Кои се симптомите на цистит и можете ли да се лекувате сами?
Ако имате благи симптоми кои траат ден-два, можно е воспалението да помине само. Но, ако симптомите не поминуваат или стануваат поизразени, одете на лекар бидејќи циститот може да предизвика и инфекција на бубрезите.
Воспалението на мочниот меур, најчесто предизвикано од уринарна инфекција е познато како цистит.
Ова е често заболување, особено кај жените и предизвикува непријатни симптоми, а во некои случаи може да биде и опасно.
Па, важно е да можете да го препознаете, но и да го го спречите.
Што се инфекции на уринарниот систем?
Уринарниот тракт, или систем, е дел од организмот кој е одговорен за исфрлање на вишокот течност од крвта, односно нејзино филтрирање.
Инфекциите на овој систем се честа појава и можат да ги зафатат мочниот меур, бубрезите и мочниот канал.
Обично уринарниот систем не се „заразува“ од бактериите во урината, но некогаш тие завршуваат внатре и предизвикуваат инфекции.
Некогаш, инфекцијата се и од надворешни бактерии – на пример, можно е да се допрете со валкани раце.
Ако не се лекуваат, некогаш уринарните инфекции може да предизвикаат воспаление, вклучувајќи и цистит.
Што е цистит?
Цистит е воспаление на мочниот меур кое најчесто е предизвикано од уринарна инфекција.
Кај поблагите случаи, воспалението може да помине без третман, за неколку дена.
Но, постои можност циститот да води до инфекција на бубрезите, па не е препорачливо да се игнорира.
Истовремено, некои луѓе, од разни причини, може често да се соочуваат со воспалението и во тој случај ќе им треба подолготраен третман.
Кои се симптомите на цистит?
Симптомит е на цистит се слични со оние на уринарна инфекција, но можат да бидат поизразени.
Дел од најчестите вклучуваат:
- Печење или болка за време на мокрење
- Зачестена потреба за тоалет
- Урина која е маглива, со потемна боја или со силен мирис
- Болка во долниот дел од стомакот
- Чувство на замор
Кај мали деца, можат да се јават и симптоми како треска, намален апетит и повраќање.
Покрај уринарни инфекции, што друго предизвикува цистит?
Во некои случаи, воспалението може да биде предизвикан од:
- Секс
- Неправилно бришење по одење во тоалет, односно од назад кон напред (особено кај жени)
- Ставање тампон (обично со нечисти раце)
Цистит е почеста појава кај жените бидејќи аналниот отвор и мочниот канал се поставени поблизу.
Ова значи дека бактериите од аналниот отвор можат полесно да завршат во мочниот канал.
Како се третира воспалението и кога треба да одите на лекар?
Ако имате многу благи симптоми, додека да поминат, пијте повеќе вода и избегнувајте сексуални односи.
Но, ако симптомите не поминат за ден-два или се засилуваат, тогаш задолжително одете на лекар.
Бидејќи станува збор за бактериска инфекција, можно е да ви бидат препишани антибиотици.
За понатамошно лекување, секогаш слушајте ги препораките на лекарот.
Како да го намалите ризикот од цистит?
Ако често се соочувате со оваа појава, вашиот лекар ќе ви помогне да ја утврдите причината.
Притоа, можете и сами да преземете нешто:
- Користете нежни шампони и сапуни за гениталиите
- Избегнувајте седење во када
- Не се воздржувајте кога ви се оди во тоалет и секогаш целосно празнете го мочниот меур
- Пијте доволно вода
- Кога одите во тоалет, секогаш бришете се од напред кон назад
- Носете долна облека од памук и избегнувајте многу тесни панталони
Постои верување и дека сокот или чајот од брусница го намалуваат ризикот од цистит и уринарни инфекции воопшто, но засега нема доволно истражувања што го потврдуваат ова.
Слободно пијте сок од брусница ако сметате дека ви годи, но немојте да го користите како лек за цистит.
Спирова С. | Црнобело