Кои се симптомите на гестациски дијабетес и што ако не се третира?
Гестацискиот дијабетес се појавува во бременоста, а најчесто по породувањето, шеќерот во крвта ќе се врати на вообичаеното ниво. Сепак, не би требало да се игнорира.
Гестацискиот дијабетес е дијабетес кој е дијагностициран за првпат за време на бременоста.
Гестацискиот дијабетес предизвикува висок шеќер во крвта, што може да влијае на вашата бременоста и на здравјето на вашето бебе.
Иако секоја компликација од бременоста е загрижувачка, сепак, добрата вест е тоа што може да си помогнете при контрола на гестацискиот дијабетес така што ќе консумирате здрава храна и, доколку е потребно, лекови.
Ако имате гестациски дијабетес, генерално шеќерот во крвта се враќа на вообичаеното ниво веднаш по породувањето.
Но, ако сте имале гестациски дијабетес, имате поголем ризик да добиете дијабетес тип 2, па ќе треба почесто да правите проверки и да ги следите промените на шеќерот во крвта.
Што треба да знаете за гестацискиот дијабетес?
Симптоми на гестациски дијабетес
Што се однесува до симптомите, најчесто гестацискиот дијабетес не предизвикува забележителни знаци или симптоми.
Сепак, некои жени може да развиваат симптоми, како што се:
- Зголемена жед
- Потреба од почесто мокрење
- Сува уста
- Замор
- Заматен вид
- Чешање на гениталиите
Но, некои од овие симптоми се вообичаени за време на бременоста и не се нужно знак за гестациски дијабетес.
Затоа, ако сте загрижени за какви било симптоми кои ги искусувате, разговарајте со вашиот матичен лекар.
Кој има ризик за развивање на гестациски дијабетес?
Секоја жена може да развие гестациски дијабетес за време на бременоста, но, имате зголемен ризик ако:
- Имате над 40 години
- Претходно сте имале бебе кое тежело 4,5 килограми или повеќе
- Сте имале гестациски дијабетес во претходната бременост
- Еден од вашите родители или браќа/сестри има дијабетес
Ако се пронаоѓате во некоја од наведените точки, тогаш потребно е да испитате гестациски дијабетес.
Како гестацискиот дијабетес може да влијае на вашата бременост?
Повеќето жени со гестациски дијабетес имаат нормална бременост со здрави бебиња.
Сепак, гестацискиот дијабетес може да предизвика проблеми како што се:
Бебето да расте повеќе од вообичаено. Тоа може да доведе до тешкотии за време на породувањето и ја зголемува веројатноста за индуцирано породување или царски рез.
Премногу амнионска течност. Ова може да предизвика предвремено породување или проблеми при породувањето.
Предвремено породување. Породување пред 37 недела од бременоста.
Прееклампсија. Состојба која предизвикува висок крвен притисок за време на бременоста и, доколку не се лекува, може да доведе до компликации во бременоста.
Како се третира гестацискиот дијабетес
Нивото на шеќер во крвта може да се намали со промена на исхраната и, доколку сте во можност, да бидете поактивни.
Нежни активности, како пешачење, пливање или пренатална јога, може да ви помогнат да го намалите шеќерот во крвта.
Секако, пред да започнете активност која не сте ја правеле досега, консултирајте се со вашиот лекар.
Меѓутоа, ако промените во стилот на животот не го намалат доволни нивото на шеќер во крвта, ќе треба да земате и лекови. Може да ви бидат препишани таблети или инсулински инјекции.
Исто така, повнимателно ќе бидете следени за време на бременоста и раѓањето, за да проверите дали имате потенцијални проблеми.
Ако имате гестациски дијабетес, најдобро е да се породите пред 41 недела. Може да ви се препорача индукција на породување или царски рез, доколку породувањето до овој момент не започне природно.
Исто така, доколку постои загриженост за вашето или здравјето на вашето бебе, или ако нивото на шеќер во крвта не е добро контролирано, може да ви се препорача порано породување.
Секогаш е најдобро да се консултирате со вашиот лекар и ако забележувате промени кои ве асоцираат на гестациски дијабетес, веднаш да го консултирате вашиот лекар кој ќе ви ги направи потребните испитувања и ќе ви ја даде потребната нега.
М. Ѓ. | Црнобело / фото: freepik.com