Што треба да знаете за 4-те видови пневмонија и кога станува опасна по живот?
Во зависност од што е предизвикана, пневмонијата може да се подели во четири основни категории, вклучувајќи вирусна и бактериска. Ако немате други проблеми со здравјето, со соодветна терапија препишана од лекар, мали се шансите да се соочите со компликации.
Во сезоната на настинки и грип, се зголемува и бројот на случаи со пневмонија.
Доколку не се третира, пневмонијата може да биде и животозагрозувачка, особено кај мали деца.
Колку видови пневмонија има и што треба да знаете за нив?
Што е пневмонија?
Пневмонијата е инфекција дишни патишта, поточно на алвеолите – малите празнини во белите дробови каде што крвта се ослободува од јаглеродните диоксид и го презема кислородот што го вдишуваме.
Оваа инфекција, која може да предизвикана од разни фактори, може да се придвижи и кон подлабоките делови на белите дробови.
Дел од симптомите што ги предизвикува пневмонијата се болка во градите, отежнато дишење, силна кашлица, но и чувство на замор.
Не можете сами да си дијагностицирате пневмонија, туку тоа треба да го направи лекар.
Обично лекарот ја дијагностицира пневмонијата со стетоскоп, но во некои случаи може да се направи и рендгенска снимка на белите дробови.
Кои се четирите видови пневмонија?
Постојат четири „главни“ видови пневмонија, класифицирани според причината – бактериска, вирусна, габична (фунгална) и болничка, односно пневмонија која се развила за време на престој во болница.
Бактериската пневмонија, која се смета за најчеста, е предизвикана од бактерии што значи дека може да се лекува со антибиотици.
Во повеќето случаи, терапијата со антибиотици им е од помош на пациентите и нема потреба од други третмани.
Вирусната пневмонија е поретка и може да биде предизвикана од разни вируси, како вирус на настинка, грип или ковид.
Симптомите што ги предизвикува обично се поблаги, налик на настинка.
Но, ако не се третира, вирусната пневмонија го ослабува имунитетот, па може да предизвика и бактериска инфекција.
Бидејќи вирусните инфекции не се лекуваат со антибиотици, не треба да ги пиете на своја рака ако се сомневате дека имате пневмонија, туку треба да одите на лекар.
Со вашиот лекар можете да разговарате и за вакцинација против грип и други вируси со што значително се намалува можноста за развој на пневмонија.
Габичната пневмонија е особено ретка и обично се јавува кај пациенти со веќе постоечки здравствени проблеми, како некоја автоимуна болест, примање хемотерапија и слично.
Оваа форма на пневмонија може да биде потешка и бара различен третман за секој пациент бидејќи треба да се земе предвид целокупната здравствена состојба.
Постои посебна категорија за пневмонија која се развила за време на болнички престој бидејќи овде пациентите може да бидат во контакт со други заболени.
Третманот на овој вид зависи од симптомите.
Зошто пневмонијата е опасна?
Проблемот со пневмонијата е тоа што ако не се третира, може да предизвика компликации и да се прошири.
Најголем ризик е тоа што може да ги оштети белите дробови поради што организмот нема да го добива соодветното количество кислород.
Истовремено, нетретираната пневмонија може да се прошири и на други делови од телото, односно околу белите дробови, но и да заврши во крвотокот.
А, од крвотокот, инфекцијата може да се прошири насекаде и во некои случаи да резултира и со смрт.
Дали некои луѓе се изложени на поголем ризик од пневмонија?
Според експертите, најголем ризик за пневмонија постои кај децата под петгодишна возраст, возрасните над 65-годишна возраст, како и луѓе со постоечки здравствени проблеми, како болести на срцето и белите дробови или ослабен имунитет.
Ризикот може да се зголеми и од дијабетес кој не се третира, пушење и пиење многу алкохол.
Важно е да знаете дека ако сте здрави, мала е веројатноста пневмонијата да се влоши доколу ја третирате.
Кои се знаците дека пневмонијата се влошува?
Ако ви дијагностицирале пневмонија и се лекувате дома, важно е да ги следите вашите симптоми.
Веднаш одете на лекар доколу:
- Имате треска која не поминува
- Чувствувате силна болка во градите
- Не можете да дишете правилно
Дури и ако симптомите не ви изгледаат како нешто страшно, секогаш е подобро да разговарате со лекар.
Прочитајте и: Специфична кашлица, поспаност, треска: Знаци кои укажуваат на пневмонија, a треба да ги знаете
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





