Кои се симптомите на цитомегаловирус и на кој начин се пренесува?
Многу здрави луѓе не знаат дека во себе го носат овој вирус, а оние со ослабен имунолошки систем треба да бидат особено претпазливи и навремено да го третираат.
Цитомегаловирусот (ЦМВ) припаѓа на групата на херпес вируси и откако личноста ќе се зарази со ЦМВ, телото го задржува доживотно.
Повеќето луѓе и не знаат дека имаат цитомегаловирус, бидејќи ретко предизвикува проблеми кај здравите луѓе. Сепак, ако сте бремени или имате ослабен имунолошки систем, ЦМВ е причина за загриженост.
Жените кои развиваат активна ЦМВ инфекција за време на бременоста, може да го пренесат вирусот на своите бебиња, кои потоа може да имаат симптоми.
За луѓето кои имаат ослабен имунолошки систем, особено оние кои имале трансплантација на орган, матични клетки или коскена срцевина, ЦМВ инфекцијата може да биде фатална.
Овој вирус се шири од човек на човек преку телесни течности, како што е крв, плунка, урина, сперма и мајчино млеко. Не постои конкретен лек, можат да се третираат симптомите.
Симптоми на цитомегаловирус
Повеќето здрави луѓе кои се инфицирани со ЦМВ може да немаат никакви симптоми, а некои имаат мали.
Луѓето кои имаат поголема веројатност да искусат знаци и симптоми на ЦМВ се:
- Новороденчиња кои се заразиле со вирусот пред да се родат.
- Доенчиња кои се инфицираат за време на раѓањето или потоа (бебиња инфицирани преку мајчино млеко).
- Луѓе кои имаат ослабен имунолошки систем, како они кои имале трансплантација на орган, коскена срцевина или матични клетки или оние кои се заразени со ХИВ.
Симптоми на цитомегаловирус кај бебиња
Следниве знаци и симптоми се почести кај бебињата кои имаат вроден ЦМВ:
- Предвремено породување
- Ниска родилна тежина
- Жолта кожа и очи (жолтица)
- Зголемен црниот дроб и негова намалена функција
- Виолетови дамки на кожата и/или исип
- Пневмонија
- Напади
Луѓе кои имаат ослабен имунитет
Ако имате ослабен имунолошки систем може да добиете нова ЦМВ инфекција или да имате претходна инфекција која се реактивира кога вашето тело веќе не е во состојба лесно да се бори со неа.
Симптомите зависат од тоа кој дел од вашето тело е инфициран со вирусот и може да вклучуваат:
- Треска
- Замор
- ЦМВ пневмонитис (отежнато дишење, кашлица, болки во мускулите, слабост)
- ЦМВ ретинитис (заматен вид или губење на видот)
- ЦМВ гастритис или колитис (болка во стомакот, крв во изметот, гадење, повраќање, дијареја)
- ЦМВ енцефалитис (напади, главоболки, конфузија)
ЦМВ кај здрави возрасни лица
Како што веќе споменавме, повеќето луѓе кои се инфицирани со ЦМВ, а кои инаку се здрави, имаат малку или воопшто немаат симптоми.
Кога првпат се инфицирани, некои возрасни може да имаат симптоми слични на заразна мононуклеоза, вклучувајќи:
- Замор
- Треска
- Болки во грлото
- Болки во мускулите
Како се добива ЦМВ?
ЦМВ може да се пренесе од телесните течности на личност која е заразена, како плунка, урина, крв, мајчино млеко, сперма.
Вообичаените начини на кои ЦМВ се пренесува од човек на човек се:
- Директен контакт со урина или плунка
- Преку секс
- Преку доење
- Трансфузија на крв или трансплантација на орган
Како се дијагностицира ЦМВ?
За да се дијагностицира ЦМВ, лекарот може да побара да направите тестови на крвта, тестови на урина или тестови на плунка.
Ако сте личност со ослабен имунолошки систем и се сомневате дека имате ЦМВ, не посегнувајте кон ништо на своја рака и уште веднаш обратете му се на вашиот лекар на кој ќе му ги кажете симптомите и ќе ја добиете потребната здравствена нега/
М. Ѓ. | Црнобело / фото: freepik.com