Што е мача и зошто е добро да се пие?
Мача е зелен чај во прав, кој е одличен за превенција од рак, а ги штити коските и мозокот. Прочитајте што претставува пијалакот кој стана вистински хит и кај нас и зошто голем број популарни личности како Бред Пит и Бела Хадид редовно го консумираат...
Сигурно сте слушнале за мача, пијалакот за кој голем број славни личности се фалат дека редовно го консумираат.
Бред Пит, Кајли Џенер, Гвинет Палтроу, Бела Хадид, Зендеја... Ова се само некои од славните личности што се пофалија дека редовно го консумираат пијалакот и помогнаа тој за брзо време да стане вистински хит.
Mача чајот брзо стекна популарност и денес не се консумира само во САД и Европа, туку и кај нас во Македонија.
Но, знаете ли што е мача и зошто е добро да се пие?
Мача е зелен чај во прав, кој се карактеризира со негорчливиот вкус и зелената жива боја, а се смета дека е најароматичната верзија на зелен чај.
Тој е направен од листови на јапонскиот зелен чај, но за разлика од ќесичките чај што се продаваат, мачата е направена од цели листови на растението, а се одгледува под сенка, со цел да се задржат што е можно поголем дел од здравите состојки.
Се смета дека мача е концентрирана верзија на зелен чај и дека е добар извор на антиоксиданси, кои нудат заштита на коските и мозокот.
Во Јапонија, овој чај традиционално се користи со векови и тоа најчесто при церемонии. Може да се консумира како топол или ладен пијалак.
Најчесто се приготвува, така што мача правот се прелева со топла или ладна вода и се меша.
Штити од појава на рак
Одамна е познато дека зелениот чај е добар за превенција од рак и докажано е дека кај лицата што редовно го консумираат, шансите за развој на болеста се значително помали од оние на луѓето што не го консумирале.
Помага за болести и го штити менталното здравје
Се верува дека мача може да помогне кај депресијата, но и симптомите поврзани од менопаузата.
Но, тука е важно да се напомене дека чајот треба да се консумира секогаш свежо подготвен и со помало количество прав, заради високото ниво на кофеин.
Помага за развој и подобрување на функцијата на мозокот
Кај лицата што се над 65 години, мача може да помогне за намалување на појавата на Паркинсонова болест и Алцхајмер, а се верува дека е одличен за подобрување на концентрацијата, зголемување на фокусот и способноста за решавање проблеми.
Ја подобрува плодноста кај мажите
Кај мажите што редовно го пиеле овој чај било забележано зголемување на бројот на сперматозоиди во семената течност и се смета дека за подобрување на плодноста, потребно е да се консумира чајот најмалку трипати неделно.
Го намалува холестеролот
Со редовно пиење на мача значително се намалува нивото на холестерол во крвта и се спречува негово таложење во артериите, со што се намалува и ризикот од срцеви заболувања.
Го намалува крвниот притисок
Кај луѓето што имаат проблеми со висок крвен притисок, зелениот чај, односно мача, може да помогне за регулирање на неговото ниво.
Тоа се должи на тоа што зелениот чај помага да се „опуштат“ крвните садови и да се подобри циркулацијата на крвта.
Го штити здравјето на коските
Пиењето зелен чај, кој е богат со антиоксиданси може да помогне при превенција од остеопороза и да се заштити трошењето на коските во повозрасното доба.
Помага при намалување на телесната тежина
Слилчно како и зелениот чај, и мачата може да помогне во намалувањето на телесната тежина, затоа што помага полесно да се стопат масните наслаги во телото.
Б. С. Б. | Црнобело