешто големо, како гарнитурата, може да биде тешко да ја исправите грешката.
Затоа, погледнете кои грешки треба да ги имате предвид:
Мешате премногу стилови
Кога ви се допаѓаат неколку стилови, навистина е тешко да се одлучите за еден.
Сепак, немојте да пробувате да ги вметнете сите во една просторија бидејќи крајниот резултат најверојатно ќе биде „кич“ и ќе делува „евтино“.
Кога сакате да комбинирате неколку стилови, држете се до правилото 70/30 – 70% од целиот ентериер нека биде во еден стил, а со останатите 30% создајте контраст со некој друг стил.
Погрешно избрани завеси
Завесите имаат огромен удел во изгледот на просторијата и тоа не само поради дезенот, туку должината и висината на којашто се поставени.
Во некои простории, пак, воопшто не одговара да ставите завеси.
Секогаш е подобро да ги ставите завесите што е можно повисоко, до самиот таван, за просторијата да делува повисоко и попространо.
Осигурете се и дека добро ги покриваат прозорците бидејќи во спротивно ќе делуваат неуредно.
Бојата и стилот на завесите треба да одговараат со ентериерот – на пример, не можете да ставете раскошни, тешки драперии ако ентериерот е минималистички.
Доколку пред прозорците имате поставено мебел, како тросед или кревет за спиење, тогаш прескокнете ги завесите и ставете ролетни, како венецијанер.
Во просторот нема никаков контраст
Собата без контраст делува премногу монотоно, особено ако користите многу слични нијанси.
За да го освежите просторот, додајте перници или прекривач во контрастна боја.