Како да ја отстраните водата од увото без да предизвикате инфекција (и кога да одите на лекар)?
Влегувањето вода во увото е честа појава, но ако не сте внимателни, можете да си создадете проблеми. Па, како безбедно да ја отстраните?
Без разлика дали пливате во базен, езеро, море или се туширате подолго време, влегувањето вода во увото не е нешто невообичаено.
Сепак, важно е да знаете дека треба да внимавате кога ја отстранувате бидејќи некои методи можат да ја влошат ситуацијата, па дури и да предизвикаат инфекција.
Како безбедно да ја отстраните водата од увото и кога да одите на лекар?
Како да ја исчистите водата од увото?
За безбедно да ја исчистите водата од увото, без да предизвикате дополнителни проблеми, пробајте ги овие методи:
Протресете го увото. Тресењето на главата на страна може да ви помогне да се ослободите од водата во увото. Навалете ја главата во надолна насока (увото полно со вода да ви биде свртено надолу), фатете ја ушната школка и нежно протресете ја.
Легнете на страна. Друг вообичаен начин за отстранување на водата од увото е едноставно да легнете и да дозволите гравитацијата да го направи своето. Ова е побавен метод и може да потрае неколку минути.
Користете капки за уши. Употребата на капки за уши е исто така ефикасен начин за да ѝ помогнете на водата да излезе од вашето уво. Постојат два различна вида капки за уши што може да ги користите во оваа ситуација: капки водород-пероксид и капки на база на алкохол.
Капките водород-пероксид се добри за чистење на остатоците и ушната маст (што може да ја остави водата „заробена“), а капките на база на алкохол се добри за намалување на влагата во увото.
Што не смеете да правите и во кои случаи треба да посетите лекар?
Ако овие методи не се веднаш ефективни, бидете трпеливи и обидете се повторно.
Никако не ставајте ги прстите во увото затоа што на тој начин може да ја туркате водата подлабоко, да го повредите ушниот канал или да го пробиете ушното тапанче.
Со ова исто така ризикувате да внесете бактерии во вашиот ушен канал, при што може да си предизвикате инфекција.
Исто така, не треба да ставате повеќе вода со намера да го „измиете“ увото.
Ако ситуацијата не ви се подобри за околу еден до три дена, тогаш треба да посетите лекар специјалист. Водата во увото може да предизвика инфекција, која бара медицинска нега.
Ако чувствувате болка која не поминува или сте дополнително загрижени, не чекајте и уште веднаш консултирајте се со лекарот кој ќе ви направи преглед и ќе ви даде инструкции за тоа како да постапите понатаму.
М. Ѓ. | Црнобело / фото: freepik.com