„Инсомнијата ми го уништи животот - ова е ужасен проблем, верувајте ми“
„Кулминацијата дојде во 2017 година. По обична вечера со пријатели, останав будна цела ноќ. И оваа ноќ беше старт на една пеколна година за мене. Не спиев воопшто или максимум 4 часа на ноќ, почнав да имам главоболки, конфузност во главата и изгубив апетит...“
Џени Бенџамин (48) од Велика Британија, мајка и сопруга, вели дека добриот сон за неа е луксуз и дека инсомнијата ја мачи од 18-тата година.
Нејзината исповед за магазинот „Metro“ гласи:
„Часот е 2:53 по полноќ, а јас сум комплетно будна.
До мене мојот сопруг нежно ‘рка. Чувствувам бес, можам да заплачам.
Уште од 18-тата година добриот ноќен сон за мене е луксуз. Веќе децении се борам со инсомнија.
Сето тоа започна во факултетските денови. Ноќта пред мојот прв испит, колку и да се обидував, не можев да заспијам, a тоа што само погледнував во часовникот и броев уште колку часа ми преостанале за спиење, само ја влошуваше ситуацијата.
Тоа продолжи и со идните испити и сфатив дека неспиењето влијае на секој аспект од мојот живот и морам да побарам помош од професионалец.
Мојот доктор ми дијагностицираше инсомнија, нарушување во спиењето, сфати дека кај мене има неможност да заспијам, дури и кога сум уморна.
Ми препиша апчиња за спиење, кои ми помагаа побрзо да заспивам, плус да не се будам во текот на ноќта, како и апчиња против анксиозност, за да не се грижам што не можам да заспијам.
На почетокот и двете имаа позитивно влијание врз мене.
Но, ваквите лекарства се препишуваат само за одреден временски период, а мојот проблем, за жал, беше сè само не привремен.
Во текот на наредните 14 години постојано почнував и прекинував со лекарствата, затоа што не ми требаа цело време.
Но, кулминацијата дојде во 2017 година.
По обична вечера со пријатели останав будна цела ноќ. Ниту јадев, ниту пиев премногу, па тоа не беше тригер. И оваа ноќ беше старт на една пеколна година за мене.
Спиев или воопшто или максимум 4 часа на ноќ, почнав да имам главоболки, конфузност во главата и изгубив апетит. Ми падна нивото на енергија и го откажав членството во фитнес центарот, затоа што се чувствував преуморно.