Како да познаете дали имате депресија и како можете да си помогнете?
Депресијата е нарушување кое предизвикува чувства на очај, тага и безнадежност и го попречува нормалното функционирање. Но, важно е да знаете дека со соодветна терапија, депресијата се лекува. Што треба а знаете за ова (често) нарушување?
Депресијата е често, но мошне сериозно нарушување.
Доколку не се третира, депресијата може да го попречи секојдневното функционирање и да биде причина за појава на суицидни мисли, па и самоубиство.
Депресијата не е само тага и е поразлична од тоа само да се чувствувате лошо. Депресијата е сериозно нарушување кое предизвикува чувства на очај и безнадежност кои можат да траат со години доколку не се лекува. Во најлоши случаи, депресијата може да биде и причина за самоубиство.
Поради стигмата околу проблемите со менталното здравје, многу луѓе кои имаат депресија воопшто не бараат помош.
Но, важно е да знаете дека ова е нарушување кое се лекува, без разлика колку безнадежна ви изгледа вашата сегашна ситуација.
Што треба да знаете за депресијата?
Колку видови депресија постојат?
Постојат неколку видови депресија кои се развиваат од разни причини.
Дел од најчестите се:
Клиничка депресија која е придружена со симптоми кои траат најмалку две недели.
Дистимија – депресивно нарушување каде што симптомите се поизразени и траат подолго, обично барем две години.
Перинатална депресија која се јавува за време на или по бременост.
„Сезонска“ депресија која се јавува во зависност од годишните времиња. Обично симптомите се јавуваат во доцна есен и рана зима, а се повлекуваат во пролет и лето.
Депресија со симптоми на психоза е посериозен вид на депресија каде што личноста чувствува и симптоми како халуцинации.
Депресивните епизоди можат да се јават и кај лица со биполарно нарушување.
Зошто се јавува депресијата?
Како што веќе спомнавме, постојат разни причини за појава на депресија.
Не е познато што точно ја предизвикува, но обично станува збор за збир од неколку фактори.
Биолошки разлики: Некои истражувања покажале дека луѓето со депресија имаат физички промени во мозокот. Не е познато за колкави промени станува збор.
Мозочна хемија: Се верува дека невротрансмитерите во мозокот имаат некаква улога во појавата на депресија. Некои истражувања покажуваат дека промените во функцијата на овие невротрансмитери може да има влијание врз расположението, а со тоа и појавата на депресија.
Хормони: Хормоналните промени, кои можат да настанат поради бременост, проблеми со тироидата, менопауза и бројни други состојби, имаат влијание врз расположението, а со тоа и врз појавата на депресија.
Гени: Депресијата е донекаде наследна. Односно, почесто се јавува кај луѓе кои имаат семејна историја на депресија. Засега уште не е познато за кои гени станува збор.
Постојат и здравствени проблеми кои предизвикуваат симптоми на депресија – како проблеми со тироидната жлезда, тумор на мозокот и слично – па важно е да се консултирате со лекар.
Некогаш и нарушувањата како анксиозност можат да предизвикаат депресија, исто како и животните околности – сиромаштија, трауматичен настан и слично.
Кои се симптомите?
Интензитетот на симптомите на депресија варира.
Дел од симптомите вклучуваат:
- Чувство на тага и депресивно расположение
- Недостаток од интерес за активности кои претходно причинувале задоволство
- Промени во апетитот – нагло слабеење или дебелеење
- Проблеми со спиењето или претерано спиење
- Забавено движење и забавен говор или раздразливост и неможност да седите мирни, постојано мрдање со ногата и слично
- Чувство на безвредност и вина
- Проблем со размислување, концентрација и донесување одлуки
- Мисли за смрт или самоубиство
За да се дијагностицира депресија, симптомите треба да траат најмалку две недели и да го попречуваат секојдневното функционирање.
Кој е изложен на поголем ризик од депресија и колку е честа?
Се претпоставува дека секоја година околу 6,7% од населението страда од депресија.
Истовремено околу 16,6% од луѓето барем еднаш во животот ќе се соочат со депресија.
Нарушувањето може да се јави во кој било период од животот, но најчесто е во доцните тинејџерски години и 20-тите години од животот.
Има повеќе жени пациенти со депресија, но се претпоставува дека причината за ова е тоа што мажите поретко бараат помош.