Лимон наместо антиперспирант - Нов бизарен ТикТок тренд (и зошто е опасен)
Според дерматолозите, лимонот може да ја иритира нежната кожа под пазувите, но да предизвика хиперпигментација, односно потемнување. Нов бизарен, но и опасен тренд стана популарен на социјалните мрежи
Антиперспирантите се продукти без кои повеќето не можеме да си го замислиме животот.
Но, некои луѓе не смеат да ги користат стандардните антиперспиранти, најчесто поради здравствени проблеми.
Денес на пазарот постојат некои алтернативи кои можеби немаат одредени состојки или се „поприродни“, но фитнес тренерка од САД тврди дека нашла уште поприродна замена.
34-годишната Челси Плесант во Инстаграм видео открива дека наместо антиперспиранти и слични продукти, користи најобичен лимон.
Во периодот кога била бремена со второто дете, Челси имала проблем со прекумерно потење, па еден од клиентите во теретаната ѝ предложил да проба лимон.
Според неа, лимонот бил толку ефикасен, што оттогаш не ни помислила да користи друг продукт.
„Некои луѓе мислат дека сум луда, некои луѓе сакат да пробаат. Мојот сопруг, Камерон, мисли дека сум како хипик – чудно му е кога ќе извадам сад со парчиња лимон и ќе почнам да се тријам под пазувите.
Воопшто не мирисам (на пот). Функционира одлично. Не сум имала некои несакани ефекти, освен ако не го нанесам веднаш по бричење, тогаш малку ме пече.
Имам теорија дека цитрусната киселина ги убива бактериите што предизвикуваат лош мирис“, вели Челси.
Таа додава дека не користи „обични“ антиперспиранти уште од првата бременост и пробала разни алтернативи, но лимонот се покажал како најдобар.
„Нанесувам наутро, пред вежбање, и потоа уште еднаш по туширање и немам никакви несакани ефекти“, тврди Челси.
Во коментари, мислењата на следбениците се поделени.
Некои велат дека би го пробале трикот:
„Мајка ми е од Мексико и го користи овој трик“.
„Овој трик навистина функционира и многу го користат на Филипините“.
„Дефинитивно би го пробала“.
Сепак, други сметаат дека е дури и опасен:
„Со ова си ги изгорев пазувите кога имав 14 години и сега имам дамки на нив“.
„Но, ако излезеш на сонце ќе ти изгорат пазувите! Цитрусното овошје и сонцето не се добра комбинација!“
„Чувствувам болка на пазувите само што го гледам видеото“.
Слични видеа споделуваат и бројни други жени на Инстаграм и ТикТок кои велат дела лимонот е подобра опција од антиперспирантите.
Што велат дерматолозите за користењето лимон како антиперспирант?
Кожата под пазувите е мошне нежна, додека киселината од лимонот може да ја иритира.
„Лимоните можат привремено да го намалат лошиот мирис од пазувите, а цитрусната киселина може да ги убие бактериите кои го предизвикуваат мирисот.
Но, антиперспирантите и дезодорансите се подобра и побезбедна опција од лимоните“, вели д-р Гита Јадав за веб-сајтот Shape.
Друга докторка – Витни Бау – објави видео на ТикТок во кое зборува за опасностите од овој тренд.
„Лимоновиот сок има рН вредност помеѓу 2 и 3, што е многу кисело. Може да предизвика хиперпигментација под пазувите“.
За магазинот Body and Soul, слична изјава дава и д-р Кетрин Армоур.
„Постои голема опасност лимоновиот сок да предизвика иритација и воспаление. Иритацијата може да предизвика хиперпигментација, односно потемнување на пазувите, што е многу тешко да се третира.
Дури и ако нема промени во бојата на кожата, може да добиете осип налик на егзема ако користите лимонов сок“.
Што значи, ако сакате да го пробате лимонот како антиперспирант, задолжително консултирајте се со дерматолог.
Спирова С. | Црнобело