Кои се најчестите проблеми со срцето (и може ли да ги спречите)?

Аритмија, инфаркт, атеросклероза – постојат многу проблеми кои можат да се јават со кардиоваскуларниот систем, но во повеќето случаи, можете и да ги спречите.

koi-se-najchestite-problemi-so-srceto-i-mozhe-li-da-gi-sprechite-01.jpg

Проблемите со срцето се најчестата причина за смрт, но добрите вести се дека во повеќето случаи не само што може да се регулираат, туку може и да се спречат.

Постојат разни проблеми кои можат да се јават со срцето и кардиоваскуларниот систем, од кои најчесто се причинети од лоши животни навики.

Некогаш, срцевите проблеми може да бидат и вродени.

Кои се најчестите кардиоваскуларни заболувања?

Аритмија

Аритмијата претставува неправилен ритам на срцето.

Постојат неколку видови аритмија, секоја со различен интензитет и степен на опасност.

Аритмијата може да биде причинета од други заболувања, како инфаркт или оштетување на срцето од инфаркт, проблеми со тироидната жлезда и одредени лекарства.

Атеросклероза

Атеросклерозата претставува состојба при која на артериите се таложат масти, холестерол и други супстанции.

Со текот на времето, овие наслаги можат да се стврднат и да го ограничат дотокот на крв.

Ова затнување на артериите може да се случи во кој било дел од телото, но е најсериозно кога е во близина на важен орган, како срцето или мозокот.

Во овие случаи, може да предизвика инфаркт или мозочен удар.

koi-se-najchestite-problemi-so-srceto-i-mozhe-li-da-gi-sprechite-02.JPG

Срцев застој

Како што кажува името, оваа состојба претставува ненадејно запирање на срцето.

При срцев застој, може да се прекине дотокот на крв до мозокот и другите витални органи, поради што може да се изгуби свест.

Срцевиот застој може да биде предизвикан од разни причини, како губење многу крв, алергиска реакција, предозирање, но некогаш и не може да се утврди точната причина.

Коронарна артериска болест

При оваа состојба, главните крвни садови кои водат до срцето се стеснети или блокирани, со што се намалува дотокот на крв до органот.

Најчеста причина за ова заболување е атеросклерозата, што ја спомнавме претходно.

koi-se-najchestite-problemi-so-srceto-i-mozhe-li-da-gi-sprechite-03.JPG

Дијабетес

Иако не би го поврзале со срцето, дијабетесот е заболување кое може да предизвика кардиоваскуларни болести.

Дијабетесот е состојба при која телото не лачи доволно инсулин за регулирање на нивото на шеќер во крвта.

Доколку не се третира, може да предизвика низа проблеми со здравјето, вклучувајќи инфаркт и мозочен удар.

Инфаркт

Инфарктот настанува кога на срцето му недостасува кислород поради блокирана артерија.

Кога артеријата е блокирана, дотокот на крв до срцето е ограничен, со што се намалува и количеството кислород што оди до органот.

Без кислород, срцевиот мускул почнува да умира и доколку блокадата не се третира, срцето сè повеќе се оштетува.

koi-se-najchestite-problemi-so-srceto-i-mozhe-li-da-gi-sprechite-04.JPG

Висок крвен притисок

Високиот крвен притисок е мошне честа појава и настанува кога крвта притиска на ѕидовите на артериите со поголема сила, на подолг период.

Поради ова, срцето треба да работи понапорно за крвта да може да циркулира низ телото.

Високиот крвен притисок е опасен бидејќи ако не се третира, може да ги оштети артериите и да предизвика цела низа проблеми.

Прееклампсија

Прееклампсијата претставува висок крвен притисок за време на бременост и во постпородилниот период, а може да има влијание и врз мајката, и врз бебето.

Обично се јавува по 20-тата недела, но може да се појави и во кој било период од втората половина на бременоста.

Почеста е во првата бременост.

Доколку не се третира, може да доведе до компликации и затоа е важно трудниците редовно да се консултираат со својот лекар.

koi-se-najchestite-problemi-so-srceto-i-mozhe-li-da-gi-sprechite-05.JPG

Мозочен удар

Мозочниот удар настанува кога се прекинува дотокот на крв до мозокот поради блокада или сериозно оштетување на артерија.

Штом не добива крв, мозокот може да се оштети.

Поради ова, важно е да се побара лекарска помош уште при првиот симптом на мозочен удар бидејќи колку подолго се чека, толку поголема станува штетата на мозокот.

Како да го намалите ризикот од срцеви проблеми?

Во повеќето случаи, проблемите со срцето може да се спречат или барем да се намали штетата што би ја предизвикале во иднина.

Неколку совети што ќе ви бидат од корист:

- Хранете се здраво – внесувајте повеќе свежа храна и ограничете го внесот на сол и мрсна храна, особено ако веќе имате проблеми со срцето или семејна историја на истите.

- Вежбајте – физичката активност ја подобрува ефикасноста на кардиоваскуларниот систем, го намалува холестеролот и го регулира крвниот притисок.

- Одржувајте оптимална тежина – вишокот килограми има влијание врз целокупното здравје, вклучувајќи го и срцето.

- Ограничете ги цигарите и алкохолот.

- Контролирајте го крвниот притисок и следете ги препораките на вашиот лекар.

- Ако имате дијабетес, примајте ја соодветната терапија.

- Доколку лекарот ви препише каква било терапија за кардиоваскуларниот систем, пијте ја според препораките.

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Симптоми на мини мозочен удар што не треба да ги игнорирате Минливиот исхемичен напад неретко е знак дека наскоро може да дојде до мозочен у...
7 знаци дека треба да посетите кардиолог Не се храните здраво и чувствувате болка во градите која се засилува со физичка ...
Што ќе се случи ако секоја вечер спиете помалку од 7 часа? Дебелеење, но и проблеми со кожата, како акни и црвенило – со што сè ќе се соочи...
Од тагата страдаат белите дробови, од стравот бубрезите – Како емоциите влијаат врз органите во тело... Според традиционалната кинеска медицина емоциите се длабоко поврзани со здравјет...
Како да го намалите крвниот притисок и какви компликации предизвикува ако не го контролирате? Не можете инстантно да го намалите крвниот притисок без помош од лекар. Но, може...
Здравствени проблеми со кои може да се соочите кога е многу жешко (и кога да одите на лекар) Дехидратација, осип на кожата, но и топлотен удар – кои се најчестите здравствен...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg