Симптоми на мини мозочен удар што не треба да ги игнорирате
Минливиот исхемичен напад неретко е знак дека наскоро може да дојде до мозочен удар и затоа е важно да можете да го препознаете. Со соодветна медицинска нега, можно е дури и да спречите мозочен удар.
Таканаречениот минлив (транзиторен) исхемичен напад во англиското говорно подрачје е познат и како мал или мини мозочен удар бидејќи честопати е знак дека наскоро ќе дојде до мозочен удар.
Симптомите на овој напад се слични како и на мозочниот удар, а се јавува поради кратка блокада на дотокот на крв во мозокот.
Минливиот исхемичен напад обично трае само неколку минути и не предизвикува долгорочна штета.
Но, и покрај ова, важно е да не го игнорирате бидејќи се претпоставува дека кај една од три личности, по нападот ќе се јави мозочен удар.
Во половина од случаите, мозочниот удар се јавува во период од една година од нападот.
На кои симптоми треба да обрнете внимание?
Проблеми со рамнотежа и слабост
Еден од најчестите симптоми на минлив исхемичен напад е чувствување слабост, заедно со проблеми со рамнотежата и вртоглавица.
Обично ова се забележува на едната страна од телото.
Проблеми со видот
Кога се случува нападот, може да се забележат проблеми, па и краткотрајно губење на видот во едното или двете очи.
Кај некои лица може да се јави и двоен вид.
Трнење на лицето
Покрај трнењето на лицето, може да се јави губење контрола на мускулите од едната страна на лицето.
Ова е како краткотрајна парализа на мускулите.
Иако обично при минливиот исхемичен напад се јавуваат и други симптоми, одете на лекар ако го забележите само овој симптом.
Чувство на слабост во раката
Ако одеднаш ви стане тешко да кренете нешто или да ја држите раката крената, можно е да имате минлив исхемичен напад.
И ова е симптом што обично се јавува на едната страна од телото.
Проблеми со говорот
Слично како кај мозочниот удар, кај лицата кои доживуваат напад можат да се јават тешкотии при зборување.
Можно е да им биде тешко да ги најдат соодветните зборови или, пак, да зборуваат неразбирливо.
Кога треба да одите на лекар?
Минливиот исхемичен напад е појава што никако не треба да ја игнорирате и ако забележите и само еден симптом, веднаш одете на лекар.
Иако нападот не е сигурен предзнак за мозочен удар, кога ќе добиете соодветен лекарски третман, значително ќе го намалите ризикот и ќе се спасите од сериозни здравствени проблеми.
Почитајте и: Кои се симптомите на мозочен удар и што да правите ако ги забележите?
Спирова С. | Црнобело