„Засрамувачки“ (и непријатни) симптоми под пазувите кои не треба да ги криете од лекарот
Интензивниот непријатен мирис кој не е вообичаен за вас може да укажува на проблем со здравјето, некогаш и дијабетес.
Пазувите се дел од телото каде што има многу лимфни, но и потни жлезди.
Бидејќи се влажно и топло место, овде полесно се развиваат бактерии, па хигиената на овој дел од телото е особено важна.
Исто важно е и внимателно да ги следите промените на вашите пазуви бидејќи тие кажуваат многу за здравствената состојба.
Симптомите како непријатен мирис и интензивно потење можеби ги сметате за засрамувачки и не би сакале да ги дискутирате, но сепак се нешто што не треба да го криете од вашиот лекар.
Шест симптоми кои се јаваат под пазувите и не треба да ги игнорирате:
Постојано чешање
Повременото чешање под пазувите е нормална појава и може да се јави веднаш по бричење или ако сте се испотиле повеќе.
Сепак, ако чешањето трае долго, не би требало да го игнорирате.
Некогаш ова може да е од алергиска реакција од антиперспирант или друг продукт кој првпат го користите.
Во некои случаи, причината може да биде и бактериска или габична инфекција за која е препорачливо да се консултирате со лекар.
Интензивен непријатен мирис
Непријатниот мирис под пазувите, за жал, е нормален бидејќи од оваа област се потиме повеќе и лесно се акумулираат бактерии.
Сепак, ако чувствувате непријатен ирис и откако ќе се истуширате, добро би било да се консултирате со лекар.
Некогаш интензивниот и невообичаен непријатен мирис може да укажува на проблем со тироидната жлезда или, пак, хормонална промена.
Ако, пак, мирисот е „остар“, како хемикалија (или лак за нокти), тоа може да биде знак дека вашето тело не го разградува шеќерот како што треба.
Некогаш може да биде знак и за дијабетес.
Па, ако забележите дека потта ви мириса поразлично, препорачливо е да одите на лекар.
Израстоци
Не мора веднаш да паничите ако забележите мал оток или израсток под пазувите.
Овде се наоѓаат многу лимфни жлезди кои некогаш може да отечат, обично ако сте настинати.
Но, доколку овој оток трае подолго од неколку денови, одете на лекар бидејќи може да биде знак за некое посериозно заболување.
Осип и црвенило
Поради влажноста, црвенилото и осипите не се така ретка појава под пазувите, особено во лето.
Црвенилото и осипот може да бидат предизвикани од многу топло време или некаква алергиска реакција.
Сепак, ако ретко се соочувате со ваков проблем и одеднаш го забележите, консултирајте се со дерматолог кој ќе ви даде соодветна терапија.
Болка
Најчесто болката под пазувите е поради некој мускул.
Ако, на пример, сте кревале нешто тешко или сте вежбале поинтензивно од вообичаено, мускулите ќе се воспалат и може да чувствувате болка и под пазувите.
Но, доколку болката е многу силна и не поминува, тоа може да биде знак за проблем со некоја лимфна жлезда, воспаление и слично, па не ја игнорирајте.
Прекумерно потење
Потењето во текот на денот е сосема нормално и сите се потат повеќе кога е топло или по физика активност. Сепак, прекумерното потење под пазувите, дури и кога сте во мирување, може да укажува на некој здравствен проблем.
Спирова С. | Црнобело